Големи забелешки за изборите од сериозни домашни набљудувачи – МОСТ и ЦИВИЛ

Изборите во Македонија сè уште се далеку од „песна“. Фото: скриншот/ДИК

За разлика од меѓународните набљудувачи, чии прелиминарни извештаи за предизборниот и изборниот процес во Република Македонија содржат релативно мали забелешки, прелиминарните извештаи на домашните две најголеми посматрачки организации МОСТ и ЦИВИЛ се со многу суштествени забелешки за истиот период

 

За разлика од меѓународните набљудувачи, чии прелиминарни извештаи за предизборниот и изборниот процес во Република Македонија содржат релативно мали забелешки, прелиминарните извештаи на домашните две најголеми посматрачки организации МОСТ и ЦИВИЛ се со многу суштествени забелешки за истиот период

 

Пишува: Tеофил БЛАЖЕВСКИ

 

МОСТ и ЦИВИЛ во своите прелиминарни извештаи излегоа со остри оценки и со бројни неправилности за целиот изборен процес на последните парламентарни избори во РМ од 11. декември, што фрла сомнеж дека изборите се значително компромитирани.

Станува збор за две искусни организации кои со набљудување на избори се занимаваат со години и кои го имаат стекнато својот кредибилитет и кај домашната и кај меѓународната, и општа, и стручна јавност. Токму од тие причини, нивните забелешки треба повнимателно да бидат проанализирани и претставени пред јавноста.

 

МОСТ СО ЗАБЕЛЕШКИ ЗА КАМПАЊАТА И ДИК

Претставувајќи го својот прелиминарен изештај МОСТ, меѓу другото, констатира неправилности за време на предизборниот период во поглед на мешање на државата со партијата, едно од прашањата за кои се преговараше и низ т.н. „пржински процес“:

Во текот на кампањата не изостанаа притисоците врз вработените во јавниот сектор да посетуваат партиски митинзи или да гласаат за владејачката партија. Продолжи трендот на присуство на функционери на партиски настани во текот на работното време, како и злоупотребата на јавни ресурси. Дел од овие нерегуларности беа потврдени и од страна на меѓународните набљудувачи.

Што се однесува до самата кампања, МОСТ ја регистрира негативната кампања и заплашувањето на гласачите со прашања што задираат во националното и етничкото:

Овој пат беше зголемен интензитетот на водење на негативна кампања и користење на поостра реторика. Злоупотребата на меѓуетничките прашања повторно беше дел од кампањата, со обвинувања за промени во однос на државното уредување и употребата на јазиците

МОСТ има забелешки и за Државната изборна комисија (ДИК) и тоа во неколку сегменти, почнувајќи од Избирачкиот список. Во извештајот се опишува постапката на прочистување на списокот во изминатите месеци и бројот на избришани или трансферирани лица, но и покрај тоа останале проблеми:

Сепак, и покрај обидите за прочистување на Избирачкиот список, во него сè уште постојат неконзистентни записи коишто се резултат на долгогодишните системски проблеми во неговото водење и ажурирање.

 

На неколку дена пред изборниот ден на веб-страницата за проверка во Избирачкиот список се појавија технички проблеми, односно поголем број граѓани реагираа дека не можат да се пронајдат

Организацијата има забелешки за ДИК и во поглед на нејзината работа со изборната администрација, но и со начинот на бирање на избирачките комисии. Притоа, на случајна проба од 25 избирачки комисии, при избирањето на 13 од нив, значи кај околу половината, не биле испочитувани правилата за независност и случаен избор:

Kај 13 од 25 набљудувани ОИК констатира нецелосно спроведување на принципот на случаен избор, односно при изборот на членовите на ИО се земаа предвид и други критериуми, како на пример: личното познанство со членовите на ОИК, роднинските врски помеѓу членовите на ИО, професијата итн., иако овие критериуми не се наведени во Изборниот законик.

Забелешките одат и на сметка на обуката на администрацијата, што е, исто така, дел од работата на ДИК:

Што се однесува до обуката на изборната администрација, постоеше неконзистентност во однос на инструкциите за новото упатство на ДИК за важечко ливче, според кое само заокружувањето е валиден начин на обележување на гласачкото ливче…Ова придонесе дел од избирачките одбори да не бидат конзистентни во прогласувањето на важечките и неважечките ливчиња. 

dsc_3627
Дарко Алексов, МОСТ. Фото: META

 

ГРУПНО ГЛАСАЊЕ И ВО 2016-ТА

Нaбаљудувачите на МОСТ биле статични и го следеле гласањето во текот на целиот изборен дел. Имало и 120 мобилни тимови од по двајца набљудувачи со цел да се покријат што повеќе избирачки места. Еве ги генералните оценки на сите овие набљудувачи:

Што се однесува до постапката на гласање во гласачките места, набљудувачите најчесто известуваа за групно/семејно гласање и непочитување на тајноста на гласањето, злоупотреба на постапката за гласање на избирачи кои не можат да гласаат сами, пропусти во објаснувањето на начинот на гласањето на избирачите, како и за избирачи кои не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список.

За време на изборниот ден организацијата добивала извештаи од своите набљудувачи и за агитација на изборните места,  „како и за зголемен број на случаи на фотографирање на гласачките ливчиња позади параваните, што укажува на индиции за поткуп и притисоци кои се случувале надвор од гласачките места“.

Забелешки има и за процесoт на броење по завршување на гласањето, што пак е директно поврзано со со забелешки за изборната администрација и начинот на составувањето на ОИК и на избирачките одбори:

Вечерта по завршувањето на гласањето кај дел од општинските изборни комисии забележан е неред и хаотична работа, како и поправање на технички грешки во записниците доставени од избирачките одбори. Дополнително, во неколку наврати е забележано доставување на гласачки кутии кои не биле запечатени со сигурносни ленти, со што е направена повреда на постапката за пакување и заштита на доверливиот изборен материјал.

derala
Џабир Дерала, ЦИВИЛ. Фото: скриншот

ЦИВИЛ – ИЗБОРИТЕ НЕ БЕА СЛОБОДНИ

Невладината ЦИВИЛ пак, која со помал, но, сепак, релевантен број набљудувачи од МОСТ, излезе со генерална оценка која е поостра во однос на oнаа од посматрачите од странство и во однос на оценките на домашните и меѓународните фактори. ЦИВИЛ зборува за неслободни избори:

За жал, не можеме да кажеме дека се одржаа слободни избори во Република Македонија. Иако беа создадени минимални услови за нивно одржување, изборниот ден на 11 декември, како и денот пред тоа, беа исполнети со голем број нерегуларности.

И од ЦИВИЛ зборуваат за проблемите со избирачките одбори и со неподготвената администрација:

Голем број Избирачки одбори (ИО) беа крајно непрофесионални и често се однесуваа неетички, а еден дел немал доволно информации за тоа што треба да прават на Избирачкото место. Дел од извештаите на набљудувачите на ЦИВИЛ говорат за случаи на партиско делување на одделни членови на ИО…

Оваа организација, исто така, нотира присутност на групното гласање и на други неправилности, за кои вели дека вкупно во 650 извештаи од теренот се споменува макар една неправилност:

ЦИВИЛ нотира голем број случаи на притисоци, уцени, полнење на кутии, семејно и групно гласање, злоупотреба на малолетници и поткуп на гласачи во сите краишта на земјата…

Организацијата има големи забелешки на Избирачкиот список за кој вели дека бил непрочистен и измешан, така што голем број лица не успеале да го остварат своето право на глас, а наместо нив гласале фантоми и лица кои се, всушност, починати, односни некој друг ги претставува како да се живи.

Забелешките се истоветни и за користење на државни ресурси во партиски цели, за валкана кампања, а според истиот извор бројни се примерите и за кршење на изборниот молк. Карактеристичен е примерот на избирачко место во с. Отља каде во својство на партиски набљудувач присуствувал и вицепремиерот Владимир Пешевски, кој се однесувал спротивно на законските норми.

МОСТ и ЦИВИЛ во своите извештаи излегоа со бројни препораки, но и барање одговорност и од извршната власт и конкретна одговорност за членови на избирачки комисии или одбори, но и одговорност од ДИК.

И двете организации препорачуваат ДИК сериозно да пристапи кон процесот пред да го прогласи за официјално завршен и да дозволи проверки или прегласувања онаму каде што се констатирани неправилностите, односно онаму за каде се побарани приговори.

Уште повеќе, ЦИВИЛ бара и целосно пребројување на гласовите, како и ревизија на неважечките ливчиња.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.