АНАЛИЗА:  Како се продавало и отуѓувало државното градежно земјиште – наоди на ревизија!

Фото: pixabay.com

 

Стотици илјади евра отштета треба да платат општините поради еднострано раскинување на договори за купопродажба на градежно земјиште, продажба на парцели во изборна капмања, тужби, често менување на ДУП, ова се дел од наодите во ревизорскиот извештај со наслов „Ефективност на политиките и мерките при управување со градежно земјиште“, со цел да се даде одговор на прашањето дали постоечките политики и мерки овозможуваат ефeктивно управување со градежното земјиште во земјава, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk.

 

Пишува: Анета Додевска

 

ЧЕСТИ ИЗМЕНИ НА ПЛАНСКИ ДОКУМЕНТИ СО ЗАДОЦНЕТО ВКЛУЧУВАЊЕ НА ЈАВНОСТА…

Иако законски е прецизирано на колку години се врши планирање на просторот, не се утврдуваат рокови во кои може, односно, не може да се изврши измена на документите кои произлегуваат од просторното планирање.

Измената на постојната односно донесувањето на нова урбанистичко-планска документација се врши без при тоа да биде изработена стручна анализа за евентулната потреба од изменување и дополнување на плановите или дел од нив. Ваквата состојба создава можност плановите да се менуваат почесто иако планирањето се врши за подолг временски период – се наведува меѓу другото во ревизорскиот извештај. 

Ревизорите дополнително посочуваат дека честите измени на Деталниот урбанистички план создава ризици за физичките лица – инвеститори.

 ДУП се менуваат во континуитет, по потреба за парцијални делови. Измените во ДУП се чести откако законски е предвидено дека истите ќе бидат финансирани од физички лица на нивно барање. Честите измени во постојните ДУП претставуваат ризик од нивна целосна подреденост кон интересите на барателите – физички лица со што се нарушуваат начелата на рамномерен просторен развој, рационалното уредување и користење на просторот како и услови за хумано живеење и работење на граѓаните .

Ревизорите констатираат и пропусти  во постапката за донесување и измена на планската документација, односно, потсетуваат на обврската за спроведување на јавна презентација и на јавна анкета за предложените измени во урбанистичкиот план во точно утврдени рокови.

Јавната анкета се спроведува во многу задоцнета фаза од носењето на ДУП, поточно се спроведува при изработување на конечниот предлог на ДУП. Во ваков случај не може да земат учество сите заинтересирани и засегнати граѓани бидејќи постои ризик да не бидат информирани во предвидениот рок од три работни денови пред започнување на јавната анкета со што би се нарушила транспарентноста и начелото на јавност во постапката – посочуваат ревизорите.

Ревизорите го нотираат и мораториумот за изградба  што го прогласи Општина Центар на нејзината територија. Била направена анализа на 32 парцијални делови (четврти) од вкупно 33 на ниво на Општина Центар.

Притоа, утврдено е дека истите не се во согласност со ГУП на Град Скопје кој е донесен во 2012 година, а ДУП на Општина Центар е од 2009 година.

Плановите не соодветствуваат на параметрите зададени со ГУП на Град Скопје, односно ги надминуваат параметрите за неколку пати, присутна е легализација на објектите при што ДУП се менувале многу често со што се нарушува јавниот простор. Парцели кои се во сопственост на РМ, а се користат како уредени паркови се планираат како градежно земјиште. Нема планирани содржини од јавен карактер – јавни институции и јавни површини кои би биле во интерес на граѓаните – наведува ревизорот и констатира дека одлуката за запирање на спроведувањето на ДУП се одвива бавно, односно досега била одложена четирипати.

 

ПРОДАЖБА НА ДРЖАВНО ГРАДЕЖНО ЗЕМЈИШТЕ…

По направениот увид во документите, ревизорите посочуваат низа слабости, пропусти и косење со законски одредби во делот на отуѓување на градежно земјиште по пат на јавно наддавање во име на општините кои ја имаат преземено надлежноста, во случајот на ревизијата тоа се Илинден, Битола и Петровец.

Ревизијата утврдила дека честопати на отуѓеното градежно земјиште постојат објекти, како далекуводи, рампи и слично кои го попречуваат отпочнувањето на градбата а со тоа се пролонгираат и другите градежни процедури. Забелешка има и за општинарите:

Единиците на локалната самоуправа често не ги обезбедуваат потребните инфраструктурни услови (во согласност со закоснката регулатива) со што се оневозможува изградбата на објектите предвидени за градежната парцела.

Ревизијата открива дека општини треба да платат стотици илјади евра на име отштета поради раскинување на договорите. Така, во Општина Битола во судска постапка за еднострано раскинување поради неисполнување на договорните обврски, се 23 договори склучени во период од 2011 година и 2012 година.

По основ на еднострано раскинување на договорите Општина Битола треба да исплати вкупно 24.904.000 денари (405.000 евра) што има за ефект непланирани расходи во Буџетот на општината како и неисполнување на целите за кои било отуѓено градежното земјиште – наведува ревизорот.

Ревизијата открива и тужби кои произлегуваат од продажба на градежно земјиште во сопственост на РМ во текот на изборната кампања во 2006 година, а тужбите ги поднел купувачот на земјиштето на кое било планирано да се градат 3 хотелски објекти. Но, ова било оневозможено поради измена на ДУП.

Од страна на купувачот во октомври 2006 година се уплатени средства во вредност од близу 2,2 милиони евра за изградба на три хотелски комплекси  во Општина Центар – се објаснува во ревизорскиот извештај.

 Целиот случај завршува пред судовите. По препорака на надлежните институции дека во изборна кампања не е дозволена продажба на државно земјиште, договорот со купувачот е раскинат. Подоцна, во тек на годините купувачот го добива судскиот спор и државата треба да врати пари. Според ревизорите во овој случај се оштетени и Буџетот и купувачот.

На наодите од ревизорскиот извештај, во делот за Општина Центар пристигнал одговор со забелешки. За дел од изнесените констатации Општина Центар повикува на повторна проверка, а дел ги отфрла  поради тоа што не биле земени предвид постапки и решенија, значајни за комплетирање на извештајот. Поголемиот дел од забелешките на Општина Центар ревизорите не ги прифатиле.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.