Јованоски: Во Прилеп работиме на сите полиња и на сите ветени проекти

Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски Фото: Општина Прилеп

Со доаѓање на новата локална власт се ослободи негативната енергија акумулирана долг период меѓу граѓаните. Незадоволството на ВМРО-ДПМНЕ на општинско ниво, како партија која ја сочинува опозицијата во општинскиот Совет е разбирливо. Она што е најбитно, е дека Советот работи непречено. Се донесуваат одлуки, се штитат интересите и потребите на граѓаните. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги очекува голема работа, се подготвуваат проекти … Дали и како ќе гласаат, сепак, тоа е нивна одлука, секој треба да си ја понесе својата одговорност, вели градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски во интервјуто направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED ( National Endowment for Democracy)

Со доаѓање на новата локална власт се ослободи негативната енергија акумулирана долг период меѓу граѓаните. Незадоволството на ВМРО-ДПМНЕ на општинско ниво, како партија која  ја сочинува опозицијата во општинскиот Совет е разбирливо. Она што е најбитно, е дека Советот работи непречено. Се донесуваат одлуки, се штитат интересите и потребите на граѓаните. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги очекува голема работа, се подготвуваат проекти … Дали и како ќе гласаат, сепак, тоа е нивна одлука, секој треба да си ја понесе својата одговорност,  вели градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски во интервјуто направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED ( National Endowment for Democracy)

 

Интервјуто го правеше: Зоран Милошески

 

Излеговте со информација во јавноста, дека долгот на Општина Прилеп изнесува 3,5 милиони евра. Пред да дојдете на функција, очекувавте подобра или полоша состојба, не само од финансиски аспект?

Да! Вкупниот долг на Општината изнесуваше околу 3,5 милиони евра. Тоа е утврдено и со Записникот за примопредавање, кој е изработен од страна на стручните служби, каде што раководителите се сè уште лицата поставени од ексградоначалникот Марјан Ристески.

А, овој Записник само да кажам дека до денеска не е потпишан од страна на Ристески, иако му беше доставен на увид. Овде се и обврските кон добавувачите, обврските по кредити, ризиците врз буџетот на Општината. Бидејќи јасно е колкав е основниот ризик, но не се знае колку ќе изнесуваат крајните ризици!

Реално не очекував дека ситуацијата ќе биде толку лоша, да не речам катастрофална. Но, не само од финансиски, туку од секој аспект. Во Општината нема проекти, не се работени ДУП-ови. Не сфаќам што се правело 12 години. Цел тој период се немало визија, ни дефинирани цели каде треба да се движи општината, условно кажано.

 

Ги поседува ли Општината потребните финансиски и човечки ресурси за реализација на сите проекти, што се дел од Вашата визија за Прилеп?

Парите се проблем. Огромен. Многу неодговорно се работело на приходите на Општината. Набрзо според насоките од Државниот завод за ревизија, Општина Прилеп ќе треба да отпише околу 100 милиони денари побарувања, по разни основи за комунални такси и надоместоци, закупнини и сл. парични средства, што се едни од сопствените приходи на финансирање на Општината. Дел од побарувањата можеби оправдано се отпишани. Но, најголем дел се последица на неодговорно и недомаќинско работење на Ристески и претходната локална власт.

Ме прашувате за кадарот. Сè уште недостигаат соодветни кадри, но сепак работата се одвива непречено, а во функција се сите човечки ресурси на Општината за потребите на граѓаните.

 

Едно од вашите изборни ветувања беше отворањето дневен Центар за деца со церебрална парализа. До каде е реализацијата на овој проект?

Министерството за труд и социјална политика го одобри проектот. Центарот ќе биде лоциран во општински објект до матичната служба. Следната недела, ако нема жалби, ќе бидат случени договорите со фирмите изведувачи за адаптација на објектот и опремување на центарот. Во него ќе работат родители на деца со церебрална парализа.

Паралелно, во старата општинска зграда е доделен простор и на здружението „Порака“, со што ќе се подобрат условите за лица со Даунов синдром, односно со интелектуална попреченост.

 

Граѓаните реагираат на состојбата со улиците и сообраќајниците во поширокото градско подрачје. Оваа слика беше лоша и пред да ја преземете функцијата? На кој начин ќе го решавате овој проблемот: со целосна санација на улиците, или само со „крпење“ на ударните дупки?

На три начини:

  •  Со санација на дупки, онаму каде што останатиот дел од улиците е во добра состојба, за што се издвоени 10 милиони денари.
  •  Со реконструкција и рехабилитација на делови или цели улици од помал обем, онаму каде што улиците се во лоша состојба, а за таа намена обезбедени се 10 милиони денари.
  • Со целосна изведба на нови улици, за што се предвидени 40 милиони денари.

 

Бесплатен градски превоз за пензионерите секој работен ден во траење од 2 часа, како и решавање на инфраструктурните проблеми на граѓаните од ромската етничка заедница во населбата „Тризла“, беа дел од вашата изборна програма. Што е направено на овој план?

Како што ветив, така и остваруваме.

Што се однесува до инфраструктурното уредување на „Тризла“, односно населбата „Три багреми“, состојбата е следна: ЕВН изгради трафостаница, тампониран е патот, отстранети се дефектите на водоводната мрежа, обезбеден е бесплатен превоз за учениците, се бараат решенија за да се обезбеди доволно вода, се ставаат контејнери за собирање отпад, во тек се мапирањето на граѓани без документи за лична идентификација како и активности за легализација на дивоградбите, што е основа да се изработи ДУП за населбата.

Бесплатниот превоз за пензионерите е реалност, тој функционира секој работен ден од 8-12 часот. Моето изборно ветување е остварено. Зборот е збор!

 

Еден од хроничните проблеми на градот, е недоволниот капацитет на детските градинки во однос на реалните потреби. Од тие причини, најавивте изградба на две нови градинки во населбите „Точила“ и „Корзо“. Кога можат граѓаните на Прилеп да се надеваат на исполнување на даденото ветување?

Општината ја подготви неопходната документација и ги отстрани недостатоците, што беа воочени од Министерството за труд, за да може да се стави во употреба градинката во ОУ „Рампо Левката“. Добиена е согласност од Министерството, завршени се огласите за вработување на потребниот кадар и за десетина денови градинката ќе почне со работа.

Се работи и на техничката документација за адаптација на простор во сопственост на Тутунски комбинат Прилеп, каде е планирано да се прошири капацитетот за згрижување на деца од претшколска возраст.

Истовремено, се бараат соодветни локации во градот и населените места, во сопственост на општина Прилеп, што може да бидат уредени за градинки. Сите овие активности кои ги преземаме, имаат за цел да ги прошират капацитетите за згрижување на децата од претшколска возраст.

 

Ако се суди според тоа што, еден временски период ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери ја бојкотираа работата на општинскиот Совет, впечаток е дека комуникацијата на релација власт-опозиција не е на потребното ниво. Како Вие ја оценувате соработката со опозицијата?

Живееме во демократско општество. Со доаѓање на новата локална власт се ослободи негативната енергија акумулирана долг период меѓу граѓаните. Незадоволството на ВМРО-ДПМНЕ на општинско ниво, како партија која ја сочинува опозицијата во општинскиот Совет е разбирливо. Вие добро знаете дека советниците од оваа партија постојано на прес – конференции, критикуваат, неосновано… Но, тоа е дел од нивниот политички хабитус.

Она што е најбитно, е дека општинскиот Совет работи непречено. Се донесуваат одлуки, се штитат интересите и потребите на граѓаните. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги очекува голема работа, се подготвуваат проекти за коишто и зборував. Дали и како ќе гласаат, сепак, тоа е нивна одлука, секој треба да си ја понесе својата одговорност.

 

Што е Ваш приоритет до крајот на годинава?

Имам многу приоритети. Паралелно работиме на сите полиња: инфраструктура, социјала, комунална сфера…

Сакам да акцентирам и тоа дека сите ученици од градот коишто ќе освојат награди на меѓународни натпревари ќе добијат стипендија од Општина Прилеп, во текот на една година. Во рамките на законските можности, како градоначалник ќе го поддржам и учеството на младите на овие натпревари.

 

ТЕСТ ПРАШАЊА: МАКСИМАЛНО ДОМАЌИНСКИ УПРАВУВАМЕ СО ПАРИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ

Дали имате портпарол, дали се јавни неговите/нејзините контакт детали?

Општина Прилеп има оддел за односи со јавност. Одговорните се достапни 24 часа за медиумите и проблеми на таа релација нема и нема да има!

Дали се јавувате на телефон кога Ве бараат новинарите и цивилното општество?

Секогаш кога мојот работен ангажман го дозволува тоа.

Дали ги објавувате сите одлуки на градоначалникот и на општинскиот Совет?

Да! Јавно се објавуваат одлуките на Советот на Општина Прилеп и тоа во Службен гласник, што е објавен на веб – страницата на Општина Прилеп, значи постојано достапен за граѓаните.

Инаку седниците на Совет се отворени за јавност .

Дали сте ја објавиле административната структура на Општината: секторите и раководителите на секторите, листата на вработените во општината и нивните контакт детали?

На веб – страницата има информации и контакти со сите сектори и одделенија.

Дали сте го објавиле општинскиот буџет?

Да! Уште на денот на неговото изгласување, со тоа што морам да напоменам дека буџетот беше презентиран и пред Граѓанскиот парламент.

Дали сте ги објавиле проектите и трошоците за истите?

Да! Проектите се најавени уште при изготвувањето на програмите за работа на Општината. Програмата, пак, е усвоена од Советот на Општина Прилеп. Овде пред сè, мислам на развојните програми.

Дали ги објавувате трошоците на општината: што купувате, што јадете, колку трошите за бензин/нафта и колку трошите за телефон?

Да! Износите се објавуваат во извештаите по годишната сметка. Секој трошок има соодветен приказ. Се трудиме средствата на даночните обврзници да ги користиме максимално наменски. Тоа ќе имаат можност да го видат граѓаните, кога ќе направат споредба со извештаите од претходниот период. Тогаш ќе носат своја оценка, кој и колку домаќински управува и како се трошат нивните средства. Но, засега со оглед на тоа што се поминати само 6 месеци од мојот мандат, сè уште е прерано да се зборува за тоа. Имајќи предвид дека сè уште се плаќаат обврските од претходниот период.

Дали ги објавувате записниците од седниците на Советот?

Записниците од седниците на Советот се усвојуваат од страна на Советот и се доставуваат до членовите на Советот. Имајќи предвид дека сите седници на Советот се јавни записниците не се објавуваат. Но, ги добиваат советниците. А, доколку некоја странка ги побара согласно со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, тогаш ќе ги добие бараните записници.

Дали имате објавено име на одговорно лице и листа на документи кои претставуваат информации и обрасци за поднесување барања за добивање информации од јавен карактер, што ги поседува општината?

Да!

Дали се објавува Годишната програма и план за работа и последично на тоа, дали се објавува Годишниот извештај за работењето и трошењето на Општината?

Тоа е законска обврска и Општина Прилеп и јас како градоначалник максимално ќе ги почитуваме овие обврски. Исто, како што одржавме расправа за буџетот со Граѓанскиот парламент, така ќе бидам максимално транспарентен во однос и на годишните извештаи, зашто на таков начин ќе покажам дека она што сум го ветил пред граѓаните имам намера и да го реализирам.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.