АНАЛИЗА: Што покажа ревизијата – како работела УЈП?

Дел од поранешното раководство на УЈП на прослава на 22 години од формирањето на Управата. Фото: Веб страна на УЈП

 

Наодите што ги објави Државниот ревизор за работата на Управата за јавни приходи во 2016 година, покажуваат голем број недостатоци и случаи на работење кои се спротивни на законските процедури, пишува во неделната економска анализа на Portalb.mk.

 

Пишува Анета Додевска

Ненаменско трошење на пари собрани од откриени неплатени даноци, само за еден вработен се плаќала обука 10.500 евра, а тој подоцна ја напуштил УЈП, одлуки за избор на  најповолен понудувач при јавни набавки во рокови кои не се законски утврдени… Ова се дел од наодите што ги објави Државниот ревизор за работата на Управата за јавни приходи во 2016 година, пишува во неделната економска анализа на Portalb.mk.

Со извршената ревизија на финансиските извештаи на УЈП, Државниот ревизор изразува мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива – се посочува во новообјавениот ревизорски извештај.

 

КАКО СЕ ТРОШЕЛЕ ПАРИТЕ ВО УЈП?

Со пари наменети за осовременување и опремување на даночната управа, се плаќале сметки за комуналии. Ова е една од првите посериозни забелешки и констатирани неправилности, спротивни на закон,  а нотирани во новиот ревизорски извештај за работата на Управата за јавни приходи.

Извршени се исплати по основ на преземени обврски по фактури за комунални услуги, за греење, комуникација и транспорт во вредност од 2,6 милиони евра, што претставува 64% од вкупните трошоци за 2016 година. Ваквата состојба не е во согласност со член 5 од Законот за Управата за јавни приходи, согласно кој средствата оставрени од откриени и наплатени даноци, како и од наплатените камати за ненавремено платени даноци, треба да се користат за осовременување, унапредување и опремување на работата на УЈП, како и за стимулирање на работата на вработените – се наведува во ревизорскиот извештај.

 

Заклучно со крајот на декември, 2016 година, УЈП имала салдо на ненаплатени обврски  во износ од скоро 1,9 милиони евра, од кои 65% не се платени во законскиот дозволен рок од 60 дена, иако на 31.12.2016 година на сметката имало неискористени близу 2,5 милиони евра.

Ревизијата констатира дека салдото на евидентирани обврски на ден 31.05.2017 година е намалено и изнесува 318.455 евра. Државниот ревизор препорачува преземање на мерки за наменско користење на средствата остварени од откриени и наплатени даноци како и приливите од наплатени камати за ненавремено платени даноци.

 

ВРАБОТУВАЊА И ОБУКИ

За обука на вработените во Управата за јавни приходи, во текот на 2016 година биле потрошени 27.800 евра, од кои 10.500 евра биле потрошени за обука само на едно лице.

Истото лице во текот на 2017 година спогодбено ја напуштило УЈП – пишува во ревизорскиот извештај.

 И покрај законската обврска за оценување на вработените во текот на 2016 година, според наодите од ревизијата тоа не е направено.

 Согласно член 37 од Законот за УЈП, даночните службеници треба да бидат оценувани еднаш годишно, најдоцна до првото тромесечје од следната година за годината кој што изминала.  Вработените кои имаат статус на административни службеници задолжително треба да се оценуваат еднаш годишно, најдоцна до 1 ви декември во тековната година. И покрај законската обврска за оценување на вработените, УЈП не го спровела годишното оценување за 2016 година – наведуваат од државниот ревизор.

 

ЈАВНИ НАБАВКИ 

Со извршениот увид во начинот на спроведување на јавните набавки согласно кои се склучени договори во 2016 година, биле опфатени 83% од вкупната вредност  на склучените договори, односно од 807.000 евра биле опфатени 674.000 евра.

Одлуките за избор на најповолен понудувач во пет од спроведените постапки за јавни набавки не се донесени во законски утврден рок – се наведува меѓудругото во ревизорскиот извештај.

 Во одредени јавни набавки констатирано е дека е извршена евалуација на понуди врз основа на критериум кој не бил предвиден, потоа утврдени се одредени недоречености во тендерска документација поврзана со набавка на симетричен интернет. 

 УЈП го повикува одговорното лице да преземе мерки за доследно почитување на одредбите од Законот за јавни набавки.

 

ИМОТ И ЕВИДЕНЦИЈА 

Во финансискиот извештај на УЈП за 2016 година бил евидентиран имот во вредност од 2,2 милиони евра.  Ревизорот наведува:

УЈП не раполага со  имотен лист за објектот во кој е сместена Генерланата дирекција на УЈП. Со одлука на Влада на УЈП и се доделени на трајно користење градежени објекти во Битола и Прилеп, за кои не се преземени активности за утврдување и проценка на вредноста на објектите и нивно евидентирање во сметководствената евиденција на УЈП. Доделените објекти се евидентирани во материјалната евиденција на УЈП. За 2016 година не е извршено осигурување на објектите во кои е сместена УЈП, што не е во согласност со Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост – наведува ревизорот.

 

УЈП ангажирала овлестено лице, проценител да изврши процена на недвижниот имот во Битола и Прилеп. Ревизорот има забелешки и во однос на запленетиот имот: Не е воспоставена сметководствена евиденција на залихите на запленетиот имот во целост.

По доставените забелешки од страна УЈП во однос на ревизорскиот извештај,  дел од нив не се прифатени, бидејќи, како што информира ревизорот, не биле добиени дополнителни докази кои би ги промениле наодите, а дел од забелешките ревизорот ги смета како известување за преземени активности за надминување на констатираните состојби.

Финасиските извештаи што ги анализирал државниот ревизор го опфаќаат мандатот на тројца директори на УЈП, Кирил Миновски, Петар Есмеров и Анастасија Илиеска.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција