Балкански барометар  2017: Медиумите во Македонија се зависни од политика и од корупција

Слаба е довербата на граѓаните во Македонија и во ЈиЕ кон медиумите, кои ги зметаат ем за политички зависни, ем за немоќни да ја контролираат власта, ем за корумпирани – покажува мегаистражување на јавното мислење

 

Медиумите во Македонија се зависни од политичките влијанија, но и се корумпирани. Ваква е перцепцијата на граѓаните што биле испитани во рамките на мегаистражувањето „Балканскиот барометар 2017“ – истражување на јавното мислење во Југоисточна Европа, што веќе трета година по ред го спроведува Регионалниот совет за соработка – оперативно тело на земјите од регионот.

Според податоците од истражувањето дури 72 отсто од граѓаните на Македонија се согласуваат делумно или целосно дека медиумите се зависни од политичко влијание, 23 отсто мислат дека не се, а само 3 отсто незнаат или не сакаат да одговорат. На ниво на осум земји од регионот каде беше спроведувано истражувањето, тој сооднос е 69 отсто согласни, делумно или целосно, 24 отсто мислат дека не се, а 6 отсто одбиле или не знаат да одговорат.

Нешто поголема е довербата во медиумите во насока дека се моќни да ја контролираат владата и да ја направат отчетна кон граѓаните. Во Македонија 42 отсто веруават оти медиумите ја играат таа улога, додека 55 отсто мислат дека медиумите ја немаат таквата моќ. На ниво на регионот, во моќта на медиумите во однос на владата веруваат 43 отсто, додека во спротивното тврдење веруваат 51 отсто.

На прашањето во која мерка медиумите се зависни/подложни/ на корупција, дури 73 отсто од испитаниците во Македонија веруваат во таквото тврдење. На прашањето за корупцијата и медиумите, перцепцијата на граѓаните е најпозитивна во Албанија, Косово и Црна Гора – таму најмногу веруваат дека медиумите не се корумпирани. Најлошо стојата медиумите во Босна и Херцеговина, каде што дури 80 отсто сметаат дека се корумпирани.

Истражувањето кое во понеделникот (09.10.2017) беше објавено и презентирано во Брисел е спроведено врз 8 илјади испитаници во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора и во Турција. Регионалниот совет за соработка е оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во југоисточна Европа, чиј што основач и полноправен член е Република Македонија.

Медиумите, односно медиумската сфера, е една од клучните области која треба да биде подложена на итни реформи. Тоа е заклучок од укажувањата на ЕУ, извешаите на германскиот експерт Рајнхард Прибе, домашните експерти и политичари, Итните реформски приоритети, а е тема и на Планот 3-6-9 на Владата на Зоран Заев.

T.Б.


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *