АНАЛИЗА: Над 75 отсто од вработените во јавните претпријатија се постари од 46 години

Фото: portalb.mk

Во земјава се регистрирани 159 јавни претпријатија кои се формирани од различни нивоа на власт, Собранието, Владата, општините и град Скопје. Најголем број, 143, се основани од град Скопје и општините, 13 се под владина „капа“, а три јавни претпријатија се основани од Собранието. Според податоците од Министерството за финансии, голем дел од претпријатијата во земјава генерираат долгови кои не можат навреме да ги подмират. Лани во сите претпријатија во државата работеле 16.887 лица

Во земјава се регистрирани 159 јавни претпријатија кои се формирани од различни нивоа на власт, Собранието, Владата, општините и град Скопје. Најголем број, 143, се основани од град Скопје и општините, 13 се под владина „капа“, а три јавни претпријатија се основани од Собранието. Според податоците од Министерството за финансии, голем дел од претпријатијата во земјава генерираат долгови кои не можат навреме да ги подмират. Лани во сите претпријатија во државата работеле 16.887 лица

 

Јавните претпријатија – најголеми работодавачи 

Претпријатијата опфаќаат голем број вработени, нудат услуги, а не се финансиски одржливи. Новите податоци кои ги анализира „Порталб“, а кои се потпираат на повеќе извори, покажуваат дека голем дел од јавните претпријатија во земјава работат нерентабилно, не можат да ги подмират доспеаните долгови, генерираат нови обврски и работат со загуби кои се амортизираат со буџетски пари од централната и локалната власт. Но, од друга страна јавните претпријатија се едни од најголемите работодавачи.

Според податоците од Регистарот за вработени во јавниот сектор во 2023 година, со над 500 вработени, функционираат повеќе јавни претпријатија како што се националниот сервис МРТ, Национални шуми, Железници – Инфраструктура, ЈСП, Комунална хигиена, Водовод и канализација и други.

Интересен е податокот дека во јавните претпријатија, дури 81,9 отсто од вработените се мажи, а останатите 18 отсто се жени. На ниво на целиот јавен сектор, најголема просечна возраст на вработените е регистрирана токму во јавни претпријатија. Дури 75,4 отсто од вработените се постари од 46 години.

„Може да се забележи дека најголема просечна возраст од 49,3 години има кај јавните претпријатија“, се наведува во извештајот.

Скоро 71 отсто од вработените не се изјасниле за етничката припадност или одговориле дека припаѓаат на „друга“, без да посочат која. Од вкупниот број на вработени во сите јавни претпријатија, речиси 18 отсто се етнички Македонци, 0,66 отсто се изјасниле за етнички Албанци, 4,6 отсто Роми, 2,3 отсто Турци, 1,3 отсто се изјасниле како Срби, 1,6 отсто Власи и 0,4 отсто Бошњаци.

 

ЈП во „должнички круг“ – дел од нив без субвенции не можат да поделат плати 

Големите јавни претпријатија основани од Владата, според новите податоци од Министерството за финансии, и ланската година ја завршиле со загуби. Конкретно, ЈП Железници Инфраструктура во последниот квартал од 2023 година, прикажале минус од скоро 1,6 милиони евра. ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта имало загуба од 1,5 милиони евра, МРТ во последниот квартал прикажало минус од 3 милиони евра, а Колекторски систем имал загуба од 742.000 евра.

Голем број од јавните претпријатија на градско и на локално ниво и натаму се потпираат на „трансферите“, во форма на субвенции, кои годишно се бројат во милиони. Јавните претпријатија со години котираат високо и на „должничката“ листа на Министерството за финансии. Лани, на должничката листа, со доспеани а неплатени обврски, високо рангирани во првите десет се МЖ Железница Инфраструктура со обврски во износ од 41 милион евра, ЈП Водовод и канализација Скопје со долг од скоро 9,1 милион евра и ЈП Водовод Куманово со Ц.О Куманово со должнички износ од 9 милиони евра. ЈП на централно и на локално ниво, заедно со државните фирми се најзадолжениот сектор.

Вкупниот број на јавни претпријатија е 159, од кои 115 се јавни претпријатија за комунални работи, 8 се јавни претпријатија за земјоделство и шумарство, 17 се транспортни јавни претпријатија, 2 јавни претпријатија од дејноста информирање, 1 јавно претпријатие од дејноста информатичко општество и 15 јавни претпријатија од други дејности.

Од вкупниот број на 159 јавни претпријатија, 13 се основани од страна на Владата на Република Северна Македонија, 3 се основани од Собранието на Република Северна Македонија, а најмногу, односно 143 се основани од страна на градот Скопје и општините.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција