И да има Влада до сериозни реформи само преку нови избори

 

Ако влада формира ВМРО-ДПМНЕ не треба ниту да се очекува некој реформски напор плус, имaјќи го предвид досегашното нивно однесување. Ако СДСМ формира влада, откако ВМРО ДПМНЕ не би успеал во тоа, јавноста може да биде сигурна на влада со „ограничен суверенитет“, зашто за спроведување на клучни реформи, како што се судството или контрола на комуникациите, треба двотретински мнозинство. Оттука, нови избори со ново стабилно мнозинство се нужност

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Севкупната македонска јавност е окупирана со прашањето кој ќе формира влада во земјата после вонредните парламентарни избори од 11 декември, но малкумина го отвораат прашањето што со таа влада, без оглед кој ќе ја формира и дали има шанси земјава да тргне по патот на реформите. Одговорот на тоа прашање, според овие изборни резултати, е негативен. Македонија во ниту една варијанта на формирана влада, било од ВМРО-ДПМНЕ како носител на мандатот, било од СДСМ, нема шанса да навлезе длабоко во реформите. Едноставно тоа е производ на изборните резултатите кои меѓу двете најголеми партии во Македонија изнесува само нешто над 17 илјади гласови во полза на досегашната владејачака партија, а во мандатите на пратеници само два во позитива.

 

РАЗЛИКАТА НИКОГАШ ПОМАЛА

Мал преглед на парламентарните избори во Македонија во последниве 18 години и тоа на оние изборни циклуси кои се сметаат за неспорни и валидни, покажуваат дека вакви тесни резултати немало досега.

Разликата во пратенички места на парламентарниите избори во 1998 година, кога дојде до смена на СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ, изнесуваше 22 пратеници повеќе во полза на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот тогашен партнер во македонскиот блок Демократска Алтернатива. Коалиционен партнер на Љубчо Георгиевски и на Васил Тупурковски тогаш им беше покојниот Арбен Џафери како лидер на ДПА, со што оваа влада имаше стабилно мнозинство и по потреба обезбедуваше и двотретинско без проблем.

На следните избори во 2002 година разликата во мандати меѓу победникот СДСМ и губитникот ВМРО-ДПМНЕ беше 16 мандати, а заедно со победникот во албанскиот блок, Али Ахмети и неговата ДПА, СДСМ имаше стабилно мнозинство и без проблем обезбедуваше, исто така, двотретинско мнозинство.

Следните избори во 2006 година победи повторно ВМРО –ДПМНЕ и остана на власт до денес, а тоа се први избори кога, иако со 12 мандати повеќе, ВМРО–ДПМНЕ имаше тесно мнозинство во Собранието, благодарение на нивната определба да направат коалиција не со ДУИ, која повтрно победи во албанскиот блок, туку со ДПА и со Мендух Тачи. Оваа коалиција и мнозинството од гласови го доби со помош на седумте пратеници на НСДП на Тито Петковски и дел од пратеничката група на ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски, како и на по едниот пратеник што ги имаа ДОМ и ПЕИ. Но, се заедно тие немаа двотретинско мнозинство, а сепак, покажаа дека е можно да „пливаат“ во Собранието и да функционира како-така и носењето на некои закони.

Изборните резултати од 2016 (најпрецизните на страницата на ДИК), се уникатни по освоените гласови, но искуството од 2006 г. покажува дека технички е возможно која било од двете партии да формира влада и да тера до кога ќе може со тесно мнозинство, плашејќи се секојдневно, се разбира, некој да не им го земе тоа мнозинство во дадени околности или специјални прилики. Минималната разлика меѓу бројот на мандатите и бројот на гласовите, де јуре покажува дека има победник, но де факто, победник ќе биде само оној што ќе состави мнозинство.

 

РЕФОРМИТЕ НА ПРИБЕ И НОВАТА ВЛАДА

Ова значи дека влада можеби и ќе успее да состави или ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Но и во двата случаи, максималниот број на пратеници што би стоеле зад таа влада е 71 (и тоа теоретски), од 120 во новото Собрание.

Во однос на итните реформски приоритети детектирани врз основа на Извештајот на Рајнхард Прибе од јуни 2015 година, ваквата влада или ваквото парламентарно мнозинство значи малку.

Во извештајот на Прибе беа детектирани проблеми во следнице области: 1) контролата на комуникациите; 2) судството и обвинителството; 3) надворешниот надзор од независни тела, 4) начинот на спроведување на изборите и 5) состојбата во медиумите.

Од овие прашања, досега преку т.н процес од Пржино врз основа на Договорите од Пржино може да се смета за решено само едно прашање – начинот на спроведување на изборите, иако и овие избори покажаа дека има уште слабости врз кои треба законски и во пракса да се работи, особено кога станува збор за составот на ДИК и начинот на избор и обуката на изборните комисии.

Сите четири други прашања се отворени и речиси недопрени, ако не се смета ад-хок решението за медиумите, кое, исто така, се покажа неефикасно. Но, мала анализа на Уставот покажува дека освен за медиумите, и делумно за надзорот, за другите прашања е потребно двотретинско мнозинство.

Контролата, односно слободата на комуникациите спаѓа во уставно загарантираните права и слободи на граѓаните, а секоја измена на овој закон, вклучувајќи го и постојниот ќе бара двотретинско мнозинство:

Член 17

Се гарантира слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација.
Само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон, може да се отстапи од правото на неповредливост на писмата и другите облици на комуникација, ако тоа е неопходно заради спречување или откривање кривични дела, заради водење кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката.
Законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Истото се однесува и на најболното прашање од итните реформски приоритети во моментот, а тоа е судството:

Член 98

Судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Организацијата на судството е единствена. Забранети се вонредни судови.
Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Слично е и за Јавното обвинителство, иако таму персоналниот состав и би можел да биде променет, но посуштински системски реформи во обвинителството се невозможни без двотретинско мнозинство:

Член 106

Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.
Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители.
Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Како што може да се види, она што може да се оствари со евентуално тенко мнозинство од 61 до 71 пратеници, се видот и начинот на функциониање на надворешниот надзор на телата врз МВР и промени во медиусмката сфера.

Дури ни реформа на влада или на органи на државна управа не може да биде изведена без дво третиско мнозинство:

Член 95

Државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон.
Се забранува политичко организирање и дејствување во органите на државната управа.
Организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници

Ако се има предвид дека ВМРО-ДПМНЕ во пракса неколку пати потврди дека нема намера да го спроведува Договорот од Пржино до крај, и особено ако се читаат точките од Прогласот прочитан пред ДИК од страна на Груевски, за јавноста е речиси сигурно дека идна влада предводена од нив нема да има никаква врска со никакви итни рефоормски приоритети.

 

ВЛАДА НА СДСМ СО „ОГРАНИЧЕН СУВЕРЕНИТЕТ“

Ако се претпостави дека СДСМ ќе формира Влада, откако ВМРО-ДПМНЕ не би успеал во тоа, јавноста може да биде сигурна на влада со „ограничен суверенитет“, така да кажеме, а врз основа на итните реформски приоритети, едни од поважните, ако не и најважните, судството и контролата на комуникациите би останале нечепнати, зашто едноставно нема шанси да стигнат до 80 пратеника во Собранието.

Оттука, таа влада со ограничен суверенитет, би можела да ги поддржи само дел од законите што би му помогнале на Специјалното јавно обвинителство (заштита на сведоци, закон за укажувачите и венецијанските препораки за измени на законот за заштита на приватноста), но, не може ништо да стори во однос на продолжувањето на рокот за истраги на СЈО (Законот за СЈО е двотретински закон), како ни околу евентуално формирање на специјално судско одделение.

Кога се ќе се собере и одземе, особено дека е тешко да се очекува некаков нов политички договор, има потези што би можела да ги направи новата влада, но за исполнување на најважните, секако дека се потребни нови избори и ново постабилно парламентарно мнозинство со кое би се стигнало лесно до двотретинско.

Патем, колку е излишно прашањето за јазикот, на пример, или употреба на некои други прашања што го засегаат Уставот на државата од типот на нејзиното уредување, зборува и податокот дека и овие прашања се решаваат со двотретинско мнозиснтво.

Оттука и проѕирноста на спинерите, било од страна на ВМРО-ДПМНЕ или од страна на ДУИ за условувањата за решавање на овие прашања со вакви изборни резултати.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *