Има ли нешто правно издржано во одлуките на Уставниот суд и помилувањата на Иванов?

Збунетост и поголема збунетост: Иванов и Уставниот суд. Фото: претседател/уставен суд

Оживеаниот член од еден стар Закон од страна на Уставниот суд, кој подигна бран на незадоволства е неприменлив, бидејќи истиот не може да се „закачи“ за некој Закон. Тоа го објасни професорот Шкариќ, ама на тоа негово образложение малкумина обрнаа внимание. Сега, преку указите на претседателот на државата со една масовна аболиција се покажа како точна таа констатација, па претседателот мораше да се повикува на некои други „законски основи“ и прави фаули врз принципите на правната држава, констатира доцентот Беса Арифи

 

 

Оживеаниот член од еден стар Закон од страна на Уставниот суд, кој подигна бран на незадоволства е неприменлив, бидејќи истиот не може да се „закачи“ за некој Закон. Тоа го објасни професорот Шкариќ, ама на тоа негово образложение малкумина обрнаа внимание. Сега, преку указите на претседателот на државата со една масовна аболиција се покажа како точна таа констатација, па претседателот мораше да се повикува на некои други „законски основи“ и прави фаули врз принципите на правната држава, констатира доцентот Беса Арифи

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Последните денови на март беше официјално објавена одлуката на Уставниот суд со која на претседателот на државата му се дава „широка рака” во помилувањето на осудени за многу криминални дејствија, дури и за оние насочени против изборниот процес. Таа одлука беше донесена на 16 март во драматични околности, кога дел од јавноста протестираше заради политизацијата на прашањето на помилувањето од страна на Уставниот суд. Драматично беше и во самиот Суд – одлуката е донесена со мнозинство гласови, пет наспроти четири. Судот инаку донесе одлука за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година.

 

ОЖИВЕАН ЧЛЕН НА „МРТВО ТЕЛО“

Според професорот Шкариќ, ама и според логиката која тој ни ја откри, која е едноставна, ама била долго невидлива, бидејќи претпоставува стручно проникнување во коридорите на правото, власта со оваа одредба доби во рака законска одредба која ќе нема каде да ја стави! Тоа е како некој да сака да закачи палто во соба каде нема закачалка: во собата (во правниот систем) нема закачалка (закон) на која би се закачило вратеното решение од 2009 година. Тоа е она решение кое претходен состав на Уставниот суд го убил со укинување на 10 од 17 членови на Законот!

Грешката е во тоа што Уставниот суд мислел со укинување на законот од 2009 година дека сите одредби укинати од законот од 1993 година ќе оживеат. Меѓутоа, теориски и научно тоа не е возможно, бидејќи, еднаш веќе укинатата одредба станува мртва за секогаш. Неа може да ја оживее само Собранието преку нов закон. Тука Уставниот суд погреши и не успеа, не само да му отвори простор на шефот на државата да врши помилување, туку целосно ја блокира неговата постапка за помилување на било какво кривично дело затоа што од тој закон од 1993 година од 17 члена, 10 члена се видоизменети и еден член е избришан. Оние, пак, останати 6 члена што се во сила, се неподобни за поведување на постапка за помилување на било кое кривично дело. Згора на тоа, меѓу тие 6-7 одредби што останаа во сила има и една одредба, тоа членот 3, со која се превидува правото, кога е во прашање аболиција, постапката за аболиција да се води екс официо”, по службена должност, листата може да ја отвори само министерот за правда. Значи, без министер за правда шефот на државата не може ништо да направи. Тоа е втора бариера и на тој начин претседателот, всушност, останува без никакви ингеренции во сферата на помилувањето. Така што Уставниот суд со својата одлука постигна спротивен ефект ” – објаснува професорот Шкариќ во интервју дадено за Радио “Илинден”.

 

АБОЛИЦИЈА Е ЕДНО, А ПОМИЛУВАЊЕ – ДРУГО

Одлуката што ја донесе Уставниот суд е доста контрадикторна, смета професорот. Од една страна, Уставниот суд сакаше да му отвори простор на претседателот на Републиката да може да го користи правото на аболиција. Тоа е пошироко право од правото на помилување, напомена тој. Правото на помилување по самиот термин претставува некој да биде помилуван откако е осуден. Или, уште поточно поминал одреден период по затворите. Од друга страна, пак, аболиција значи да се ослободи еден граѓанин од гонење за сторено кривично дело. Значи, да се аболира, да му се прости стореното кривично дело, а тоа е веќе тежок облик на помилување кое е два пати искористено.

Сега Уставниот суд сака на некој начин да му отвори простор на сегашниот претседател да го прави истото што го правеле и неговите претходници, но, во меѓувреме во 2006 година со промена на власта, кога ВМРО доаѓа на власт заедно со ДПА, поучени од негативното искуство на двете претходни аболиции на предлог на владата на чие што чело е премиерот Груевски, покрена постапка за укинување на правото на аболиција и тоа право е укинато на претседателот. Така, со тој закон преседателот како шеф на држава не можеше на врши аболиција, тоа од едноставна причина, тоа беа зборовите на Груевски Ако преседателот на државата може да аболира одредени личности за сторено кривично дело тогаш може многу лесно да дојде до договор (дил) помеѓу претседателот на државата и тоа лице и на тој начин да ги делат бенефитите. Токму поради тоа и се укина и мислам дека е добро што се укина таа одредба, бидејќи, на тој начин помилувањето ги добива своите вистински рамки, а тоа значи дека шеф на држава може да помилува веќе осудени лица, а таков е и терминот, а тоа е и уставната смисла...“. Но, сега Уставниот суд под притисок на Специјалното јавно обвинитество и овие процеси што сега се одвиваат по обвинувањето на одредени министри од владата на Груевски за сторени кривични дела, кои се фаза на сомнеж, но СЈО побара и притвор за некои такви министри… “. (интервјуто интегрално може да се види тука).

 

КОЈ БРЗА, ГРЕШИ ДИБИДУЗ

Дали претседателот Иванов го искористи тоа право веднаш со општиот акт на де факто аболиција (има елементи и на помилување, бидејќи едно осудено лице е „извадено“ од затвор)? Сите коментари се во таа насока, но едно е првиот впечаток а друго е правниот основ кој претседателот со објавените укази си го дава во пресумпцијата на указите. За ова има интересна интроспекција на случајот Беса Арифи, доцент во областа на казненото право на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Нејзината суштинска забелешка на указите со кои помилува шефот на државата е дека Претседателот Иванов во своите одлуки се впикува на непостоечки правни одредби при помилувањето, смета доцентката. (да се види нејзниот текст поопширно тука)

Според Арифи, општата одлука на Претседателот Иванов да помилува 57 лица со 41 посебни одлуки за помилување донесени на ист ден, соопштени со крајно конфузно, правно недообработено и противречно јавно обраќање до граѓаните, е скандалозно од правен аспект, прво и основно, бидејќи, претставува противуставно и противзаконско постапување на шефот на државата за што се сноси и казнено-правна одговорност за конкретни казнени дела (член 353 и 369 од КЗРМ). Правната скандалозност на таквата одлука, или поточно кажано, одлуки, се сведува на повеќе материјални и формални проблеми поврзани со институтот на помилување и со наведените 41 одлуки за помилување.

Прво, Претседателот непростливо ги измешал институтите кои одредуваат ситуации во кои се дава амнестија, помилување или аболиција. Изгледа Претседателот многу одамна полагал казнено право па заборавил дека амнестијата е општ акт кој го донесува Собранието на РМ во форма на закон, додека пак помилувањето се дава поименично за конкретни казнени дела и според постапка определена со Законот за помилување. Таквата разлика не е спорна дури ни за Уставниот суд кој во својата фамозна Одлука за укинување на Законот за измена и дополнување на Законот за помилување во точка 5 истакнува – ‘помилувањето е поврзано со индивидуализација на сторителите на кривичните дела, а не со општо набројување на кривичните дела кои се елиминираат од помилувањето, бидејќи општоста е елемент на амнестија, а не на помилувањето‘.

Арифи, значи, укажува дека она на што се повикува Иванов, не е тоа што Судот му го дозволил, макар и со крајно проблематичната одлука, што го оди во прилог на она дека таа е – неприменлива!

 

АЈДЕ ДА ПОБАРАМЕ НОВ ПРАВЕН ОСНОВ

Второ, сите одлуки кои се објавени се повикуваат на истата правна основа: член 84 став 1 алинеја 9 од Уставот на РМ, член 1 и 11 од Законот за помилување од 1993 година, а во врска со член 114 став 1 на КЗРМ. Со оглед на тоа што во сите случаи се работи за Одлуки за помилување-ослободување од гонење без спроведување на постапка, јасно е дека членот 11 е клучна правна основа врз која се потпира секоја од истите одлуки. Арифи тука укажува дека пред да објасни зошто таквиот член е ништовен и со тоа самата одлука за такво помилување е ништовна, обрнува внимание на ситуацијата во која претседателот со овие одлуки го крши самиот член на кој се повикува, иако нема воопшто право да се повикува на истиот. Имено, во тој член 11, кој постоеше порано во Законот за помилување од 1993 година пишува:

„Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано”. Се вели по исклучок”!

Трето, вели таа, не е случајно што токму членот 11 од сите членови на Законот за помилување од 1993 година беше потполно избришан со Законот за измена и дополнување на Законот за помилување од 2009 година (другите членови беа само менувани). Таквата арбитрарност на одлуката на претседателот го става над судската власт и воспоставува ситуација во која нема никаков контролен механизам, со кој шефот на државата би бил спречен да не го злоупотреби правото на помилување. Во одлуката на Уставниот суд за укинување на ЗИД на Законот за помилување мнозинството на судиите кои гласале за одлуката, во ниеден дел на нивното образложение не се задржуваат на членот 11. (Тој член се спомнува во издвоеното мислење на четирите судии кои не ја потпишаа таа срамна одлука). Меѓутоа, и потписниците на издвоеното мислење се во заблуда дека, всушност, членот 11 се враќа во сила. Професорот Шкариќ во своите излагања од теоретски аспект образложи дека тоа не е така, дека Уставниот суд не може да оживее правни норми кои се претходно укинати со измени во законодавството – ги поврзува работите доцент Арифи.

Така, се дојде до она што е основ на стручните забелешки на операцијата „Уставен суд“ на власта, во подготовката на аболицијата за врвните луѓе на една партија и на власта која е обвинета за стотина кривични дела. Секако, заради просторот, тука ќе застанеме, иако за какафонијата со правниот систем и со одлуката на Уставниот суд и примената од страна на претседателот има уште многу да се говори. Натерани да се запрашаме – има ли нешто правно издржано во целата оваа претстава на Гошева и Иванов?

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција