Настан без видлив мотив и обид за убиство заради личен мотив не се атентати

 

 

 

Македонската јавност, која има историска наклонетост кон голтање на такви сказни за заговори и за лесно посегнување по туѓ живот од политички мотиви (солунски, марсејски и други атентати), требаше да поверува во спинот дека се готви одмазда на новата власт врз старата и тоа низ серија атентати врз вмро-овски функционери

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Втората половина од мај и почетокот на јуни во земјава се во знакот на постепеното осознавање на граѓаните за деталите од обидот на изведување на политички пуч со цел да се спречи мирна демократска транзиција на власта како резултат на изведените лански парламентарни избори од страна на организирани државни или парадржавни структури на 27 април годинава. Воедно, тоа е време на преземање на лостовите на власта од страна на довчерашната опозиција.

 

ОДРЖУВАЊЕ НА ПОСТОЈАНА ТЕНЗИЈА

Сепак, бележиме и обиди да се држи тензијата околу примопредавањето на власта со разни настани кои треба, од една страна, да шират страв и несигурност кај населението, а од друга страна, да создаваат некаква поширока линија на одбрана на политичкиот врв кој не успеа да создаде парламентарно мнозинство, со цел вината за настаните во последните 11 години да ја релативизира.

Два настани посебно привлекуваат внимание – тоа се наводните обиди за убиство врз истакнати членови на партијата ВМРО-ДПМНЕ, а кои во медиумите наклонети кон поранешната власт беа наречени атентати. Македонската јавност, која има историска наклонетост кон голтање на такви сказни за заговори и за лесно посегнување по туѓ живот од политички мотиви (солунски, марсејски и други атентати), требаше да поверува во спинот дека се готви одмазда на новата власт врз старата и дека двата настани за кои ќе стане збор подолу се токму такви форми кои треба да се очекуваат во иднина.

Првиот настан е од селото Ижиште, каде, според полицискиот извештај, стои дека „на 13.05.2017 година околу 18,00 часот … М.М. (66) од Кичево додека косел во дворот од сопствената куќа, оштетил метален предмет кој претходно не го забележал. Од ударот предметот почнал да дими формирајќи бел чад, од што истиот почувствувал солзење во пределот на очите, носот и болка во градите. По случката, М.М. се упатил во една од подрумските простории на куќата, каде на влезната врата пронашол експлозивна направа поставена на внатрешната страна од влезната врата.

Од извршениот разговор со М.М. истиот појаснил дека последен пат во куќата бил на крајот од минатиот месец и тогаш немало ништо во куќата..“ (види овде).

 

ПРАТЕНИК КАКО ИНДИРЕКТНА ЦЕЛ

Потоа се јави пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи, кој од овој настан направи случај со силен политички набој и го насочи кон себе, како кон некаква индиректна цел.

Вчера вечер во с. Ижиште, околу 22 часот екипи на МВР крим техника од М.Брод, Прилеп и анти-тероризам од Скопје успешно демонтирале бомба на задната врата во куќата на татко ми, објави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук… заканата кон Татко ми ја сметам за индиректна закана и притисок кон мене, поврзана со мојата политичка активност и мислење. Но, нема потклекнување, ниту повлекување“, пишува Милошоски. Пратеникот тврди дека бомбата е порака за него да се откаже од политичкиот активизам, а зад неа стои пратеник на СДСМ, кого го обвини за убиство во обид. Милошоски не го именуваше колегата од Парламентот кој се заканувал, а нема никакви детали од полицијата иако од тој настан изминаа повеќе од еден месец, ниту има знаци дали се покренати некои видливи истражни дејствија!

Зборот атентат го користеа во насловите посебно бугарските медиуми, кои на настанот му посветија големо внимание, кои се повикуваат на твитер изјави на ексминистерот.

Да застанеме тука за миг и да се потсетиме на дефиницијата за тоа што е тоа атентат пред да продолжиме со првиот и осветлувањето на вториот случај од најновите архиви на ВМРО-ДПМНЕ.

 

ДЕФИНИЦИЈА ШТО МНОГУ ПОЈАСНУВА

Зборот атентат доаѓа од латинскиот глагол аtentare, што значи „да се обидеш“ и во најширок поим на зборот значи противправен напад на живот, имот или чест на некого. Нели, се вели дека кога ќе скокне цената на бензинот тоа се третира како „атентат врз животниот стандард“. Но, во потесна смисла, што не интересира во случајот, под поимот атентат  се подразбира физички напад, односно убиство или обид за убиство на точно одредена личност, која има исклучителна економска, политичка или воена важност во некоја држава или во светот. Такво убиство се врши по правило со умисла… или тоа да биде  дело на фанатичен идеолошки противник или како трето, да се искористи душевно заболен човек.

Најпвин, дали некој со наводен обид за убиство на родител на пратеник би остварил политичка цел и каква? Јасно е никаква или спротивна од посакуваната – нема нешто, како во случајот на „индиректен атентат“, уште повеќе што хипотетичката цел на убиството е лице кои може да има одмаздувачи порив по сосема други настани, врзани за него или и за него, а тој не може да е тогаш политичка цел!

Атентат се врши на званична личност, пред сè, од политички или криминални побуди (уцена, рекет, застрашување). Во овој случај не е утврден мотивот за да зборуваме за атентат – кусо коментира професорот по криминологија Владимир Пивоваров за „Вистиномер“.

Впрочем, во 2012 година пратеничката од СДСМ, Весна Бендевска, го прозва ексминистерот за надворешни работи Антонијо Милошоски. Во вербалниот напад беше речено дека и во тоа време пратеникот Милошоски,  претседател на собраниската Комисија за надворешни работи, не само што ја злоупотребил функцијата, туку го злоупотребил и собранискиот печат. Тоа го сторил во рамките на лична пресметка на бизнис кланот Милошоски со градоначалникот на општина Пласница – Исмаил Јаоски. Во тие судири, кои ги имаше повеќе, веќе имаше можност за поинакви „нерасчистени сметки“ што го шират прашањето ма мотивите.

 

АКО САКАЛ ДА ГО УБИЕ…

Вториот случај, кој многу медиуми го врзуваа со терминот атентат, е обидот за убиство на поранешниот министeр за здравство и екс вицепремиер Никола Тодоров. Обидот го сторил Љупчо Стојановски, 57-годишен граѓанин на Велес кој веднаш беше приведен од страна на полицијата, како што објавија медиумите, а инцидентот се случи пред влезот на Министерството за здравство (види исто така

Овој настан, кој сè уште не е расчистен и после половина месец, иако сторителот е фатен (тој не давал отпор), но затоа го искорити лидерот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за најпрвин да направи разговор со потенцијалната жртва, ексминистерот Тодоров, а потоа свика на таа тема и посебна прес конференција („Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ , Никола Груевски денеска оствари разговор со високиот фунционер на партијата Никола Тодоров по денешниот обид за атентат врз довчерашниот министер за здравство и заменик претседател на Владата“).

Како што се гледа од овој и други написи, во поголем дел од медиумите се користи зборот атентат! Шефот на партијата Груевски говори повнимаелно – го квалификува настанот како обид за убиство, но сеедно, медиумите во насловите секогаш говорат за атентат. На тоа кумува и самиот Груевски кој на тој настан му дава недвосмислено политички набој и говори за дузина инспиратори!

Груевски денеска на прес-конференција истакна дека обидот за убиство бил недвосмислен, свиреп и со умисла. „Пукано е од непосредна близина во главата на Никола Тодоров. Присебноста и брзата реакција во дел од секундата го спасија Тодоров од првиот испукан куршум, а реакцијата на полицијата од вториот испукан куршум. Тие делови од секундата одлучија Тодоров да е жив, а неговите две деца да не се сираци. Овој обид за убиство не дојде ниту случајно, ниту без подготовка на атмосфера за тоа.

Потоа Груевски на пресот го обвини како инспиратор на настанот СДСМ, Зоран Заев, куп невладини организации финансирани од соросовите инсталации, Шарената платеничка револуција… кои наводно цели три години граделе атмосфера за ова денес да се случи.

Во овој случај може да зборуваме за еден вид на одмазда кога едно лице дели правда, бидејќи не функционираат институциите – коментира за „Вистиномер“ професорот Пивоваров.

 

ЛИЧЕН МОТИВ

Да објасниме дека се работи за класична одмазда од страна на 60-годишниот Љупчо Стојановски, дедото на малата Тамара од Велес, кој ја возбуди целата јавност – девојчето почина заради непружање на адекватна помош во форма на давање дозвола (и пари) за нејзино лекување во странство. За време на тој настан Тодоров беше прв човек во здравството. Значи, Стојановски во себе веројатно создал антагонизам кон ексминистерот и го сметал за виновен. Тука нема никакви политички мотиви, Сороси, СДСМ, Заев. Една директорка на Фондот за здравство си даде отставка, потоа уште еден функционер како нејзин надреден и тоа беше сè!

Се дознава дека обвинителството ќе спроведува истрага против Стојановски за убиство во обид и недозволено држење оружје. Но, тука се многу прашања отворени – во прилогот на „Телма“ се поставува дилемата дали станува збор за гасен пиштол, надограден да може да користи и куршуми? Како се случило од така мало растојание, од каде е успех да промашиш, да не ја погодиш целта? Тоа се дилеми на кои одговор треба да даде вештачењето неделава. Сите се чудат од каде му на Стојановски  пиштол и дали некој му го подметнал, односно дал? Се злоупотребила ли од некого неговата емотивна и психофизичка состојба? Во секој случај, премногу неодговорени прашања за да се гради теорија за „серија атентати“.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *