Заев: Кога ќе се објават доказите, Груевски за три дена ќе поднесе оставка
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на трибина во Битола, одржана на 05.11.2014 година, изјави дека кога ќе се објават доказите за корупција, во кој е вклучена владата, премиерот Никола Груевски за три дена ќе поднесе оставка.
Во изјавата Заев рече:
Aко не одевме на избори немаше да има ни бомба, ни бомби. Немаше да има ни докази ни аргументи. Јас сум среќен што СДСМ и опозицијата го имаат тој капацитет да ја направат систематски, прецизно и внимателно целата таа документација на аргументи и докази. И реков јавно, во моментот кога тоа ќе се објави, за три дена Груевски ќе треба да замине од власт, со оставка. Но за жал честа на Македонија ќе биде повредена и лично верувам дека ќе допре до сензибилитетот на меѓуетничките односи.
[Извор: текстуален линк/видео линк, Датум: 05.11.2014]
Образложение:
Објавувањето на тнр. бомби започна во почетокот на февруари. По поминати месец и половина од првата прес-конференција, ситуацијата е доста поразлична од она што во ноември го зборуваше Заев. Досега нема ниту една оставка во владата, а премиерот Никола Груевски ги отфрла разговорите како креирани.
Груевски на 28.02.2015 година повтори дека не треба да се брза со оставки и дека треба да се чека судскиот процес да заврши:
Не треба да се брза со оставки, треба судскиот процес да заврши, да се утврдат фактите, а потоа да се размислува за евентуални одлуки. Moите сознанија ги презентирав, оставам институциите да ги утврдат фактите, како што веќе имаме една пресуда поврзана со овој случај во кој е дадено признание дека се соработувало со странска служба.
На 25.02.2015 година во изјава, пренесена од порталот Република, Груевски рече дека ќе нема предвремени изјави.
Тогаш порталот напиша:
Нема предвремени парламентарни избори – посочи премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција поврзана со аферата „Пуч“ и „бомбите“ кои ги најави СДСМ.
На трибината на ВМРО-ДПМНЕ која се одржа на 15.03.2015 година во СЦ „Борис Трајковски“, се обрати и премиерот Никола Груевски каде категорично ја отфрли идејата за преодна влада:
Сакам да порачам дека барањето за преодна влада во Македонија е можно и остварливо но без ВМРО ДПМНЕ во неа. Ние сме сметале и секогаш сметаме на народот. Ние сметаме дека народот е тој кој дава мандат и легимитет на избори и дека народот бира кој ќе формира влада. Со барањето за преодна влада се отвора простор на сериозен преседан кој потоа лесно може да биде предмет на конфликтност помеѓу партиите.
Линкови:
- НОВА (05.11.2014) Заев: После бомбата, Груевски ќе мора во рок од три дена да поднесе оставка, [Пристапено на 24.03.2015], http://novatv.mk/index.php?navig=8&cat=2&vest=17868, https://www.youtube.com/watch?v=ktxVKUwQ9L4)
- Плусинфо (28.02.2015) Груевски: Не треба да се брза со оставки, [Пристапено на 24.03.2015], http://www.plusinfo.mk/vest/16569/gruevski-ne-treba-da-se-brza-so-ostavki
- Република (25.02.2015) Груевски: Нема предвремени парламентарни избори, [Пристапено на 24.03.2015], http://republika.mk/?p=394156)
- Фактор (15.03.2015) Груевски: Не прифаќаме преодна влада, [Пристапено на 24.03.2015], http://vesti.mk/read/news/4892442/1840609/gruevski-ne-prifakjame-preodna-vlada
Оцени: Владо Ѓорчев
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар