АНАЛИЗА: Секој петти – дел од неформалната економија !

 

Дури 53% од граѓаните би прифатиле да работат за плата од 8.000 до 16.000, а само 0,5 отсто размислуваат за плата на ниво или поголема од 40 000 денари. Од вкупниот број на невработени, повеќе од 70 отсто живеаат и се потпираат на приходи од плата или пензија на други челенови во семејството. Ова се дел од наодите  во новото истражување “Анкета на работна сила“ што го објави Заводот за статистика. Според дел од социолозите што ги консултираше Portalb.mk  долгорочната невработеност кај младите работоспособни луѓе носи долгорочни пролеми кои од една страна ги обесхрабруваат младите, но од друга страна ги „мотивираат“ да ја напуштат земјата во потрага по подобра иднина.

 

Пензиите и парите од странство – пресудни за живеачка!

Во Македонија има 225.049 невработени и  730.290 неактивни граѓани , во кои спаѓаат пензионери, студенти, домаќинки, лица кои се издржувани од други лица или примаат социјална помош. Новото истражување на Заводот за статистика покажува дека дури 18,2% од граѓаните би прифатиле да работа за плата од 130 до 195 евра а 34,8 отсто би работеле за месечни примања од 195 евра до 260 евра. Само 0,5 проценти од граѓаните размислуваат дека би прифатиле работа за плата од 650 евра. Младите и натаму се најскептични за вработување, односно скоро 10.000 лица на возраст од 15 до 34 години се  обесхрабрени да бараат работа, бидејќи сметаат дека нема расположливи места. Најдлабоки стапки на невработеност има токму кај оваа старосна категорија.

Стапки на невработеност:

од 15 до 19 години 50,4%

од 20 до 24 години 46,4%

од  25 до 29 години 36,1%

Според социолозите долгорочната невработеност во раниот работен век кај младите луѓе има долгорочни негативни последици.

Прво, интересен е податокот што работната сила (вработени и невработени) на возраст од 15-29 години се намалува. Имено, од 234.549 во 2006 година на 209.159 во 2016 година или за 25.390 лица, односно за 11%. Но, исто така се намалуваат некативните лица на возраст од 15-29 години (лицата кои се во образовниот процес, односно лицата кои се припремаат за пазарот на трудот) од 249,047 во 2006 година на 226,061 во 2016 година или за 22,986 лица односно за 9,2%.  Република Македонија со стапка на невработеност од 23,7%, (Анкета на работна сила 2016 година) секако не дава добри перспективи за општествена интеграција на младите, особено ако земеме предвид дека нивната стапка на невработеност изнесува 41%. Што значи дека над две петини од работната сила кај младите е оневозможено да сеткнуваат работно искуство и заработувачка – објаснува за Portalb.mk универзитетскиот професор Јорде Јакимовски.

Податоците покажуваат дека од вкупно 225.049 невработени, 159.103 или 70,6%  живеат од приходи, плати или пензија на друг член во семејството а 5% од невработените чекаат на парична помош од роднини или блиски кои живеат во странство.

Кај неактивноото население кое брои 730.290 луѓе, дури 388.914 или 53,2% се потпираат на приходи од плати или пензии на други членови во семејството, додека 3 отсто чекаат приходи од странство. Новото истражување покажува дека кај неактивносто население – еден од клучните приходи се пензиите од кои живеат повеќе од 33 проценти од оваа категорија на неактивно население. По важноста на приходите се социјалните бенефиции од кои живеат 34.414 луѓе или 4,7%.

Клучно прашање кое се поставува во Република Македонија е колку економскиот статус на членовите во домаќинството влијае врз сиромаштијата? За најголем дел од луѓето кои живеат во македонското општество платата е главен извор на приходот, додека немањето на заработкаата е најголема причина за сирмаштијата. Така, пристапот до пазарот на трудот и платите кои ги примаат се клучни при определувањето на средствата на поединците и домаќинствата, а се исто така многу важни при обезбедувањето на сигурност и котрола во однос на тие средства – објаснува за Portalb.mk професорот Јакимовски и додава:

Работата со себе носи одредени бенефиции во финансиската и социјалната смисла, но сепак не е мал број на они што остануваат сиромашни и исклучени,  иако се вработени. Недостигот од приходи, од пристапот до квалитетно здравство, од домувањето и од квалитетот на локалната животна средина влијае врз благосостојбата на населението во Република Македонија. Одговорот на прашањето дали вреди да се работи е мошне сложен, но во целина гледано е позитивен – работата е во корелација со пониско ниво на сиромаштија. Тешкотиите при вработувањето импицираат проблеми на индивидуално и трошоци на општествено ниво.

Според официјалните податоци на државната статистика, од вкупниот број на вработени, 589.774 се формално вработени додека 133.777 се неформално вработени или на секој петти формално вработен – има по еден од неформалната економија. 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *