Светлана Јакимовска: Новите мерки… за кои се издвоени 525 милиони евра, ќе обезбедат 4.000 вработувања

svetlana-jakimovska-640x320
Светлана Јакимовска, пратеничка

Како пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ги поздравуваме активните мерки на Владата на Република Македонија преку оперативниот план, во кои се најавени вработувања на над 4000 лица за 2014 година. Преку овие мерки ќе продолжи трендот на намалување на невработеноста односно Македонија конечно започна да се збогува со периодот во минатото во кој слушавме само за отпуштања од работа. Новите мерки кои ги предложи Владата на Република Македонија, за кои се издвоени 525 милиони евра ќе обезбедат нови 4000 вработувања, а со тоа и егзистенција на исто толку семејства

[Извор: Македонија 24 | Датум: 28.01.2014]

Образложение:

Во оваа изјава, ако само малку повнимателно се погледнат бројките, веднаш се гледа дека не е точна. Невозможно е да се потрошат толку пари – 525 милиони евра, само за 4.000 вработувања. Колку се 525 милиони евра станува јасно ако оваа сума се спореди со вкупните буџетски приходи од лани, кои изнесуваа 2,28 милијарди евра, или вкупните буџетски расходи од 2,49 милијарди евра (ако се додаде и буџетскиот дефицит од 311 милиони евра). Едноставно невозможно е само за овие 4 илјади вработувања да се потроши 23 отсто од вкупните годишни буџетски приходи или речиси една четвртина. Исто така, нелогично е 4.000 работни места да чинат толку многу пари. Ако се погледне оваа анализа, ќе се види дека странските инвеститори во Македонија, во 2011 година, со вкупни инвестиции од 102 милиони евра, најавија првични вработувања од 2.065 лица или по 49,5 илјади евра по работно место и тоа во ситуација кога овие инвеститори градат нови фабрики. Во овој случај, едно работно место би чинело над 131 илјада евра.

Ако се погледнат, пак, другите извештаи на оваа тема, од ден претходно, кога владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, за првпат ги најави овие мерки, веднаш се гледа дека станува збор за мерки за поддршка на вработувањето во износ од 525 милиони денари или 8,5 милиони евра.

Имено, како што може да се види од видео прилогот, пратеничката Јакимовска не говори од памет, туку чита однапред подготвен текст, што значи дека грешката е направена уште во подготовката без никој од нејзините соработници да забележи.

Исто така, непростливо е откако овој податок бил прочитан, пратеничката да не се сепне, да не ѝ стане јасно дека згрешила и да не се поправи. Таа учествува во гласањето на буџетот, секоја година ги проучува буџетските документи и мора да знае дека ваква огромна сума од 525 милиони евра не може да се потроши само на поддршка на 4.000 работни места.

Покрај тоа, она што речиси редовно се случува во вакви ситуации, и заради што овој случај заслужува да му се обрати внимание, е фактот што повторно ниеден од медиумите ова не го забележа и не ја истакна грешката.

Линкови:

Оценил: Владимир Петрески

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција