Стигма прошета по Широк Сокак

 

 

Марко Јосифовски, функционер во ВМРО ДПМНЕ од Битола, се стави во функција да го брани градот под Пелистер од дојденците кои сакаат да донесат епидемија. Случајот сакаше истиот ден Битола да добие свои „автохтони“ носители на корона вирусот 

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Претседателот на Унијата на млади сили од Битола, Марко Јосифовски, неодамна на својот Фејсбук профил објави дека повратници од Малта се сместуваат во државен карантин во центарот на градот Битола, во кој, како што напиша, нема ниту еден случај на заразен. Објавата беше придружена со фотографии од автобусите и со фрази како „Господ нека ни е напомош“. Иако се обиде да го оправда својот статус со загриженост за локацијата на карантинот, сепак, потегот е класичен пример за ширење паника, намерно или не.

 

СПИН:

Во овие моменти, два автобуси со повратници од Малта се сместуваат во хотел Епинал, во карантин. Да, вистина е, не е мајтап, во град без ниту еден заболен, се носат во градот Малтежанци повратници. Битола станува потенцијално ново жариште.

Господ да ни е на помш, од толку места вие карантинот го поставивте во центарот на градот.

Честитки, браво. Честитки и за коритото на влезот од градот. Се надевам дека и ова е некој пранк на паранкерот Ритко Мадафака.

На ова поставување своевиден „одговор“, според порталот на неделникот Фокус имало 347 реобјави (споделувања) и изразувања на согласност со неговите ставови.

По неколку часа, Јосифовски објави нов статус, веројатно заради фактот дека имало и спротивни реакции во јавноста.

Значи да повториме: Никој не ги мрзи луѓето шо дојдоа, проблемот е во локацијата. Народо не се буни оти ќе живеат во „луксуз“ 2 недели, туку зато што ќе биат сместени в центар! Во текот на денот то е најфрекфентна локација дуи и во ова корона време. Во радиус од 300 метри банки институции, дуќани и други објект шо работат дење. Шо ако еден од нив е заразен:  Во најпрометниот дел од градо ќе имаме 50 потенцијално заразени!!?? Шо ако еден од нив стане „клаустрофобичен“  и му текни да ја кидни низ корзо како во Штип? Вреди да се ризикува? Сите тие готвачи, полиција, вработени во Епинал и кој да има контакт со нив ќе треба да го поминва Корзо 2-3 пати во денот… значи уште еднаш… не ги мразиме луѓето тие се наши сограѓани, треба да им се помогни и да се згрижат ама локацијата е прелошо избрана, полошо од ова е само ако ги сместат во КАМ или ВЕРО… Господ нека ни е на помош. (Марко Јосифовски)

[Извор: Фокус/ФБ, датум: 29 март 2020]

 

КОНТРАСПИН:

Функционерот на споменатата партија без сомнение со својата објава имал за цел да го „заштити јавното здравје“ преку стигма кон лицата, кои власта, во рамки на својата кризна политика, се обидува да им обезбеди привремено сместување. Притоа, во својата објава тој прави поделби меѓу „нас“ и „нив“, што е класично создавање на „ринг ситуација“, кога јавноста, сега на локално ниво, треба да започне да изразува негативни емоции и отфрлување на дојденците. Изразот Малтежанци (со голема почетна буква, што им дава на оние во карантинот „статус на државјанство“) го изразува ставот дека навистина се работи за туѓинци, односно го нагласува нивното наводно натрапништво, дури и има акцент на тоа дека некој (државата) ги носи во некаква лусксуз ситуација, макар таа да е ставена во ракавички, но во свеста на дел од јавноста таа се прима во целиот контекст како додатен мотив за огорченост.

Вториот контраст се прави врз основа на фактот дека Битола е град без регистриран заболен од корона вирусот, а може да стане ново жариште, што е пак една контрапунктна ситуација „здраво-заразено“! Дури и опремата на објавата со фотографиите од автобусите, кои ноќе доаѓаат пред хотелот, како во некоја тајна акција, изразите „бог нека ни е на помош“ се во функција на споменатите намери на авторот.

Таа објава на став на функционерот, јасно, внесува немир кај читателите и во крајна линија може да не води кон паника, една казнива интенција во вонредна ситуација, во која се наоѓаме.

Откако првото објаснување од градските власти, пред сѐ, она на градоначалничката Наташа Петровска внесе некои нови елементи во атмосферата што ја создаде споменатиот младински раководител, која укажа дека ниту Битиола не е без сигнали дека веќе ја има корона (тоа патем се покажа истиот ден, попладнето, дека во градот има поединци со позитивни брисеви), ниту се граѓаните толку дисциплинирани за со дотогашното однесување да не си ја повикуваат болеста дома.

Да се запрашаме, колкумина од нас биле надвор од Битола, колкумина биле во близина на вирусот?! Колкумина не ги почитуваа мерките на непотребно излегување и пиење кафе во локалите, наместо дома? Ова не е битка за етникум, партија, вера, ова не е битка на еден, на неколкумина, или на неколку семејства, ова е битка на сите нас.

Таа додаде дека ниту една локација не е подобра или полоша. „Вирусот не мирува заради локацијата. Вирусот можи да се победи само со нашето однесување, со контролирана изолација, избегнување на непотребни излегувања и почитување на протоколи и препораки што со еден збор се вика дисциплина“.

Во градот проструи и веста дека дојденците дури и во најголем дел се од Битола, дека тие или биле на работа во Малта и ја изгубиле работата или посакале во тешки времиња да си дојдат дома, што е нивно право, што не смее да им се оспори. Затоа, по четири часа, веројатно притеснет од сознанието дека прави стигма против сограѓани, идни гласачи, што за Јосифовски би била направена штета кон неговата „кауза“, објави нов статус, во кој порачува дека тие не ги мразат повратниците, тука дека проблем е само локацијата. Те дојденците можеле да избегаат од карантинот, да поминат низ Широк сокак каде има толпи луѓе (!), те можеле да ги заразат вработените во хотелот, а тие заразата да ја пренесат понатаму…Но, повторно порача: „Господ нека ни е напомош“.

Фактот што објавата повеќе ја нема на сајтот покажува дека без соодветно извинување од авторот се јаува обид да се игра на заборавање на напишаната пашквила, особено кога Битола се јави како центар на зараза без лицата од карнтинот да кивнат! Дури новите жители на „Епинал“ се под постојана лекарска контрола, бидејќи статусот на лица во карантин тоа и го претпоставува, многу поголема е таа лекарска грижа отколку кон обичните граѓани или оние кои евентуално чекаат по амбулнтите.

Ниту неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ, не најде за потребно јасно и гласно да се огради од својот функционер. Од неговото спинување на еден случај и создавање атмосфера на отпор кон владините политики, но и создавање омраза кон сите кои однадвор дошле во некој град. Да не заборавиме дека таа ситуација се повтори кога ден-два потоа се донесоа лица за во карантин, дојдени од странство со специјални авиони, а сместени во хотелот „Цар Самоил“ во Банско. Дописниците од Струмица јавија дека имало доста негативни реакции на социјалните мрежи на појавата на овие лица, сместени во хотелски карантин, па дури и дека имало лекари од локалната болница кои не сакале да го направат првиот прглед на дојденците! За ова има сведочење од нивниот директор.

Новинарите напишаа дека и тие лица во бели мантили (некаде се споменува само еден лекар) имале партиски книшки?! Имаме ли соочување со некаков необјавен идеолошки став? Имаме ли спин со дозвола „одозгора“?

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција