Дискутабилно е дали во државната управа има недоволна вработеност

 

Министерот во Владата на РСМ Дамјан Манчевски даде изјава која ја оценуваме како полувистина:

Има една погрешна перцепција кај граѓаните, за што сме виновни и ние политичарите, кога зборуваме за администрација. Јавната администрацијата кај нас брои едвај 16 илјади луѓе. Тоа се вработените во органи на државна управа – грубо кажано централната власт. Овие другите се вработени во јавен сектор, а ние сите ги викаме администрација. Во министерствата, со се подрачни единици, со сè, има едвај 4 илјади вработени. На нив сега паѓа најголемиот товар и на преговори и на реформи…Во овој сектор, реалната јавна администрација имаме недоволна вработеност

[Извор: ТВ Алфа – Отворено (од 13 до 15 мин. од видеото) – датум, 16.05.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски цитирана погоре е полувистина. Според наведениот број на вработените е вистинита, но по оценката дадена во  изјавата, дека се работи за мала бројка и дека всушност има недоволна вработеност, може да се каже дека е полувистина.

Бројката на вработени ја проверивме во последното издание на Годишниот извештај од регистарот на вработените во јавниот сектор за 2018 година. На стр. 28 од Извештајот има табеларен приказ на вработените во органите на државната управа:

Фото: Принтскрин од табелата 10 од Извештајот за бројот на вработени во државната управа

Малку погоре во Извештајот е појаснето дека од оваа бројка се изземени околу 19 илјади вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за разузнавање, бидејќи овие лица имаат статус на овластени службени лица, најголем дел од нив носат униформи и не се вбројуваат во класична јавна, т.е. државна администрација.

Што се однесува на делот во изјавата на Манчевски дека во органите на државната управа има невработеност, односно им недостасуваат луѓе, таа оценка е полувистина, вклучувајќи го и сегментот од изјавата што е кажан во емисијата веднаш потоа, дека „бројката на вработените во образованието во здравството, итн., е најголем дел од бројот на вработени во јавниот сектор и дека тука бил главниот проблем“.

Во документот за јавни политики што го објави Метаморфозис, а се однесува за реформите на јавната администрација,  се наведуваат експертски мислења од универзитетски професори дека таа бројка на вкупно вработени во јавната администрација можеби е голема, но можеби е и недоволна, во зависност од тоа колкав е обемот на работата. Ако има зголемен обем на работа, секако дека е недоволна. Но, важно е дека експертите велат дека споредено со просекот од земјите членки на Европската унија, вкупниот број на јавна администрација од околу 16 отсто од работоспособното население, е под просекот на ЕУ.

Но, што се однесува до тоа дека 16-те илјади вработени во органите на државната управа не се многу и има невработеност, точноста на тоа тврдење е во најмала рака дискутабилно.

Професорот  од Правниот факултет во Скопје „Јустинијан Први“, д-р Драган Гоцевски кој предава за јавна администрација , во изјава за „Вистиномер“ вели дека не може да е точна констатацијата на Манчевски, од две причини. Прво, од осумдесетите години на минатиот век, па сè до 2000-та година, државната администрација, односно вработените во органите на државната управа функционирале без никаков проблем некаде со 12 илјади луѓе. Од 2006 г. бројката се зголемува постепено и стигнала до 16 илјади.

Како бројка, 16 илјади можеби не се голема бројка, но секако не може да се каже дека се малку или дека таму има невработеност. Можеби има невработеност на квалитетни кадри, но дека се малку, не се. Впрочем како може да се каже дека има невработеност кога сè уште има нераспоредени околу 1.700 луѓе вработени по Рамковен договор, кога Генерален секретаријат во Владата работел со децении со 80 луѓе, сега има 300, итн. – вели Гоцевски.

Поради горенаведените аргументи, но имајќи предвид дека Манчевски можеби зборуваше за недоволна вработеност на висококвалитетни кадри во државната управа која се соочува со големи реформи и со можни преговори за приклучување на земјата кон ЕУ, изјавата ја оценуваме како полувистина.

ИЗВОРИ:

Оцени:Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција