Власта се обидува преку приведувања да ја задуши „Шарената Револуција“

Прес на Левица по апсењето на нивниот член, д-р Здравко Савевски. Фото: Т. Блажевски

Според сознанијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права, досега 13 лица се процесуирани, т.е. викнати на информативен разговор или сослушани, против 11 се изречени прекршочни санкции, а против две лица е одредена мерката куќен притвор за настаните од 13.04.2016. Повеќе лица биле повикани и денеска, меѓу кои и еден од лидерите на Левица, Здравко Савевевски. Ваквите постапки ги оценуваат како заплашување, со интенција да се запрат протестите

 

Според сознанијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права, досега 13 лица се процесуирани, т.е. викнати на информативен разговор или сослушани, против 11 се изречени прекршочни санкции, а против две лица е одредена мерката куќен притвор за настаните од 13.04.2016. Повеќе лица биле повикани и денеска, меѓу кои и еден од лидерите на Левица, Здравко Савевевски. Ваквите постапки ги оценуваат како заплашување, со интенција да се запрат протестите

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Можно е власта преку одредување мерки притвор за учество во толпа и насилство, дела од Кривичниот законик за кои следуваат и парични, но и затворски казни, да се обидува да ја замолчи  т.н. „Шарена револуција“ – сметаат повеќе претставници на невладини организации, политички партии и новинари, од кои, со дел, разговараше „Вистиномер“.

Ваквиот став доаѓа по приведувањето на еден од лидерите на политичката партија Левица, Здравко Савевски, како и обидот за приведување на неколку други највисоки функционери на оваа партија во понеделник на 25.04.2016 година, по речиси идентична процедура – повикување на информативен разговор во полициска станица, а потоа задржување и носење кај дежурен истражен судија.

Партијата реагираше исто така експресно – на прес конференција одржана пред Кривичниот суд во Скопје, истиот ден упати три пораки:

  • Полицијата да ги евидентира, но, не и да ги процесуира кривичните пријави се до завршување на политичката криза;
  • Јавното обвинителство да не бара притвор за оние за кои е подигната кривчна пријава; и
  • Конкретните судии што решаваат по овие кривични пријави да не одредуваат мерки притвор, по ниту еден основ.

Тие ги советуваа сите нивни членови кои добиле покани за информативен разговор да не се јавуваат во полиција, а најголем револт изразија од фактот што сите приведувања и судски мерки се, како што велат, по налог на аболицирани политичари за разни криминални предмети.

 

ХЕЛСИНШКИ: ПРИВЕДУВАЊАТА И ПРИТВОРОТ СЕ ЗАПЛАШУВАЊЕ ДО ГРАЃАНИТЕ

Хелсиншки комитет(ХК), за разлика од официјалната полициска информација дека за денеска биле упатени покани за информативен разговор за само четири лица, вели дека вакви покани добиле повеќе лица (неофицијално 12), кои биле меѓу повидните и во првите редови на протестите во изминатите десетина-дванаесет дена.  Заедно со другите 13 од минатата недела станува збор за најмалку 20-тина лица, кои веќе се влезени во некаква прекршочна или кривично- правна процедура.

Во однос на денешните случувања, би сакале да известиме дека на информативен разговор биле повикани повеќе лица кои учествувале на протестите. Хелсиншкиот комитет  обезбеди застапување од страна на адвокат на лицето Здравко Савевски, кој беше повикан на информативен разговор во полициска станица и е одведен во Основното јавно обвинителство Скопје. се вели во соопштението од ХК.

За Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, ова е недозволиво однесување и злоупотреба на службените овластувања:

За вакво дело за кое најверојатно ќе го товарат Савевски (чл. 385, ст.1 од КЗ – н.з.), на пример, не се одредува мерка притвор. Нагласувам дека тој е државјанин на РМ со постојано живеалиште, не бил сторител на други кривични или прекршочни дела, не бил осудуван и сосема доволно ќе биде ако му се одреди мерка одземање на пасошот, на пример, како мерка за негово обезбедување во натамошна постапка.

Но, имајќи предвид дека кога се уриваше општина Центар и покрај поднесените кривични пријави против непознат сторител полицијата никогаш не идентификуваше ниту еден од учесниците кои тогаш се претставуваа дека се од граѓанска организација Веритас, сега, интенцијата е сосема јасна.

Со апсењата и поднесување кривични пријави или обвиненија, намерата е да се испрати порака до сите што учествуваат во протестите, дека ќе завршат со исти такви мерки и пријави ако продолжат да протестираат – вели Пировска.

Таа воопшто не се сомнева дека крајната цел е да се запрат протестите од т.н. „Шарена револуција“, т.е. таа полека да се задуши на ваков начин. Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира до судиите да не одредуваат мерка притвор.

Сличен став (до моментот кога го затвораме овој текст) изразија и граѓанската организација Цивил, а од политичките партии, Демократскиот Сојуз.

ЦИВИЛ, бара итно ослободување на Савески, и бара да престанат притисоците и делувањето против активистите за човекови права и против граѓанското општество воопшто.

Уште еднаш ќе кажеме, притисок и делување против еден активист или против една организација, претставува директен удар врз сите активисти и организации! Апсењата мора да престанат!соопшти организацијата на нејзината веб страница.

Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, кој повика на ослободување на Савевски, упати апел до судовите да не подлегнуваат на политички притисоци:

Масовните протести низ Македонија и светот потврдуваат дека се соочуваме со сериозни проблеми, посебно од аспект на владеење на правото и потребата од промени и правда. Аболицијата и одржување на избори без за тоа да има елементарни услови, само ја прелија чашата од незадоволство. Обидите преку заплашување со најава за притвор на учесници во протестите дополнително ќе ги заострат состојбите и тие можат дa ескалираат со посериозни нарушувања на јавниот ред. ДС повикува судовите да не прифаќаат никакви политички притисоци и да одлучуваат согласно законите.

И за нив, како што се гледа од соопштението, станува збор за заплашување на граѓаните кои можат да ги заострат состојбите.

Слично смета и Анастас Вангели, докторанд по општествени науки и подржувач на протестите, како што го претстави Дојче Веле:

Сметам дека како што режимот запаѓа во хаос и паника под притисок на протестите, со себе надолу го повлекува цело општество, и затоа сега се апсат демонстрантите“, изјави Вангели.

 

УЧЕСТВО ВО ТОЛПА КАЗНИВО И ДО ДЕСЕТ ГОДИНИ!

Инаку членот по кој најверојатно ќе се товари Савевски, е 385 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија, кој гласи „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“:

  • Тој што ќе учествува во толпа што со заедничко дејствување ќе стори насилства спрема луѓе или ќе оштети или ќе уништи имот од поголема вредност, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

Другите два става од овој член од КЗ гласат:

  • Ако при дејствувањето на толпата некое лице е лишено од живот или тешко телесно повредено или настапила штета од големи размери, учесникот во толпата за самото учество, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години.
  • Водачот на толпата, ќе се казни со затвор од една до десет години.

За Хелсиншкиот комитет, сепак станува збор за полесно кривично дело и судиите не би требало да посегнуваат по мерката притвор, туку по други мерки за обезбедување:

За ова кривично дело предвидена е парична казна или затвор до 3 години, што се смета за полесно кривично дело, за кое во принцип не треба да биде определена мерката куќен притвор, односно посоодветно би било изрекување на поблаги мерки на претпазливост (на пр. обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице) – оценуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

 

ОБНОВЕНО (26.04.2016/11:08 am)

Откако беше затворен и објавен текстот, во текот на вечерта на 25.04.2016, стигна информацијата дека двајца од приведените во текот на денот од партијата Левица, Здравко Савевски и В. Куновски, добиле мерка притвор од страна на судија во предистражна постапка. Станува збор за мерката осум дневен куќен притвор, иако дежурниот обвинител побарал притвор во истражен затвор. Од Хелсиншки, во истовреме апелираат до сите лица кои се приведувани или поканетии на информативен разговор а во врска со протестите, да се обратат на бесплатниот телефон 0800 66 66 6 и да исползуваат бесплатна правна помош. Во исто време, тие потсетуваат дека приведените граѓани имаат свои права на кои се должни да им укажат и овластените службени лица, како што се :

На јасен начин да ве поучи за: правото да се браните со молчење; правото да се советувате со бранител; правото на лекарска помош доколку ви е потребна; правото да известите член на вашето семејство или друго блиско лице; право да предлагате сведоци и докази во ваша корист; правото на преведувач и толкувач доколку не го зборувате македонскиот јазик.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција