Трамп објави лажна фотографија од Тејлор Свифт како ги повикува луѓето да гласаат за него

Фото: Гејџ Скидмор (Gage Skidmore from Surprise, AZ, United States of America), CC BY-SA 2.0 , Викимедија комонс

Републиканскиот претседателски кандидат објави фотографија од Тејлор Свифт, облечена во црвено, бело и сино, со натпис „Тејлор Свифт сака да гласа за Доналд Трамп“

 

Поранешниот претседател Доналд Трамп на својот профил на социјалната мрежа „Truth Social“ објави лажна слика од мегапопуларната пејачка Тејлор Свифт како ги повикува луѓето да гласаат за него на ноемвриските избори.

Републиканскиот претседателски кандидат објави фотографија од Тејлор Свифт, облечена во црвено, бело и сино, со натпис „Тејлор Свифт сака да гласа за Доналд Трамп“.

„Прифаќам!“, напиша Трамп.

Свифт јавно не поддржа ниту еден кандидат во трката во 2024 година, а во минатото им даваше поддршка на демократите. На изборите во 2020 година, таа ги поддржа Џозеф Бајден и потпретседателката Камала Харис.

Портпаролите на Тејлор Свифт и Доналд Трамп не одговориле на барањето на Ројтерс за коментар.

Трамп исто така објави фотографии од девојки кои носат маици на кои пишува „Свифтис за Трамп“ и натпис „Свифтис се вртат на Трамп откако ИСИС го затвори концертот на Тејлор Свифт“.

Инаку, пејачката откажа три концерти во Виена претходно овој месец, откако властите соопштија дека спречиле планиран напад. Локалните власти уапсија 19-годишен маж кој изјавил дека бил инспириран од Исламската држава.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција