Власта не се задолжи 71 милиони евра, туку сервисира обврски направени од владата на ВМРО-ДПМНЕ

Сервисирај ги обврските од владите на ВМРО-ДПМНЕ и повторно биди напаѓан од Влатко Ѓорчев. Фото: принтскрин

Веднаш утредента откако владата издаде хартии од вредност во износ од 71,6 милиони евра, таа врати стар долг во износ од 66,9 милиони евра. И тоа станува збор за долг направен од владите на ВМРО-ДПМНЕ од 2012, 2016 и 2017 година. Што значи дека оваа влада зеде пари за да врати други пари претходно земени токму од влада на онаа партија на која ѝ припаѓа Влатко Ѓорчев, кој сега ги критикува своите противници за „задолжување“, иако тие, всушност, ги сервисираат парите позајмени од владата на неговата партија

 

Влатко Ѓорчев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, во интервјуто за емисијата Топ Тема на ТВ Телма ја кажа следнава хаотична и невистинита изјава:

 

Што е поважно за Македонија, дали што Саздовски сменил страна или тоа што сега во понеделник, пред два дена, само во еден ден имаме задолжување на Македонија 71 милион евра. 71 милион евра знаете што значи за овој народ? Тоа е 35 евра по човек. 35 евра по човек е 2.000 денари и знаете што…

(…)

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е апсолутно насочена кон опонирање на политиките каде што Македонија само во понеделник се задолжува за 71 милион евра што значи  2.000 денари по секој човек во Македонија, секој што не гледа, секој што не гледа, само во понеделникот беше задолжен да враќа 2.000 денари со камата, за четиричлено семејство, само во понеделникот фактурата е 8.000 денари по семејство кои што треба да се враќаат по камата. Значи, тоа е економската катастрофа која што и се случува Македонија.

[Извор: Влатко Ѓорчев, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Топ Тема, (1:07:20 – 1:08:27), датум: 01.11.2017]

 

Се разбира дека оваа изјава на Влатко Ѓорчев е неточна и невистинита. Она што е единствено донекаде точно во оваа изјава, тоа е бројката од 71 милион евра. Велиме „донекаде“ зашто, всушност, станува збор за заокружен износ од 4,4 милијарди денари или 71,6 милиони евра, (НБРМ курс 61,4842 за 1 евро на ден 30.10.2017), колку што вкупно чинеа четирите понеделнички аукции на државни хартии од вредност, односно една за државни записи и три за државни обврзници. Но, тоа што државата продала хартии од вредност во износ од 71,6 милиони евра не значи и дека се „задолжила“ на тој износ. Колку тоа точно државата се задолжува или не, не може да се осознае од неколку аукции на хартии од вредност одржани во еден ден. Без оглед колкава и да е нивната вредност. Според одлуката на една од поранешните влади под раководство на Никола Груевски и актуелната влада нивото на јавниот долг, односно „задолжувањето“ го објавува еднаш во три месеци и тогаш само може да се види колку Владата дополнително се задолжила или, пак, евентуално го намалила долгот. Владата има многу начини и да се раздолжи и да се задолжи. Така што аукциите сами по себе, особено, пак, оние одржани само во еден ден, не кажуваат ништо.

Тоа е особено точно овојпат. Имено, веднаш утредента откако владата издаде хартии од вредност во износ од  71,6 милиони евра таа врати стар долг во износ од 66,9 милиони евра (4,11 милијарди денари заокружено). И тоа станува збор за долг направен од владите на ВМРО-ДПМНЕ од 2012, 2016 и 2017 година. Што значи дека оваа влада зеде пари за да врати други пари претходно земени токму од влада на онаа партија на која ѝ припаѓа Влатко Ѓорчев, кој сега ги критикува своите противници за „задолжување“, иако тие, всушност, ги сервисираат парите позајмени од владата на неговата партија. Значи, станува збор за земање на еден кредит за да се врати друг постар кредит.

Од бројките може да се види дека разликата меѓу новоземените пари и оние потрошените за сервисирање на претходно направените обврски изнесува само 4,7 милиони евра. Овој износ може да се намали, да се зголеми или целосно да биде покриен од буџетот. Но, дали задолжувањето се намалува и зголемува нема да го дознаеме сѐ додека не излезат новите податоци за состојбата со јавниот долг. Настрана фактот што календарот за задолжување и раздолжување на владата за третиот и четвртиот квартал од годинава е, всушност, направен од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и актуелната власт само го спроведува. Да не говориме, пак, за фактот што оваа влада дури и да сака да не креира нови финансиски обврски преку државни хартии од вредност не може зашто во буџетот за годинава е предвиден буџетски дефицит од околу 300 милиони евра, кој некако мора да се покрие. А, со оглед на тоа што годинава не се издаде нова еврообврзница, еден од начините за сервисирање на дефицитот ќе бидат државните хартии од вредност. Актуелната власт едноставно мора да ги сервисира обврските кои и ги има наметнато претходната. Таа нема друг избор, зашто нагло кратење на буџетската потрошувачка ќе предизвика шокови во економијата, кои никому не му одат во прилог.

Во секој случај, изјавата на Влатко Ѓорчев дека „само во еден ден имаме задолжување на Македонија 71 милион евра“ е далеку од вистината и може да се оцени единствено како невистинита. Особено што кога оваа изјава беше кажанавечерта, најголем дел од тие 71,6 милиони евра веќе им беа исплатени во текот на денот на кредиторите за претходниот долг направен од владите на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

Оцени: Владимир Петрески

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција