Вакцинирањето на децата не предизвикува аутизам

Фото: Принтскрин видео

Бројни студии се направени за споредба на процентот на деца со аутизам помеѓу тие кои се вакцинирани и невакцинираните, а резултатите покажуваат дека нема разлики во процентот. Врските меѓу вакцинацијата и аутизмот се истражувани и потврдено е дека не постојат и покрај тоа што расте бројот на деца со аутизам ширум светот. Тврдењата дека вакцините кои се даваат во детството предизвикуваат аутизам датираат од статија од 1998 година објавена во медицинското списание Лансет. Но, Лансет ја повлече оваа студија во 2010 година, откако беше откриено дека вклучува фалсификувани податоци

Бројни студии се направени за споредба на процентот на деца со аутизам помеѓу тие кои се вакцинирани и невакцинираните, а резултатите покажуваат дека нема разлики во процентот. Врските меѓу вакцинацијата и аутизмот се истражувани и потврдено е дека не постојат и покрај тоа што расте бројот на деца со аутизам ширум светот. Тврдењата дека вакцините кои се даваат во детството предизвикуваат аутизам датираат од статија од 1998 година објавена во медицинското списание Лансет. Но, Лансет ја повлече оваа студија во 2010 година, откако беше откриено дека вклучува фалсификувани податоци

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејбук во која пишува:

Аутизмот е само една од повеќето тешки болести кои што се јавуваат како последица од вакцинирањето на децата. 

Во склоп на објавата се презентира документарен филм каде повеќе родители на деца со аутизам зборуваат дека состојбата им се појавила после вацината. Не се наведува со која вакцина биле вакцинирани. Во документарецот вакцинацијата кај децата се остава како една од можностите кои доведуваат до аутизам.

Иако е точно наведеното во објавата дека бројот на деца со аутизам се зголемува, сепак не постојат никакви медицински и научни докази кои ги поврзуваат вакцините со аутизмот.

ЦДЦ проценува дека едно од 36 деца има пореметување на аутистичниот спектар (АСД) – сооднос повеќе од четирипати поголем отколку пред две децении (архивирано овде). Истражувачите откриле сличен глобален тренд.

На оваа тема имаат пишувано и странските проверувачи на факти.Канцеларијата за безбедност на имунизација на ЦДЦ во изјава за АФП вели дека вакцините „не предизвикуваат аутизам“.

Безбедноста на сите вакцини внимателно се следи пред издавањето дозволата (лиценцата), а назорот на безбедноста е во тек и по лиценцирањето. Нема податоци што укажуваат на причинско-последична поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот, се вели во соопштението на канцеларијата испратено до АФП.

Тврдењата дека вакцините кои се даваат во детството предизвикуваат аутизам датираат од статија од 1998 година објавена во медицинското списание Лансет. Британскиот лекар Ендру Вејкфилд тогаш го поврза вакцинирањето со МРП вакцината (сипаници, заушки и рубеола која обично се дава на доенчиња и мали деца) со аутизам. Сепак, Лансет ја повлече студијата во 2010 година, откако беше откриено дека вклучува фалсификувани податоци. Британските медицински власти подоцна ја повлекоа лиценцата на Вејкфилд да се занимава со медицина, односно неговата лиценца беше одземена.

За жал, неговото објавување предизвика паника што доведе до намалување на стапките на имунизација и последователни избувнувања на овие болести, вели Светската здравствена организација на својата веб-страница (архивирана овде).

Најмалку 20 студии покажуваат дека вакцините не се поврзани со аутизмот.

Други независни проверувачи на факти, исто така, ги дебанкираа тврдењата кои ги поврзуваат зголемените стапки на аутизам со вакцинацијата кај децата.

Во С. Македонија постои календар за редовна имунизација на децата. Во тој календар е предвидено која вакцина на која возраст треба да се прими, почнувајќи од првите 24 часа од раѓањето на новороденчето. Задолжителни, според Законот за заштита на населението од заразни болести каде се предвидуваат и казни за неспроведувањето, се вакцините против поголем број болести како што се туберкулоза, полиомелитис, морбили, рубеола, хепатитис Б, паротитис епидемика (заушки), хемофилус инфлуенца тип Б, човечки папиломен вирус, дифтерија, тетанус и пертусис.

Дека вакцините не предизвикуваат аутизам, потврдува и медицинската пракса на македонските педијатри. На пример, доктор Лилјана Којиќ од Клиниката за детски болести, изјавува дека во својата медицинска пракса има сретнато невакцинирани деца кои сепак, имале аутизам.

Имав 11 пациенти кои се наоѓаат на аутистичниот спектар, а не се вакцинирани, изјавила таа на брифинг на тема МРП вакцина.

Бројни студии се направени за споредба на процентот на деца со аутизам помеѓу тие кои се вакцинирани и невакцинираните, а резултатите покажуваат дека нема разлики во процентот. Во Јапонија, МРП вакцината започнала помалку да се администрира помеѓу 1988 и 1992 година, а од 1993 година целосно била укината. И покрај тоа, истражувањата покажуваат дека бројот на деца кои развиле аутизам значително се зголемил помеѓу децата родени од 1988 до 1996 година, а најзабележително е дека бројките се зголемиле со генерацијата родени во 1993 година.

Друго истражување, спроведено во САД открива дека децата со аутизам и нивните браќа и сестри примиле помалку вакцини во споредба со остатокот од земјата или воопшто не биле вакцинирани.Сите вакцини од распоредот за имунизација на ЦДЦ се подложени на ригорозен процес на тестирање и одобрување пред да бидат додадени. Испитувањето од 2013 година на препорачаните вакцини од детството (архивирано овде) не открило докази за големи безбедносни грижи, пишува АФП.

Нарушувањето односно аутистичниот спектар е состојба поврзана со развојот на мозокот која влијае на тоа како лицето ги доживува и се социјализира со другите. Нарушувањето предизвикува проблеми со социјалните интеракции и комуникацијата и вклучува лимитирани и репетитивни начини на однесување. Терминот спектар се однесува на широк спектар на симптоми и нивната сериозност, пишува на сајтот на Мајо Клиниката.

Таму се додава дека вакцините не предизвикуваат аутизам.

Во април 2015 година ЈАМА ја објави најголемата студија до сега, во која се анализираат здравствените податоци на повеќе од 95 илјади деца. Околу 2 илјади од нив се класифицирани дека имаат ризик за аутизам зашто имале брат или сестра веќе дијагностициран со аутизам. Студијата потврдува дека МРП вакцината не го зголемува ризикот од аутизам, пишува Мајо Клиниката.

Вакцините користат мртов вирус или ослабена верзија на вирус или бактерија за да помогнат телото да создаде имунолошки одговор. Овие вакцини им помагаат на децата да создадат природен имунитет и значајно да ги намалат ризиците од болести и компликации. Несаканите ефекти најчесто се мали, како болка на местото на инјектирање, замор, главоболка итн.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Аутизмот не се појавува како последица на вакцинацијата.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција