Беким Фазлиу: Конфликт на интереси – Ермира Мехмети добивала 500 евра од Министерство за одбрана

Partia_Demokratike_Shqiptare.svgbdi-large
bekim-fazliu
Беким Фазлиу, пратеник | Извор: Телма | Датум: 16.03.2014

„Ова е договорот склучен помеѓу Талат Џафери, министер за одбрана на ДУИ и Емира Мемети, пратеник на ДУИ, каде што Талат се обврзува да и плаќа на Ермира по 500 евра месечно. Се поставува прашањето кои се тие услуги што и се плаќаат на Ермира? Ние ќе продолжиме да бараме од надлежните органи да преземат мерки согласно Законот.“

Образложение:

Потпретседателот на ДПА, пратеникот Беким Фазлиу на 16.03.2014  ја обвини ДУИ за корупоциски скандал, во кој, според него, се инволвирани министерот за одбрана, Талат Џафери и пратеничката од ДУИ, Ермира Мехмети. Фазлиу на прес-конференција објави документ од  7 мај минатата година (договор), со кој, како што рече, Џафери ја ангажирал Мехмети за консултантски услуги во Министерството за одбрана.

Мехмети не гледа конфликт на интереси во тоа што истовремено била пратеник и консултант во Министерството за одбрана и за своите услуги добивала месечен хонорар од 30.000 денари.

„Прво, прес-конференцијата има намера да послужи во предизборната кампања со која треба да се промовира Фазлиу, кој е и формално носител на листа на ДПА во првата изборна единица. Второ, ова е една од оние демек конференции каде демек се обелоденуваат афери за да се прикрие големиот скандал за сушико-коалицијата. Ако некој се сомнева дека сум била вмешана во корупциски скандал, немам никакви комплекси тоа да се провери. За сè останато немам обврска да одговарам и да давам образложенија. Сите што се сомневаат дека има конфликт на интереси нека истражат кој сè има такви договори со институциите“,  изјави Мехмети.

Во  Законот за пратеници е наведено:

Функцијата пратеник во Собранието се врши професионално.   (Член 4)

Пратеникот нема право да врши други јавни функции или професии, кои согласно со закон се неспојливи со функцијата пратеник.  (Член 5)

Функцијата пратеник е неспојлива со вршењето на дејности со профитна цел. (Член 9 , став 3)

Во членот 21 став 1 и став 2 од Законот за спречување на корупцијата се вели:

(1) Избран или именуван функционер за време на траење на мандатот не може да врши никаква друга функција, должност или дејност што е неспоива со неговата функција.

(2) Службено лице не може да врши никаква друга дејност поврзана со остварување профит и што е неспојлива со неговата службена должност.

Во членот 7 став 1 од овој Закон е наведено дека :

За определување на значењето на изразите избран или именуван функционер како и друго службено лице се применуваат одредбите за значење на изразите од Кривичниот законик.

Според  член 122  став 4 точка (а) од Кривичниот законик  како службено лице се смета:

„претседателот на Република Македонија, поставените амбасадори и други претставници на Република Македонија во странство и именувани лица од претседателот на Република Македонија, избран или именуван функционер во и од Собранието на Република Македонија, во Владата на Република Македонија, во органите на државната управа, во судовите, Јавното обвинителство, Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавните обвинители на Република Македонија и други органи и организации што вршат определени стручни, управни и други работи во рамките на правата и должностите на Републиката, во единиците на локалната самоуправа, како и лица кои постојано или повремено вршат службена должност во овие органи и организаци“.

Во членот 8  од Законот за спречување на судир на интереси се вели:

„Службено лице во време на извршување на јавните овластувања и должности не смее да врши никаква дејност која може да влијае на непристрасно вршење на јавните овластувања и должности.“

Во членот 3 став 2 од овој Закон е наведено:

„Службено лице, во смисла на овој Закон, се претседателот на Република Македонија, пратениците, градоначалниците, амбасадорите и други именувани лица на Република Македонија во странство, избраните и именувани лица од и во Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија, органите на државната управа и други државни органи, органите на судската власт, јавните претпријатија, установи, други правни лица на централната и локалната власт, советниците во советите на општините, советниците во Советот на градот Скопје, како и лица вработени преку агенциите за привремено вработување со овластувања утврдени со закон“

Поранешниот претседател на Државната комисија за спречување на корупција, Драган Малиновски,  во изјава  за еден медиум  вели:

„Дека има судир на интереси е евидентно и не е спорно. Тука судирот е во тоа што работа на Собранието е да го контролира министерот и Mинистерството. Како може тоа да се оствари ако тој што контролира е во конкретен ангажман со Mинистерството? Немам дилеми дека има судир на интереси и треба да реагира пред сè Државната комисија за спречување корупција, бидејќи таа е институцијата што го следи постоењето на судир на интереси“

Имајќи го предвид сето ова: изјавата на Мехмети, посочените одредби од Законот за пратеници,  Законот за спречување на корупцијата, Законот за спречување на судир на интереси и од Кривичниот законик, како и изјавата на Малиновски,  може да се констатира дека изјавата на потпретседателот на ДПА, пратеникот Фазлиу  е вистинита.

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *