Истражувачкото новинарство кај традиционалните медиуми и натаму е малку присутно

 

Бројот на исклучиво истражувачки стории, иако се зголемил за двојно, тој и натаму е под 1 отсто. Лани изнесувал 0,4 осто, годинава 0,8 отсто. Тоа практично значи дека на 1.000 објавени новинарски стории во традиционалните медиуми има само 8 што може да се класифицираат како истражувачки

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Отсуството на истражувачките и аналитичките текстови кај традиционалните медиуми во Македонија и натаму е загрижувачкo, иако во 2017 година во однос на 2016 година состојбата е нешто подобрена.

Ова е главниот заклучок што произлезе по истражувањето направено врз 10 традиционални медиуми во земјата од страна на Центарот за граѓански комуникации, БИРН и НВО Инфо центарот, а поддржано од Европската унија.

Мониторингот е извршен на три пати по една недела во текот на март, април и мај 2017 година врз 3.065 новинарски материјали во 10 традиционални медиуми кои се сметаат за релевантни, т.е. гледани и читани и се со различна сопственичка и уредничка припадност: Македонската телевизија 1, Алсат М, Сител, Телма и регионалната Тера телевизија, потоа дневните весници Слободен Печат,  Дневник и Коха и неделниците Фокус и Капитал.

Истражувањето и анализата беа претставени денеска во Скопје во публикацијата „Анализа на резултатите од мониторинот на известувањето на медиумите 2017“, по што се одржа дебата за ваквата состојба во медиумите и за можните излезни решенија.

 

ПОДОБРУВАЊЕТО Е МИНИМАЛНО

Подобрувањето е минимално во вкупниот процент. Минатата година истото истражување покажа дека бројот на аналитичките и истражувачките стории изнесува 5 отсто од вкупниот број новинарски производи во мониторираните медиуми, додека годинава тој процент е зголемен на 8,8 отсто. Притоа, бројот на исклучиво истражувачки стории, иако е зголемен двојно, тој и натаму е под 1 отсто. Лани изнесуваше 0,4 отсто, годинава 0,8 отсто. Тоа практично значи дека на 1.000 објавени новинарски стории во традиционалните медиуми има само 8 што може да се класифицираат како истражувачки.

FireShot Capture 383 - - file____C__Users_Vistinomer_Downloads_Monitoring_2017(1).pdf

 

Во однос на темите што ги истражувале мониторираните 10 традиционални медиуми, доминирале теми од економијата и политиката. По нив следат образованието, социјалната заштита, здравството и безбедноста.

FireShot Capture 382 - - file____C__Users_Vistinomer_Downloads_Monitoring_2017(1).pdf

 

 

Очигледно, истражувачко-аналитичките стории и натаму се главно диктирани од дневно-политичките случувања и се фокусирани на теми од областа на економијата и политиката. Останатите теми кои се од исклучително  значење за граѓаните и јавниот интерес (на пример, корупцијата, судството, животниот стандард, животната средина, енергетиката и др.) остануваат запоставени и сѐ уште не претставуваат истражувачки предизвик и поттик за новинарите – се наведува во анализата.

Констатирано е и дека најголем дел од истражувачките и аналитичките стории се направени самоиницијативно. Во 31 отсто од мониторираните содржини поводот за истите бил самостојно истражување на новинарите и тоа претставува зголемување од 7 проценти во однос на минатата година

 

РАСТЕ БРОЈОТ НА СТОРИИ БЕЗ КОНСУЛТИРАНА ЗАСЕГНАТА СТРАНА

Иако бројот на текстови што се сметаат за истражувачки и аналитички, а во кои не е наведен ниту еден извор е во опаѓање, други параметри околу наведување на изворите се уште се загрижувачки.

Забележан е пад на бројот на сториите во кои нема ниту еден извор на информации. Во 2016 година, процентот на текстови/прилози без ниту еден извор изнесуваше 9 отсто, а во 2017 година, тој е намален на 5 отсто.  Што се однесува до сториите во кои има само еден извор на информации, нивната застапеност останува релативно висока и речиси непроменета – 18 проценти – се наведува во анализата.

Во истовреме, констатирано е и зголемување на бројот на текстовите во кои не е консултирана засегнатата страна. Ако во 2016 година тоа се случувало во 45 отсто од текстовите, годинава тој квантум е пораснат за 10 осто и изнесува 55 проценти.

FireShot Capture 386 - - file____C__Users_Vistinomer_Downloads_Monitoring_2017(1).pdf

 

Загрижувачки е и бројот на проверки на фактите преку консултирање со извори. Во 40 отсто од текстовите новинарите консултирале само еден извор, во 32 отсто се потпреле на два извора, а само во 25 отсто случаи новинарите користеле повеќе извори.

Од овој сегмент како позитивен аспект што го издвоиле истражувачите е порастот на именувани извори на информација во сториите во однос на минатата година.

Анализата покажува дека високи 82 отсто од содржините имаат наведени извори, наспроти 71 отсто во 2016 година. Во само 2 проценти од истражувачко-аналитичките текстови и прилози изворите се исклучиво анонимни, а во 12 проценти има и анонимни и наведени извори.

Поради ваквите „шарени“ бројки во однос на изворите и консултираните страни организаторите на истражувањето заклучуваат дека не е важно само да го има истражувачкото и аналитичкото новинарство, туку и каков ќе биде квалитетот на сториите.

Поради одговорноста која медиумите ја имаат кон јавноста, но и поради нивната долгогодишна доверба и легитимитет, од клучно значење е да внимаваат не само што истражуваат и анализираат туку – и како го прават тоа.

Меѓу препораките, добар дел се однесуваат и на уредниците и на сопствениците на медиумите, кои се поттикнуваат да одвојат повеќе ресурси за истражувачко новинарство и при спроведувањето на истото да внимаваат на професионалните новинарски стандарди. Една од препораките се однесува и на поголема соработка меѓу конкуренцијата кога станува збор за специфични истражувања, т.е. на заедничко истражување и публикување на сторијата од два или повеќе медиуми.

Препорака има и за граѓанските организации на кои им се советува податоците до кои доаѓаат при својата работа да им ги ставаат на новинарите на располагање во отворена форма и активно да им помагаат при спроведувањето на истражувачките стории.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *