Уставен суд не забранува етничко изјаснување на граѓаните

Б.Османи. Фото: Скриншот/ТВ21/веб

Во образложението на Уставен суд се наведува прецизно дека делови од Законот за вработени во јавен сектор, Законот за административни службеници, Регистарот за вработените во јавниот сектор, правилници и методологии поврзани со вработувањето на јавниот сектор, а сите во врска со т.н. Балансер или правичната застапеност на заедниците, се во спротивност со одредени членови од Уставот, ратификувани конвенции и други домашни и меѓународни прописи. Но, никаде не се наведува она што го тврди Османи – дека веќе немало уставен член на кој ќе се повикува иден закон или дека со одлуката се забранувало етничко изјаснување на граѓаните

Во образложението на Уставен суд се наведува прецизно дека делови од Законот за вработени во јавен сектор, Законот за административни службеници, Регистарот за вработените во јавниот сектор, правилници и методологии поврзани со вработувањето на јавниот сектор, а сите во врска со т.н. Балансер или правичната застапеност на заедниците, се во спротивност со одредени членови од Уставот, ратификувани конвенции и други домашни и меѓународни прописи. Но, никаде не се наведува она што го тврди Османи – дека веќе немало уставен член на кој ќе се повикува иден закон или дека со одлуката се забранувало етничко изјаснување на граѓаните

 

Изјавата на Бујар Османи, поранешниот министер и претседателски кандидат од страна на ДУИ, во врска со проблеми околу обезбедување правична застапеност на малцинските заедници во С. Македонија, дадена во рамки на телевизиско интервју, содржи најмалку две невистини:

 Ќе се усвои Закон за етничката припадност, на кој член на Уставот да се повика тој закон, доколку Уставен суд забрани употреба на етничката припадност за пристап во институциите, во што ќе се повика? Секој закон кога се усвојува се повикува на некој член на Уставот, не може законот да остане во„ воздух“ без да се заснова на Уставот. Затоа велам, не е проблем „балансерот“, не е проблем законот. Проблем е одлуката на Уставен, граѓаните да не ја истакнат нивната етничка припадност. Мене и тебе, по оваа одлука Државата не нè познава како Албанци, рече Османи.

[Извор: Слободен Печат – Османи/вест; датум – 15.10.2024]

 

Образложение: Изјавата на Османи во врска со неодамнешната одлука на Уставен суд за укинување на механизмот Балансер и сите соодветно поврзани правни акти е манипулативна, затоа што содржи две невистини поврзани со суштината на одлуката на Уставен суд.

Станува збор за невистини поврзани со тоа дека иден закон за етничка припадност на вработените во јавниот сектор или како и да се вика, немало на кој член од Уставот да се заснова и повикува, како и за суштината на примената на правото за слободно изразување на националната припадност.

Првата невистина  – дека немало на кој член од Уставот да се повикува еден иден закон за оваа проблематика е многу очигледен: одлуката на Уставен суд означена како У.бр.90/2024, со ниту еден збор не се однесува на некаква ништовност, непочитување или непримена во иднина на темелното уставно право, односно вредност запишана во член 8 од Уставот на РСМ.

Имено со амандманот број VI од Уставот во членот 8 во алинеја 2 е запишано дека изразување национална припадност е темелна вредност на уставниот поредок во државата.

Член 8

Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се:

– основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот;

– слободното изразување на националната припадност;… а составен дел на оваа алинеја е и „Соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа“, како што предвидува амандманот VI

Одребата од Уставот е сè уште важечка и „жива и здрава“, така што тврдењето на Османи дека идно законско решение немало уставна одредба на која ќе се повикува е очигледна невистина.

Кого државата препознава, а кого не, е манипулација

Втората невистина дека со одлуката Уставен практично забранува национално изјаснување (Мене и тебе, по оваа одлука Државата не нè познава како Албанци“), се утврдува и докажува само со детално читање на Одлуката. Имено, во образложението никаде не се наведува дека изјаснувањето е неуставно, туку дека тоа не смее да биде задолжително, зашто правото подразбира и право да не те тера некој да се изјаснуваш што си по национална припадност.

Со вака дефинираните одредби, Судот оцени дека законодавецот наметнува обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување да наведат односно да се изјаснат за припадност на одредена заедница со што директно се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување односно неизразување за одредена национална припадност, односно припадност на заедница...- се вели во дел од образложението на Уставен.

И понатаму продолжува:

националната припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо и според Судот, негово лично право е да одлучи дали ќе се изјасни и како ќе се изјасни за сопствената припадност, но и право да одлучи да не се изјасни. Според Судот, изјаснувањето за националната припадност односно припадноста на одредена заедница, како и можноста за обработка на овој податок, не може да биде наметната како задолжителна законска обврска за граѓаните.

Одлуката на Уставен суд се темели врз повеќе членови на Уставот, како и на меѓународни конвенции што ги има ратификувано државата и кои се облигаторни и имаат сила, така да се каже, над законите, какви што се  Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства усвоена од Комитетот на министрите на Советот на Европа, Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци, потоа Општата регулатива за заштита на личните податоците ((ЕУ) 2016/679 – General Data Protection Regulation), како и Законот за заштита на личните податоци.

Во образложението се наведува прецизно дека делови од Законот за вработени во јавен сектор, Законот за административни службеници, Регистарот за вработените во јавниот сектор, правилници и методологии поврзани со вработувањето на јавниот сектор, а сите во врска со т.н. Балансер или правичната застапеност на заедниците, се во спротивност со одредени членови од Уставот, споменатите конвенции и други домашни и меѓународни прописи. Но никаде не се наведува она што го тврди Османи – дека веќе немало уставен член на кој ќе се повикува иден закон или дека со одлуката се забранувало етничко изјаснување на граѓаните.

Поради тоа, оваа изјава на Османи е невистина.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција