ДУИ ќе го решава победникот помеѓу СДСМ И НДМ во Чашка?!

Кој ќе ја добие довербата на избирачите во Чашка и Градско Фото: Принтскрин колаж (commons.wikimedia.org; arhiva.cooltura.mk)

СДСМ го освои мнозинството во советите во Чашка и во Градско каде што в недела ќе има втор круг од локалните избори. Во Чашка СДСМ се натпреварува со кандидат на Народното движење на Македонија, а во Градско со ВМРО ДПМНЕ.

 

Пишува: Саше Димовски

 

По победата на СДСМ во Велес и преземањето на Oпштината од страна на новиот градоначалник Аце Коцевски, во велешкиот регион в недела (29.10.2017), на вториот круг од изборите ќе се гласа во соседните Чашка и Градско, кои произлегоа од поранешната Oпштина Велес.

Чашка е единствената општина во Македонија каде што во втор круг ќе се борат кандидати на СДСМ  и на Народното движење на Македонија (НДМ), Горан Стојановски и  Горанчо Пановски.

lOK-IZB

Пановски беше досегашен градоначалник на Општина Чашка во два мандати од ВМРО ДПМНЕ, но на овие избори, откако ВМРО ДПМНЕ го кандидираше Зоран Здравевски, Пановски се појави како кандидат на НДМ на Јанко Бачев.

Во Општина Чашка во првиот круг за избор на градоначалник најмногу гласови доби  кандидатот на СДСМ Горан Стојановски, 1.970 гласа  или 49,29 отсто што е само  дваесет гласа помалку од потребниот цензус за победа во прв круг.

За Горанчо Пановски, како кандидат на  Народното движење за Македонија  гласале 970 гласачи, или 24,27 отсто,  додека Зоран Здравевски од ВМРО-ДПМНЕ кој отпадна од трката по првиот круг освои 931 глас или еден процент помалку гласови од досегашниот градоначалник.

 

ВО ЧАШКА  Е МОЖНА АПСТИНЕНЦИЈА НА  ГЛАСАЧИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ

Против досегашниот градоначалник на Чашка Горанчо Пановски во тек е кривична судска постапка по обвинение што го поднесе ОЈО Велес за злоупотреби што ги направил при оттуѓување – продажба на планинарски дом Чеплес.

Но, иако пријавата е поднесена повеќе од три години додека ВМРО ДПМНЕ беше на власт, од чии редови беше и тој, судската постапка не е завршена бидејќи кандидатот за градоначалник Горанчо Пановски не се појавуваше на судењата правдајќи се со „влошена здравствена состојба“.

Интересно е што в недела се очекува целосна апстиненција на гласачите, поддржувачи на ВМРО ДПМНЕ, кои не се во добри односи со Горанчо Пановски откако партијата ги влоши односите со него, а тој истрча под закрила на партијата на Јанко Бачев, како и очекување дека гласачите на ДУИ ќе го одлучат победникот, а нивниот број не е мал, посебно во селата Горно и Долно Јаболчиште, Мелница, Врановци, населени со етнички Албанци.

Во Чашка има запишано 6.017  граѓани со право на глас, а во првиот круг на гласање  излегле 3.997 или 66,48 отсто. Според резултатите, во Советот на Чашка мнозинство  има СДСМ со освоени 1.374 гласа или 34,38 отсто од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ за Советот имала 1.124 гласа или 28,12 отсто, по нив е Група избирачи предводена од Фамих Бејлуров со  644 гласа, или 16,11% од гласовите и ДУИ со 604 гласа или 15,11 отсто . Во Советот на Чашка СДСМ има 4 советници, ВМРО ДПМНЕ 3, и по двајца советници ДУИ и листата на Фамих Бејлуров.

Но, во оваа релативно мала општина биле регистрирани и 251 неважечко ливче, што може многу да смени во вториот круг за градоначалник доколку не бидат неважечки.

Во изминативе денови членови на ДУИ работеа на терен во местата со население од албанско етничко потекло, како Горно и Долно Јаболчиште, Врановци, Мелница, Стари Град и бараа поддршка за кандидатот на СДСМ Горан Стојановски, додека СДСМ одржуваше средби со граѓани во другите средини. Активности на терен не се забележани од штабовите на ВМРО ДПМНЕ и на Пановски, па оттука, в недела се очекува тие кои во првиот круг гласале за ВМРО ДПМНЕ да не излезат на гласање, што секако нема да влијае на конечниот исход.

Општина Чашка се наоѓа во средишниот дел на Македонија. Со површина од 825 км² се вбројува во трите најголеми општини по територија во Македонија. Се граничи со Велес и Градско на исток, со Зелениково и Студеничани на север, Со Македонски Брод и Долнени на Запад, и со Прилеп и Кавадарци на Југ. На нејзина територија има 42 ретко населени места со околу 7.700 жители, што претставува густина на население од 6 жители на км².

 

ВО ГРАДСКО ТРКА СДСМ – ВМРО ДПМНЕ

В недела (29.10.2017) ќе се гласа и во Градско, каде што се тркаат кандидатите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ. Во Општина Градско во првиот круг најмногу гласови доби кандидатот на  СДСМ Роберт Бешовски  42 отсто или 930 гласа, наспроти Жанета Чаушевска од ВМРО-ДПМНЕ со 35,23 отсто од гласовите или 780 гласа. Трет, кој отпадна од трката беше независниот кандидат Глигур Коцев со освоени 410 гласа или 18,52 отсто од гласовите.

Чаушевска е досегашна градоначалничка на Градско од ВМРО ДПМНЕ која се бори за нов мандат. Во Градско од запишани 3.151 граѓани со право на глас на гласање излегле 2.214 или 70,35 отсто. Биле регистрирани и 94 неважечки ливчиња.

Во Советот на Градско мнозинство освои СДСМ со 4 советници, ВМРО ДПМНЕ има 3 советника, а двајца се независни од листата на Иванче Иванов од кои ќе зависи мнозинството во Советот. Овде имало регистрирано и 125 неважечки ливчиња што не е мала бројка на вкупниот број гласачи.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција