Зградата Пелагонија на пат да го добие стариот изглед, поништен е претходниот тендер

 

Ќе го вратиме автентичниот изглед на Пелагонија и за тоа нема да се потрошат 1,3 милиони евра како што планирало претходното раководство, туку многу помалку. Нема да ја оставиме фасадата до половина направена.

 

[Извор: СДК.мк – Петре Шилегов, градоначалник, изјавадатум, 27.11.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова ветување на градоначалникот на Град Скопје Шилегов  е во тек на реализација. Пред неколку дена поништен е тендерот за реконструкција и доградба на фасада на објект – зграда Пелагонија кој беше расишан од претходниот градоначалник на Градот, Kоце Трајановски во септември 2017 г.  пред локалните избори. Останува да се изведе фасадата во оргиналниот изглед, за што Град Скопје ќе треба да распише нов тендер. Целта на Шилегов е да се распише тендер за ново идејно решение и негова имплементација, кое нема да биде во барок стил и кое ќе чини многу поевтино од претходно предвидените 1,3 милиони евра.

Информација за поништување на овој тендер е објавена на електронскиот систем за јавни набавки на Бирото за јавни набавки под број 86/2017 и со образложение „Поради непредвидени и објективни околности се промениле потребите на договорниот орган“ од 10 јануари 2018 година.

Претходниот градоначалник на Град Скопје објави тендер за промена на фасадата на овој објект  со проценета  вредност од  околу 1,3 милиони евра. Овој зафат на Град Скопје беше дел од проектот „Скопје 2014“, со кој со кој се планираше да се промени оргиналниот изглед на фасадите на десетици модернистички зданија во централното градско подрачје.

Актуелниот градоначалник на Скопје, Шилегов уште на втората седница на Советот а Град Скопје на 20 ноември јасно ја истакна определбата да не дозволи реконструкција на фасадата на зградата Пелагонија во барок и вооопшто на другите објекти кои се опфатени со ваквиот план и каде што постапките или течат или требало да започнат.

Раката да ми се исуши ако го потпишам договорот за фасадата на Пелагонија од 1,3 милиони евра. Се трошеле милиони евра за фасади. НАМА  ги чини граѓаните 2,3 милиони евра. Парите за оваа намена што ги планирало минатото раководство од 6 милиони евра ќе ги пренамениме за фасади во средните училишта, рече Шилегов  на седницата.(СДК.мк, 20 ноември 2017.)

Претходно на втори ноември, Шилегов во изјава за истиот медиум, обелодени дека издал усна наредба  за стопирање на изведбата на сите 95 „барокни“ фасади во централното градско подрачје. Наредбата на градоначалникот не е покриена со соодветна одлука на Советот на Град Скопје, но Општина Центар на чија територија се наоѓаат објектите, донесе одлука за запирање на реализацијата на сите детални урбанистички планови во рок од три месеци, со што запре работата и на објектите.

Дел од објектите не се започнати со изведба, како што се историските зданија „Метропол“ и „Ибни Пајко“. Меѓутоа, на еден сегмент од зградите веќе се работи од градежни фирми, меѓу кои е деловниот центар „Палома Бјанка“ и зградата на „Пелагонија“.

Парите што беа наменети  за овие фасади, според Шилегов, годинава ќе се пренаменат за изведба на енергетско ефикасни фасади во средните училишта. За оваа намена во градскиот буџет се предвидени 90 милиони денари.

Според приложеното погоре,  може да се каже дека ветувањето да се врати автентичниот изглед на зградата Пелагонија, е во тек на реализација.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција