Зовриени страсти и потпалувачки пораки
Запаливата реторика во настапите на Божиновска, Милошоски, Димовски, Петрoвски, Ѓорчев, Амди Бајрам, всушност и не е некакво големо изнанадување, со оглед на фактот што вратата за говори кои натежнаа од гнев и омраза, уште пред две недели ја отвори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Токму Груевски од митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, му порача на Заев дека „доколку Гоце Делчев бил жив, ќе му го испрател Ќосето!“
Пишува: Оливера Војновска
Во ноќта 15 спроти 16 декември во која симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ ја бранеа победата на владејачката партија пред згарадта на некогашна „Нова Македонија“, во која Државната изборна комисија заседаваше за приговорите на СДСМ и БEСА, високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ се заканија со гневот на народот. И, додека на бината се редеа говорници кои порачуваа дека трпението на народот е при крај, „спонтано“ насобраните извикуваа: „Ќосето е жив!“.
-Македонскиот народ гласаше. Вечерва има шанса ДИК или да ја признае волјата на народот или да се соочи со гневот на народот. Не сакаме немири и проблеми туку да ни се признае тоа што го заслуживме. Победа со 51 пратеник на коалицијата за подобра Македонија и ВМРО-ДПМНЕ. Има политичари кои виткаат кичма но народот не е таков. Две години бевме во криза, дојдовме до избори излеговме и победивме и сакаме да ни биде потврдена. Сакаме ДИК да ја потврди победата, тие се платени и да работат по закон а тој гласи дека суверен е македонскиот граганин, а тие со своите гласови застанаа зад платформата за напредна и стабилна Македонија. Победата е наша и наша ке остане. Трпевме две години ама нема да ги трпиме и понатаму. Ние сме победници ја заслуживме чесно и нема да дозбволиме да ни ја оспорат (Антонио Милошоски).
Од нив (ДИК н.з.) зависи дали оваа држава ќе биде нормална, стабилна и просперитетна. Да не се опуштаат и да не мислат дека овој народ има сила да толерира повеќе. Немаме сила за толеранција, но имаме сила да ја почитувам демократијата, да го почитуваме гласот на народот, нема враќање назад, остануваме до крај (Илија Димовски).
Потпалувачки говор имаше и нивниот партиски колега Филип Петровски, кој, исто така, порача дека „трпението е пред крај“. Зборувајќи пред симпатизерите и подржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, Петровски, кој е директор на Државниот архив, упати закани и кон „амбасадарот“, и иако тој не го спомена неговото име, несомнено дека пораката се однесуваше до амбасадорот на САД, Џес Бејли.
Не ги закрвувај односите на двете држави. Ти си и онака на заминување, ќе дојде амбасадор кој повеќе ќе ја почитува Македонја. Немој да нè провоцираш веќе (Петровски)
Се чини дека студенилото во ноќта го пресекоа зборовите – „ножевите“ на Валентина Божиновска, претседателката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи. Отровот кој се излеа од говорот на Божиновска опасно се надвисна врз насобраната маса пред седиштето на ДИК:
Да ги поздравам бранителите, оваа вечер е вечер на ножевите, оваа вечер е вечер или на разумот или на лудилото на еден човек. На последниот македонски предавник Зоран Заев …
Ќе се случи еден ден во кој ќе кажеме „елате браќа и сестри да се собереме и да тргнеме, да видиме кој ќе ни биде цар, а кој шпион… ( Божиновска).
На протестот пред ДИК запрепастувачки беше и настапот на Амди Бајрам, коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, кој рече:
На Заев многу блиску ќе му биде погребот. Многу бргу ќе му дојде погребот. Ќе биде во кардиологија таму, ќе го удри инфракт после неколку дена. Таму ќе му одиме на посета. Ќе му палиме свеќа и на гробишта“. (1,40 до 2,04 минута од видеото)
Нека не размислуе некои маневри да направи затоа што овдека стои гарда, гарда. Гардата е со мене, на чело сум јас овде со вас, до сабајле ќе останам…. (од 0,00 до 0,21 минута од видеото)
А, како што може да се слушне од видеото, додека Бајрам ги кажува овие тешки зборови, насобраните го поддржуваат и извикуваат:
„Така е“!
Запаливата реторика во настапите на Бајрам и на споменатите истакнати функционери од владејачката партија, всушност и не е некакво големо изнанадување, со оглед на фактот што вратата за говори кои натежнаа од гнев и тешки зборови, ја отвори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Токму Груевски во финалето на кампањата испрати пораки полни со омраза и закани кон неговиот главен политички противник.
На 07.12.2016 година Груевски од митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, му порача на претседателот на СДСМ Зоран Заев дека „доколку Гоце Делчев бил жив, ќе му го испрател Ќосето да ја заврши приказната со таков човек“ . Потсетувајќи на обраќањето на Заев на митингот на СДСМ, одржан неколку дена претходно, исто така во Делчево, Груевски, како што пренесоа медиумите, тогаш кажа:
И тој дојде овде во Делчево и зборува, да станел Гоце Делчев, што ќе кажел за нас како Влада, која што изгради толку многу работи, која што привлече толку многу инвеститори, која даде толку многу енергија, сила, помош на земјоделците во Македонија и редица други работи. Тој најде да го цитира Делчев. Јас ќе му кажам. Да беше Делчев денеска жив, тој немаше да може со него да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек (Груевски).
По изјавата на лидерот на СДСМ дека „режимот на Никола Груевски не смее да формира влада“, закани до него упати и Влатко Ѓорчев. На прес-конференцијата одржана на 13.12.2016 Ѓорчев порача дека победата на ВМРО-ДПМНЕ е јасна и кристално чиста:
Поразениот Зоран Заев сака да ни ја украде победата, сака да ги помножи граѓанските гласови. Нема да му дозволиме да ја украде победата на граѓаните. Имаме јасна, кристално чиста победа. Имаме победа во мандати, победа во број на гласови, во број на општини. Заев и тие околу него треба да знаат дека си играат со трпението на трплеив човек, со гневот на трпелив човек. Народот покажа трпеливост, но доколку некој сака да ја украде победата трпеливоста ќе прерасне во гнев. ( Влатко Ѓорчев).
Изблик на говор на омраза имаше и на прославата на победата на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, кога наставничка од едно битолско основно училиште славеше со надгробен крст со името на Зоран Заев. Иако, однесувањето на наставничката Жанета Петровска, беше осудено од општата и од стручната јавност, а се огради дури и ВМРО ДПМНЕ (!), наиде на молк од Обвинителството, но што е уште почудно отсуствуваше реакција и од Државниот просветен инспекторат, затоа што делото било сторено надвор од училиштето!?
Директорката на училиштето како и Просветниот инспекторат во Битола изјавија дека наставничката нема да биде казнета ни од школото, ни од инспекторатот, зашто настанот се случил на улица, а не во училиште.
Ваквото ширење омраза и поткревање на тензиите, и тоа во моменти кога политичката атмосфера во државата е прилично зовриена, е исклучително опасна игра, која доколку не престане се заканува да ескплодира и да нанесе непоправлива штета.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар