Директорoт на „Службен весник“ нема одговорност за објавувањето на Законот за јазиците

ВМРО-ДПМНЕ го издаде следното соопштени/изјава, во врска со објавувањето во Службен весник на РМ на Законот за употреба на јазиците, без потпис од Претседателот на Република Македонија, кое го оценуваме како невистина

 

ВМРО-ДПМНЕ го издаде следното соопштени/изјава, во врска со објавувањето во Службен весник на РМ на Законот за употреба на јазиците, без потпис од Претседателот на Република Македонија, кое го оценуваме како невистина:

Го предупредуваме директорот на Службен весник, Мартин Костовски, дека објавувањето на законот за јазици во Службен весник е кривично дело кое не застарува и за кое се лежи казна затвор и ја носи директно директорот на Службен весник, а потоа и сите инволвирани. Сите инволвирани ќе сносат одговорност за насилното кршење на законите, процедурите и уставноста при носење на истите закони

[Извор: A1ОН – ВМРО-ДПМНЕ предупредува:…, датум: 14.01.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ е невистинито, т.е. без основа, дури и само формално гледано врз конструкцијата на реченицата дека „објавувањето на законот (без потпис од Претседтлот на РМ – н.з.) е кривично дело кое не застарува и за кое се лежи затвор“….

ВМРО-ДПМНЕ во предупредувањето во соопштението/изјава, не наведува за кое кривично дело станува збор. Малку се кривичните дела во Кривичниот законик (КЗ)  што не застаруваат. Ако се мисли на Злоупотреба на службената положба и овластување, член 353 од КЗ, тоа дело застарува, зашто казните се од шест месеци до пет години и тоа под услов да се докаже намера за некаква корист.

Во Член 112 од КЗ се наведени точно кои дела не застаруваат во смисла на кривично гонење и издржување на казна и тие дела означени како „кривични дела геноцид и вoени злосторства“. Според тоа, јасно е дека ако формално се чита напишаното во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, тврдењето во него е невистинито.

Консултиравме правни експерти и единствениот закон кој ја регулира оваа материја, а тоа е Законот за објавување законите и другите прописи и акти во Службен весник на Република Македонија. Тука се важни, според толкувањето на еден од правните експерти, два члена од законот:

Член 5, став еден:

За објавување на законите и другите прописи и акти на Собранието на Република Македонија се грижи секретарот на Собранието на Република Македонија. За објавување на прописите и другите акти на претседателот на Републиката се грижи службата на претседателот на Република Македонија. За објавување на прописите и другите акти на Владата на Република Македонија се грижи секретарот на Владата на Република Македонија.

Како и последниот став од овој член:

Налог за објавување на законите и другите прописи и акти дава одговорното лице кое се грижи за објавувањето на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“.

Адвокатот Александар Георгиев, кого го консултиравме за прашањето дали директорот има одговорност, е дециден дека овој член од Законот, инаку главен закон што ја регулира работата за објавување на законите во Службен весник, е јасен и за него нема дилема како се разбира.

Според овој член директорот нема право да толкува што да објави или не, без оглед на член 18 што му го посочивме,  каде се наведува дека е одговорен уредник.

Штом добие налог за објавување, а налогот го добива од тој што се грижи за објавување, како што е наведено во членот 5, јасно е дека законот мора да се објави. Законот се објавува во првиот нареден број на Службен весник – дециден е Георгиев.

Вистина е дека станува збор за прв случај на објавување на закон, односно на указ за спроведување на законот без потпис на претседателот на државата, ни појаснуваат и други правни експерти со кои се консултиравме, кои велат дека „процедурата мора да се почитува, но во процедурата сигурно не пишува „што ако…“, како што не е предвидено ни во Уставот што се прави со законот кој Претседателот два пати не го потпишува“.

Слично мислење во врска со налогот за објавување има искажано многу порано и професорот по уставно право Светомир Шкариќ, за кого не е спорно дека законот би можел да биде објавен. Но, потоа процедурата ако некој сака да го спори објавувањето, односно де факто дали законот е во правна сила, ќе се пресели во Уставиот суд

Претседателот на Собранието може да го потпише Законот за употребата на јазиците и да го прати до Службен весник со образложение дека претседателот на Македонија го крши Уставот, а тој како спикер на Законодавниот дом е должен да го испрати Законот на публикување, бидејќи секој граѓанин, вклучувајќи го и Иванов, има обврска да го почитува Уставот. Но, и со тоа нема да биде решен проблемот, затоа што тогаш доаѓа најтешката пречка во врска со стапувањето на Законот во сила, а тоа е Уставниот суд.  Ако Законот биде објавен со дефектен указ, Уставниот суд би можел да се произнесе дека таквиот акт не може да го земе во постапка за разгледување, бидејќи не е Закон – изјави Шкариќ во интервју за емисијата Фактор магазин на ТВ24.

Поради наведените образложенија, може да се даде оценката невистина за тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ, дека директорот на Службен весник сторил „кривично дело кое не застарува и за кое се лежи затвор“.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.