Владата спинува за неименувањето на Ељези за в.д. заменик-директор во Идризово

Фото: Meta.mk

Владата сигурно не го именувала Ељези за заменик-директор во Идризово, но донела одлука да го именува, ја информирала јавноста за тоа, а по реакциите во јавноста дека станува збор за поранешен осуденик, соопшти дека нема да го именува. За ова премислување на Владата, таа тврди дека опозицијата дезинформирала и шпекулирала, што секако е спин и е недоследно. А уште понедоследно е тоа што ги ретушира и веќе објавените соопштенија, па нешто што билово нив запишано, сега не е

Владата сигурно не го именувала Ељези за заменик-директор во Идризово, но донела одлука да го именува, ја информирала јавноста за тоа, а по реакциите во јавноста дека станува збор за поранешен осуденик, соопшти дека нема да го именува. За ова премислување на Владата, таа тврди дека опозицијата дезинформирала и шпекулирала, што секако е спин и е недоследно. А уште понедоследно е тоа што ги ретушира и веќе објавените соопштенија, па нешто што било во нив запишано, сега не е

 

Владата на РСМ излезе со соопштение во врска со именувањето, односно неименувањето како што тврди, на лицето Ибрахим Ељези за в.д. заменик-директор на КПД Идризово со отворено одделение во Велес, при што во соопштението има спинуван став којшто може да се оцени како недоследен:

 

Во однос на прес конференцијата на политичката партија СДСМ го истакнуваме следново:

Постоеше таков предлог за именување на в.д. заменик на директор на КПД Идризово, но по направените дополнителни проверки истиот не е прифатен.

Лицето нема да стапи на функција, и ќе има ново именување на позицијата на следната седница на Влада. 

Во однос на директорот на затворот во Прилеп за секој поединец има презумпција на невиност, постоењето на кривична пријава без пресуда која е правосилна не е гаранција за сторено кривично дело.

Апелираме СДСМ да не шпекулира и да ја дезинформира јавноста.

[Извор: Влада на РСМ-Соопштение: датум – 28.07.2024]

 

Образложение:

Доколку се погледне структурата на речениците во соопштението на Владата за овој проблем веднаш може да се забележи недоследноста која е очигледна. Имено, Владата тврди дека постоел предлог за именување на споменатото лице на споменатата функција, но дека биле направени дополнителни проверки, по што предлогот нема да биде прифатен.

Како што може да се види во соопштението на Владата, се зборува за процес кој како да е во тек, а опозициските партии кои реагираа – СДСМ и Левица, како да откриле податок којшто е за процес во тек, а не реакција на веќе донесена одлука на Влада.

Но, по реченицата за проверката што била извршена, следува следната, клучна реченица:

Лицето нема да стапи на функција, и ќе има ново именување на позицијата на следната седница на Влада. 

Оваа реченица го потврдува она за што реагираа политичките партии во опозицијата, се разбира со своја политичка оценка дали именувањето е скандалозно и зошто. Потврдува дека имало седница на Влада, имало точка за именување и разрешување и зa Ибрахим Ељези, како предлог на директорот на Управата за извршување санкции.

Впрочем, како што забележуваат и од СДСМ, тие не ја измислија веста, туку ја објавија медиумите кои добиваат соопштение од Владата и со мало пребарување на интернет може да се види дека тоа соопштение медиумите го објавиле на 24.07.2024 (види тука и тука).

Исечок од веста објавена на сајтот на Телма

Прва реакција, пак, можеше да се забeлежи на социјалните мрежи Фејсбук и Икс, додека од партиите први реагираа од Левица со соопштение на 26 јули, па од СДСМ со прес-конференција на 27 јули 2024 година.

Поради погоре изнесените факти може да се оцени дека Владата е недоследна во делот од соопштението кога зборува дека станувало збор за дезинформации и шпекулации и дека споменатото лице било само предлог кој по проверките не поминал, иако вистината е дека поминал, била донесена одлука, па сега таа се менува или допрва ќе се менува. Всушност како што забележа еден од медиумите, 360 Степени, станува збор за ретуширање на соопштенијата за одржана седница на Влада и нејзините одлуки, постапка која е во целост недоследна со заложбите за транспарентност и отвореност.

Извори:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција