Кој народ ја прави волјата на народот?

 

Ако се земе како точно дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не одат против волјата на народот, тогаш тој треба да се допрецизира и да каже дека не одат против волјата на 454 илјади граѓани кои гласале за коалицијата на оваа партија, но одат против волјата на 616.766 илјади граѓани кои гласале за партиите што денес имаат обезбедено парламентарно мнозинство од 67 пратеници – СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците

 

Никола Груевски, одговарајќи на прашање при интервју во Канал 5 ТВ: што доколку не се почитува волјата на народот (се мисли на последните протести за „Заедничка Македонија“), и дали може да се контролира таа маса, ја даде следнава изјава што ја оценуваме како невистина:

Груевски: Ние можеме да зборуваме за тоа што нашата партија ќе прави. Нашата партија ќе се однесува во рамките на дозволените работи по закон и по деловник кои што се демократски и кои што се дозволени и кои што се една широка палета на работи. Но што народот ќе прави, тоа никој не може да го предвиди. Народот е над политичарите. И нека му ја мислат тие политичари што одат против народот. НИЕ НЕ ОДИМЕ ПРОТИВ ВОЛЈАТА НА НАРОДОТ (големите букви наши/централен сегмент за оценување). Тој што оди против волјата на народот и ги руши неговите интереси, реализирајќи интереси на друга држава, на други сили, тој нека му ја мисли што може да го снајде од народот ако вака продолжи да оди спроти неговата волја и да продолжи вака да ги гази неговите интереси.

[Извор: ТВ Канал 5/Youtube, датум: 20.03.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Груевски со ваквата своја изјава која е невистина, хушка граѓански судири, а во образложението ќе тргнеме од нешто што Вистиномер веќе го има констатирано и објаснето:

На изборите одржани на 11 декември 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ освои 454.577 или 38,14 отсто од излезените избиричи, кои беа 1, 19 милиони. Значи тој процент е дел само од оние што излегле. Тој процент дополнително ќе се намали ако го сметаме сиот „народ“ што е запишан со право на глас, а тоа се околу 1,8 милиони избирачи.

За опозициската СДСМ, значи за главниот играч на Сорос според ВМРО-ДПМНЕ, гласале 436.981или 36,66 отсто од избирачите што излегле да гласаат. Како што може да се види, разликата е 1.48 отсто или точно 17.596 луѓе. И пак ќе потсетиме, овие проценти и бројки се само од гласачите што излегле, а не излегле нешто над 592 илјади избирачи.

Оттука, логично се наметнува прашањето – Кој народ е „народот“ на Република Македонија за ВМРО-ДПМНЕ?

Вистина е дека народот е над политичарите. Но, народот во демократиите е претставен преку своите народни избраници. Изборите што се оддржаа во декември лани, не беа оспорени од ниту една политичка партија, а ниту од набљудувачите од Македонија и од странство. Оттаму, пратениците во Собранието на Република Македонија се легално избрани и нивните мандати се верифицирани и признати.

Бидејќи Груевски доби мандат од претседателот Ѓ. Иванов, а по 20 дена преговори не успеа да состави влади, Иванов по долго натегање реши да побара писмен доказ дека се има формирано некакво парламентарно мнозинство од над 61 пратеник, како услов да додели мандат за состав на Влада. Проблемот настана кога Никола Груевски откако дозна дека има ново мнозинство, лично и преку неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, почна со интензивна кампања дека Македонија е загрозена и го повика народот во одбрана на државата и тоа преку ТВ Сител, која, според расположливи податоци, важи за најгледана телевизија во Македонија. Иванов во меѓувреме одбива да го даде мандатот, исто така, повикувајќи се на платформата со што политичката состојба дополнително се комплиицира.

Оттогаш континуирано се организираат протести од здружение кое тврди дека е неформална граѓанска иницијатива за „Заедничка Македонија“. Аналитичарите немаат сомневање дека во позадината стои ВМРО–ДПМНЕ во секоја смисла, освен не во формална и дека сега, кога е дојдено време да се направат консултации во Собранието за избор на претседател, а истовремено е најавена и посетата на еврокомесарот Јоханес Хан, од здружението најавуваат собирање на 200 илјади луѓе.

И повторно се навраќаме на изјавата на Груевски. Ако се земе како точно дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не одат против волјата на народот, тогаш тој треба да се допрецизира и да каже дека не одат против волјата на 454 илјади граѓани кои гласале за коалицијата на оваа партија, но одат против волјата на 616.766 илјади граѓани кои гласале за партиите што денес имаат обезбедено парламентарно мнозинство од 67 пратеници – СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците. Податоците се официјални и крајни од Државната изборна комисија.

Поради образложението, изјавата на Груевски ја оценуваме како невистина, а неговото често повикување на народот во одбрана на државата може да се оцени и како прикриено поттикнување, односно хушкање на граѓански судири и од интеретничка и од меѓуетничка природа, што, пак, е строго санкционирано во Кривичниот законик.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *