Глобализацијата не е и никогаш не била „американизација“

 

Изјава на претедателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова, каде што процесот на глобализација го поистоветува со некаква си „американизација“ (која уште па и сега завршувала) ја сметаме за невистинита.

Крајот на глобализацијата како американизација е очигледен.

[Извор: Гордана Силјановска-Давкова – ТВ дебата, датум: 25.04.2019]

Најпрвин да расчистиме што е тоа глобализација. Оксфорскиот речник на англискиот јазик ја дефинира како:

Процес преку кој бизнисите или другите организации развиваат меѓународно влијание или започнуваат да делуваат на меѓународен план.

Речникот Мериам-Вебстер, пак, вели дека глобализацијата претставува:

Развој на сè поинтегрирана глобална економија, која е окарактеризирана со слободна трговија, слободено движење на капиталот и користење на евтините странски пазари на труд.

Со други зборови кажано, овие две дефиниции се однесуваат, пред сѐ, на интернационализацијата на трговијата и другите економски активности, односно нивно зголемување во однос на вкупните економски активности. Ако вака ја разбереме глобализацијата, тогаш ќе видиме дека таа има многу малку врска со САД и далеку, далеку повеќе врска со земјите во развој, односно дека земјите во развој беа оние кои имаа најголеми придобивки од овој втор бран на глобализација како тренд, кој го зафати светот после падот на комунизмот во 1990 година. (Првиот бран на глобализација се случи во првите 3 децении од 20-иот век. до глобалната депресија во 1929 година, со ширењето на индустријализацијата). Овој бран на глобализација не влијаеше во голема мера врз САД, затоа што САД имаше прилично глобализирана економија уште пред 1990 година, односно американските бизниси веќе беа присутни секаде онаму каде што можеа и каде што комунизмот или анти-американските режими не беа на власт.

Ова бездруго го покажуваат бројките. Како што се гледа од долниот графикон, извозот како процент од американскиот бруто домашен производ (БДП) од 1990 до 2016 пораснал од 9,23% на 11.89%, значи далеку помалку од 3 отсто. БДП претставува мерка (во пари) за големината на една економија. Зголемувањето или намалувањето на БДП во одреден период (најчесто тромесечје или година) во проценти, пак, означува нејзин пад или раст. Последично на ова, зголемувањето на извозот како процент од вкупната економија покажува колку една земја имала придобивки од процесот на глобализација.

Сосема е друга ситуацијата кај големите земји во развој какви што се Кина и Индија. Во Кина извозот како процент од БДП за истиот период порасна од 13,61% на дури 39,4% во 2006 година, за да почне да опаѓа во последниве десетина години, но тој е сè уште далеку повисок од 1990 година и во 2017 изнесуваше 19,6%.

Во Индија пак, растот изнесува од 7,13% на 19,05%, што значи дека извозот како процент од БДП е зголемен за два и пол пати за 27 години.

Понатаму, ваквото тврдење Силјановска-Давкова го изнесе на почетокот од нејзиниот одговор на прашањето за тоа каква би била нејзината политика во однос на Русија и таа се реши на ваков почетен коментар, алудирајќи дека Русија е или ќе стане важен фактор во глобализацијата. Но, да видиме дали тоа е точно.

Податоците покажуваат дека во овој период на глобализација на економијата на Руската Федерација како процент на БДП бележи раст од 18,16% на 26,04%од БДП, што не претставува значителен раст и тоа особено споредено со Кина или Индија. Понатаму, руската социјалистичка и централизирана економија по распадот на комунизмот во 1990 година воопшто не беше глобализирана (за разлика од американската), а тоа не се случи ни по овој 27-годишен период на глобализација. Причината зошто рускиот извоз е поголем како процент од БДП уште во 1990 година е нејзиното потпирање на извоз на нафта и гас, кои за Русија се традиционално најголем дел од нејзиниот извоз.

Сето ова покажува дека американската економија, поконкретно извозот на САД не се зголемил значително како процент од БДП во овој 27-годишен период на глобализација. особено споредено со Индија и Кина, а и другите земји во развој. Токму затоа, изјавата на Силјановска-Давкова дека глобализацијата била некаква си „американизација“, па уште и дека таквиот тренд сега завршувал, ја сметаме за невистинита.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.