ДУИ си игра: влези – излези од Влада

Чашата на ДУИ, никако да се прелее Фото: Скриншот

ДУИ не е причината за кризата, но бевме и сме гласот на разумот како и промотори на решението, а сега веќе и жртва на девалвацијата и компромитираниот процес. 

И затоа одлучивме да ги повлечеме своите актуелни членови на извршната власт и нема да толерираме дегенерирање на процесот, отуѓување на одлуката и волјата на граѓаните, инсталација на полтронисти на подземјето, но исто така ги повикува граѓаните да не подлегнат на било каков монтиран материјал, криминал, клевета или напори направени со цел да му наштетат на реформскиот процес преку провокација на ирационална реакција од страна на Демократската Унија за Интеграција.

[Извор:24 Вести , Датум: 1.4.2016 ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Станува збор за недоследен став  на ДУИ, што во јавноста остави простор за толкување дека интегративците ја напуштаат Владата. Впрочем, такви беа првичните информации во сите медиуми, дотолку повеќе штo целото соопштение на ДУИ е така интонирано што остава впечаток, како овој пат, навистина да им се прелеала чашата, па излегуваат од Владата. А, исто така,  никаде во партиското известување не беше наведено дека ДУИ старите функционери ќе ги замеи со нови.

Па, по  ден и половина шпекулации и „неизвесност“,  стаса и првата официјална информација од генералниот секратер на ДУИ, дека на местото на старите министри и заменици – министри ДУИ ќе предложи нови личности. Но, ваквата потврда од партијата на Али Ахмети, пристигна дури откако, најпрво лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кажа дека  „ДУИ не ја напушта Владата, туку ќе ги замени своите кадри“, Потоа, ДУИ и официјално ја објави листата со новите имиња, а Собранието експресно, на седницата на 04.04.2016 ги констатираше оставките на сега веќе  екс- функционерите на ДУИ во Владата. 

Горенаведениот став за повлекување на министрите,  ДУИ го искажа,  во соопштението испратено по седницата на Претседателството на ДУИ на која, како што информираа интегративците, е донесена едногласна одлука сите министри и заменици-министри на ДУИ да се повлечат од Владата. Клучната причина за ваквиот потег се  лоцира во  објавувањето на „монтирани снимки“ од приватни телефонски разговори меѓу високи функционери на ДУИ, при што се забележува на отсуството на институционална реакција за да се прекине процесот за компромитирање на нивните финкционери.

…со жалење констатираме дека овој процес веќе е компромитиран како последица на масовното нелегално прислушувањето како и поради нивната натамошна дистрибуција во рацете на криминалци со цел да се злоупотребат во разни „Фабрики за афери“.

Процесот беше компромитиран како резултат на институционална парализа и пасивноста на надлежните служби за да се спречи девалвацијата на сите наши напори за да се воспостави заеднички систем за контрола и институционално истражување на содржината на прислушувањата и носењето на одговорноста за злоупотреби. (соопштение на ДУИ)

Повлекувањето на своите функционери ДУИ го најави уште во првото кусо соопштение, објавено вечерта  по седницата на Централното претстедателство, а истото за медиумите го потврдил и партискиот портпарол, кој тоа го објави и на својот ФБ профил.

На 01.04.2016 портпаролот на Владата потврди дека министрите и замениците-министри од ДУИ поднеле оставки. Наредниот ден, 02.04.2016, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ , Никола Груевски изјави дека

ДУИ не е замината од власта и според она што јас го знам е дека таа партија ќе изврши замена на своите кадри“  изјави претседателот на ВМРО ДПМНЕ.

Набрзо по ваквиот настап на Груевски, медиумите пренесоа изјава на генералниот секретар на ДУИ, Абдилаќим Адеми дадена за една телевизија,  во која вели дека:

  ДУИ не ја напушти Владата, само го освежува својот тим.

На 03.04.2016 г. премиерот Емил Димитриев, за Телма телевизија  соопшти: дека се во тек консултации за новите министри:

Право на политичката партија ДУИ е кои лица ќе ги повлече од позициите за министри и кои лица ќе ги определи и достави како предлози за избор на министри и, за овој процес се во тек консултации.

Вечерта (03.04.2016)  ДУИ ги соопшти имињата на личностите кои ќе бидат предложени за новите министри и заменици-министри  во Владата.

Ваквиот потег на инегративците, наликува на своевидна  игра „влези -излези“ од Влада. Изјавата на ДУИ, пак,  „одлучивме да ги повлечеме своите актуелни членови на извршната власт“, која во првичните  реакции беше третирана како „излегување на ДУИ од Владата“,  ја оценуваме како недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција