Доцни изградбата на училиштето во прилепската населба „Сточен Пазар“

Ново училиште во населбата Сточен Пазар

Ќе изградиме подрачно училиште на ООУ „Рампо Левката“ за ученици до петто одделение. Со отворањето на ова подрачно училиште, децата од населбите Жабино Маало и Сточен Пазар ќе може да посетуваат настава блиску до своите домови. (Буџет: 16 милиони денари;  Извор на средства: буџет на Општината; Рок за реализација: 2013 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во својата изборна програма, наречена „Нови дела за нов поредок, Нови дела за подобар Прилеп“ (2013 – 2017), прилепскиот градоначалник Марјан Ристески на своите сограѓани им вети ново подрачно училиште во прилепската населба Сточен Пазар, со рок за реализација  2013 година (стр. 53). Училиштето почна да се гради  минатата година (септември 2016) – кога беше поставен камен – темелникот, и е во фаза на изградба, па според Методологијата на „Вистиномер“, ова ветување го оценуваме како делумно исполнето.

Пребарувањето на интернет содржините за тоа до каде е изградбата на училиштето, покажува дека последна достапна информација за овој проект (наведен меѓу приоритетните проекти во програмата на Ристески) датира од 13.09.2016 и се однесува на поставувањето на камен-темелник за училиштето во прилепската населба Сточен Пазар. За настанот информира службената веб-страница на Општина Прилеп:

Денеска (13.09.2016 н.з.) со мала свечена церемонија беа поставени камен темелите на новото училиште. Парцелата на која се наоѓа објектот е 3.590 м2 со три училници. На истото место ќе има и канцеларии за персоналот, санитарии за децата и персоналот и влезна партија. Дворното место ќе биде уредено со спортски терени, училници на отворено и простор за одмор. Со ваков инфраструктурен зафат ќе им се олесни работата и на родителите и на учениците до петто одделение кои засега пешачат и патуваат со автобус до училиштата, оддалечени повеќе од два километри во една насока. Оваа инвестиција чини единаесет милиони денари средстава од Буџетот на ЕЛС Прилеп.

За изградбата на ова училиште на истиот датум беше информирано и од медиумите.  Канал 5 известува за свеченото почнување на изградбата на  училиштето, најавувајќи дека децата ќе се вселат во новоизградено училиште во следната учебна година (2017 н.з.):

Од идната учебна година од прво до петто одделение во ова училиште ќе учат 120 ученици од ова маало и од Жабино маало. Тие сега настава следат во основните училишта Рампо Левката и Климент Охридски

Невладината организација ЦИВИЛ во напис пренесен од неколку медиуми го проблематизираше тајмингот на почнувањето на градежните работи на ова училиште три месеца пред предвремените парламентарни избори (11 декември 2016), а три години по рокот наведен во програмата на прилепскиот градоначалник Ристески:

Зошто токму сега, пред избори, локалната власт и градоначалникот Ристески држат говори пред мештаните во населбата Сточен Пазар. Зошто пред избори фрлаат лопати, а овој проблем им е познат многу добро, сите овие години? Зошто Ристески и локалната власт не успеаја во три мандати да изградат училиште од 170-ина илјади евра, и да им ги скратат маките на граѓан(к)ите од оваа населба, а толку големи суми и донации секоја година се собираат за сармијади, пивопиенки и скарајаденки, за исплата на турбо фолк ѕвезди од регионот, кои ги плаќаат со астрономски суми, додека градот се задушува во чад и алкохолни испарувања. Нема дилема дека темелите за ова подрачно училиште се копаат сега, зашто е време за собирање гласови по препознатливиот за оваа власт – популистички метод“.

На официјалната мејл-адреса на Општина Прилеп поставивме прашање кога децата од населбите Жабино Маало и Сточен Пазар ќе се вселат во новото училиште, но на барањето упатено пред две недели, не добивме никаков одговор.

Состојбата на лице место покажува дека  од поставувањето на камен-темелникот минатиот септември до 9 мај годинава (2017), кога е направена проверката, кренати се столбови и избетонирана е првата плоча.

Иако, увидот во реализацијата на проектот: „Ново училиште во населбата Сточен Пазар“, покажа дека изградбата доцни, сепак, според Методологијата на „Вистиномер“, со оглед на тоа што се направени одредени активности (училиштето е во фаза на изградба), ова ветување добива оценка „делумно исполнето“.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Југослава Дуковска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција