Договорот за името нема никаква врска со македонските православни гробишта
Оваа изјава на професорката Солза Грчева во која ја критикува Владата предводена од СДСМ, дека поради Договорот со Република Грција граѓаните ќе бидат спречени да се погребуват на македонските православни гробишта, е невистина
Универзитетската професорка и лидер на „Глас за Македонија“, Солза Грчева, деновиве (18.06.2018), говорејќи на протестот против постигнатиот Договор со Грција за прашањето со името, го искажа и следниот став што го сметаме за невистинит.
Сакаат да не се погребуваме на македонските православни гробишта, но ние нема да го дозволиме тоа
[Извор: А1 ОН, датум: 18.06.2018]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Оваа изјава на професорката Солза Грчева во која ја критикува Владата предводена од СДСМ, дека поради Договорот со Република Грција граѓаните ќе бидат спречени да се погребуват на македонските православни гробишта, е невистина.
Ако се погледне Договорот со кој се решава повеќедеценискиот спор за името, кој денеска (20.06.2018) беше ратификуван и во Собранието на РМ, а Владата на својата веб-страница го објави пред една недела, може да се види дека во него нема ниту една одредба што предвидува граѓаните да не се погребуваат на македонски православни гробишта, како што вели Грчева.
Наспроти нејзиното тврдење, ова прашање воопшто не се споменува во овој документ со кој новото име на државата е „Република Северна Македонија“,за севкупна употреба со превод на сите јазици . Фактички, Договорот со Република Грција нема никаква допирна точка со македонските православни гробишта.
Така што, изјавата на Грчева е неточна, таа ја дезинформира јавноста и сосема непотребно дополнително ја електризира атмосферата меѓу граѓаните, независно што професорката, веројатно, тоа го кажува во функција на собирање политички поени.
ИЗВОРИ:
- А1 ОН (18.06.2018): (ВИДЕО) Грчева: Го тестираат трпението на народот, ние нема да се смириме додека не се распушти ненародното Собрание[Пристапено на: 20.06.2018]
- Тајм.мк (18.06.2018): (Видео) Солза Грчева: Народот е доведен до ѕид од една предавничка тајфа [Пристапено на: 20.06.2018]
- Веб-страница на Влада на Република Македонија: Конечен договор за решавање на македонско – грчкиот спор за името и за стратешко партнерство [Пристапено на: 20.06.2018]
- ekathimerini.com: AGREMEENT [Пристапено на: 20.06.2018]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар