За „Б 92“ и „Косово онлјан“ Хазби Лика и натаму е потпретседател на Владата
Еден од најпознатите српки информативни веб сајтови „Б 92“ во саботата на 28.09.2019 година објави информација од предизборната кампања на Косово, при што Хазби Лика е претставен како потпретседател на Владата на Зоран Заев.
Информацијата на „Б 92“ е пренесена во целост од веб сајтот „Косово Онлајн“ и се однесува на предизборни собири во Качаник и Урошевац на Демократската партија на Косово, предводена од Кадри Вејсели.
Има и цитат во кој се наведува дека Лика рекол дека не се забораваат врските што се изградени кога било најпотребно и најтешко.
„Граѓаните се свесни дека патот што го изградивме да ја поврземе Приштина со Скопје е повеќе од ветување. Тоа е доказ дека ние од двете страни на границата не ги забораваме нашите луѓе“ – рекол наводно Лика, цитиран од „Косово Онлјан“ и пренесен од „Б 92“.
Единствено никаде нема појаснување дека Хазби Лика околу три месеци веќе не е потпретседател, ниту член на Владата на РСМ. Тој на таа позиција беше именуван во јуни 2017 година кога Заев направи Влада со ДУИ и беше задолжен за спроведување на Рамковниот договор, односно шеф на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор и вицепремиер. Меѓутоа, на крајот од јуни и почетокот на јули 2019 г. Зоран Заев направи реконструкција на Владата, при што Секретаријатот беше преименуван во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, а за министер беше поставен Садула Дураки, кој на првата седница на Владата беше именуван и за заменик претседател.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар