Богдановиќ вети и стави мораториум на градбите во Центар

Саша Богдановиќ Фото: ФБ профил на градоначалникот Богдановиќ

Проверка на сите издадени одобренија за градби и стопирање на издавањето нови одобренија за градба и воведување мораториум за градба најдоцна до крајот на 2017 година и да трае сè додека не се изготви нов детален урбанистички план според сите стандарди и без случајни превиди.

[Извор:Изборна програма на СДСМ „Живот за Центар! За сите“(стр.16)]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за воведување мораториум за градба е исполнето ветување на градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ. Богдановиќ, ваквото ветување го даде за време на предизборната кампања за локалните избори кои се одржаа на 15. октомври 2017г. и истото е содржано во неговата предизборна програма „Живот во Центар! За сите“ (стр.16), во делот посветен на мерките за запирање на неконтролираните градежни активности на територија на Општина Центар.

Советот на Општината, на седница која се одржа на 27.12.2017 година, по предлог на градоначалникот Богдановиќ, ја изгласа одлуката за стопирање на реализацијата на сите дотогаш донесени Детални урбанистички планови (ДУП). Со тоа, како што пренесе порталот Сдк.мк, се стопираа 31 ДУП во Центар, што значи дека нема да се издаваат дозволи за градба.

Мораториумот за градба ќе трае два месеца, до тогаш треба да заврши ревизијата на плановите и да се донесе одлука кои планови треба да се изменат. Од Општината велат дека причина за стопирање на плановите е тоа што голем дел од нив се носени во доцните ноќни часови и не е изготвен извештај за стручната расправа и јавна анкета.

Веста за мораториумот ја пренесе и претседателката на Советот на општина Центар, Јана Белчева, на својот Фејсбук профил.

Здравјето пред профитот! Вчерашната одлука за мораториум и ревизија на ДУПови која ја изгласа Советот на Центар, беше содржана во изборната програма зад која застанаа граѓаните на Центар. Уште повеќе, тоа изборно ветување беше дадено од сите кандидати и партии, па оваа одлука е надпартиска, во интерес на граѓаните, нивниот квалитет на живот, безбедност и здрава животна средина. Напластените проблеми во урбаниот хаос нема да исчезнат, но ќе престанат да растат. Решенијата што ќе следат нема да дозволиме да ги повторуваат грешките од минатото, со предимензионираност, со уништено зеленило и детски игралишта, со небезбедност, надминати густини на жители, несоодветна инфраструктура, загаденост… Следи сериозен процес на ревизија и поправка на грешките.

Инаку Белчева, на местото претседател на советот во Општина Центар, дојде од граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“.

Имајќи го предвид сето ова, како и фактот дека одлуката е донесена во предвидениот рок, до крајот на 2017 година, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, за мораториум на градбите, е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.