Деформирана демократија: Институциите се мртви, остануваат партиите

Дупки во ѕидот меѓу партијата и државата. Фото: Frans de Wit/flickr

Што е поважно – државата или партијата? Тоа е прашање кое e, верувам, во потсвеста на просечниот македонски граѓанин. Секојдневно бомбардиран со информации кои јасно не ги раздвојуваат партиските од државните интереси, тој го губи осетот за тоа каде е државата и кога почнува партијата. Тоа најдобро го покажа претседателот Иванов

 

 

Што е поважно – државата или партијата? Тоа е прашање кое e, верувам,  во потсвеста на просечниот македонски граѓанин. Секојдневно бомбардиран со  информации кои јасно не ги раздвојуваат партиските од државните интереси, тој го губи осетот за тоа каде е државата и кога почнува партијата. Тоа најдобро го покажа претседателот Иванов

 

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

Во битката помеѓу државата и партиите, кај нас по правило губи – државата. Тоа е за жал така, така било и по сè судејќи така ќе биде и понатаму!

Доволно е само да се следат актуелните процеси па да сфатите дека во политиката, во потезите на власта (и на опозицијата) секогаш и пред сè и над сè, се наоѓа партијата . И што е уште полошо не партијата како идеологија, како репрезент на одреден светоглед за развој на заедницата, државата, прифатлив за некој слој популација, туку партијата сфатена строго како теснопартиски интерес, како сопственост на една група или групација која е постојано подготвена да ги згази сите државни, национални, стратешки интереси на земјата, во замена за власт, профит, доминација.

Претседателот Иванов во тоа име, во името на осомничената врхушка на ВМРО-ДПМНЕ си дозволи да го фрли и да го згази и она малку достоинство на функцијата Претседател на Републиката (ако сега веќе може така да се нарекува).

Антиуставно, незаконски, со закана, тој се стави во беспоговорен слугански однос, во служба на партијата, која, всушност, и ги исконструира неговите два избора за претседател. Тој само им врати за услугата. Настрана инфантилните тврдења дека за тоа не известил никого и дека го направил сам, по свое наоѓање(!?) Ако досега не бил, со потегот на амнестија или аболиција или помилување (и тој самиот не знае што), доведен во директна врска со криминалните активности на партиската групација, сега тој самиот се запиша како рамноправен соучесник во сите матни зделки и дејанија. Тој се поврза со бандата на експлицитен начин и едноставно веќе ништо не може да го испере.

Едноставно, од неумеење или под некоја силна присила, Иванов си дозволи да ги поништи институциите само за да спаси неколкумина од гонење и што е уште поважно – да ги спаси нивните пари. Дали е свесен за штетите кои ги направи и допрва ќе следат?  И ако е, тоа за него не е битно – важно е да ја спаси врхушката на партијата. А, тоа што ја урива државата – тоа за него не е битно!

 

МАНИР НА ОДНЕСУВАЊЕ ОД ВРЕМЕТО НА КОМУНИЗМОТ

Неодоливо ме потсетува како манир на однесување од времето на комунизмот. Таму отворено се идентификуваа партијата и државата. Сè што беше добро за партијата беше добро и за државата. Притоа да не заборавиле, како голема разлика и оправдување, како предност на тој систем, подреденоста беше во функција на идејата за изградба на едно ново, праведно општество кое се покажа како утопија и затоа се урна. Во тоа време владата беше само извршен орган на партијата, како и сите други државни институции. Тоа што ќе се одлучеше во ЦК тоа беше најважно и единствено можно. Тоа се викаше – демократски централизам! Контрадикторен сам по себе, овој термин обезбеди владеење на една партија долга низа години. Се разви систем кој успеа да ги контролира сите сегменти на општеството.

Сегашнава ситуација, се чини уште пострашна зашто се работи за владеење во името на една партија, но на многу тесен круг или на Фамилијата како што се одомаќи во нашата јавност. Во таа фамилија се било и е (сè уште) можно. Судската кадровска политика се водела во тефтерчето на Гордана, за зделките со ДУИ и ДПА (и валкани зделки) бил надлежен Сашо, за криминалите  околу изборите (и другите) бил одговорен Миле, за другите работи Кире…. Газдата шефчето, пак, всушност, ги искажувал идеите кои се реализирале беспоговорно. Сѐ до оние налудничави барокни фасади…

Карикатурата на функционирањето на власта се гледа особено добро сега откако шефчето веќе не е и номинално премиер. Се гледа дека пржинскиот услов да се мавне од премиерската позиција за да не може да ја користи владата како предизборен адут во своите настапи, не смени едноставно ништо. Тој и натаму се однесува исто како и порано, дури и ги интензивира своите додворувачки ветувања. Оди шета, ветува невозможни работи , го „м’кне“ со себе Ве-Де премиерот кој треба да ги потврди неговите замисли.

 

ПАРТИЈАТА НАД СУДОТ – СУДОТ НА ПАРТИЈАТА

Притисокот на судот и правниот систем не само што не се намали, туку и се зајакна до крајни граници, па сега судскиот интегритет е сведен само на можноста да им се слоши кога треба да се донесе одлука, а челниците на судско-обвинителските тела да тропаат глупости. Истовремено, власта здушно ги користи сите методи на притисок, особено медиумските, кои треба да ја поништат онаа малку од малку ослободена критичка енергија во исто толку малубројните гласила кои не потпаднаа под партиското стампедо. Целта е да се создаде претстава дека е прашање на државата партијата да остане на власт, се разбира, со неприкосновеното шефче кое поставува хамлетовски дилеми – Груевски или Македонија!  А, државата им служи само како изговор кога сакаат неистомислениците да ги дисквалификуваат и ги прогласуваат за антидржавни елементи.

Бесрамното крадење на изборните гласови се доведува во рамниште на техничко прашање. Специјалното јавно обвинителство како зло кое мора да се искорени, иако согласност за него  потпиша и шефчето.

Нивните партнери од ДУИ на бесрамен начин си решаваат партиско-љубовни проблеми во ек на заострувањето на кризата. Сè е можно само нивните партии да останат силни, решавачки и единствени(!?), иако се веќе тотално гнили.

На другата страна се наоѓа опозицијата, повторно олицетворена во една партија која бара едноставно да биде замена за сегашната владејачка. СДСМ не го артикулираше во своја корист минатогодишниот наплив на револт и не успеа да даде гаранции за тоа дека во иднина веќе нема да биде така, дека ова што се случува сега ќе биде минато, а државата ќе дојде на прво место.

Сега, со распуштено Собрание, кое и онака беше само полигон за караници од најдолен вид, меѓупартиските судири ќе се одвиваат спорадично во медиумите, а потоа и на улица. Зашто институциите се мртви,  остануваат партиите.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција