Контрадикторни ставови на Заев за амнестијата за „крвавиот четврток“

Зоран Заев. Фото: скриншот

 

Премиерот Зоран Заев даде неодамна изјава во врска со амнестијата за дел од инволвираните во настаните од 27 април 2017 година пред и во Собранието на РМ, што ја сметаме за недоследна:

Еве вака да го дефинирам мојот став јавно…Сите што учествувале во ненасилството и не бил дел од организаторите внатре, немам проблем да преку нив го направиме помилувањето и помирувањето, заради иднината на државата…Со Закон за амнестија или донесување одлука во парламентот, согласно надлежностите на парламентот…

[Извор: ТВ Алсат М, 360 Степени (34 мин.) – датум, 16.11.2018]

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот на Владата на РМ и лидер на СДСМ Зоран Заев, во рок од неколку месеци од април до ноември 2018 година, даде повеќе изјави околу правната разврска за настаните од т.н. „крвав четврток“ или упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Сите тие се најблаго речено контрадикторни со последната изјава дадена во неговото интервју за „360 Степени“, пред неколку дена.

Од повеќето изјави, поради методолошкиот пристап на „Вистиномер“, одбравме неколку, почнувајќи од изјавата дадена во говорот што Заев го одржа во Собранието на РМ на едногодишнината од настаните од „крвавиот четврток“:

Но катарзата на тој настан низ кој поминаа сите граѓани на РМ, мора да помине низ правосудниот систем. Toa е воедно и единствениот начин да ја дознаеме целосната вистина и позадината на тој настан. Инспираторите, организаторите, но и насилниците ќе треба да се соочат со политичките, но и со правните последици. (27.04.2018, 5.30 мин.)

Да потсетиме дека уште на 7 јули 2017 година премиерот Зоран Заев, гостувајќи на МРТ, ја даде следната изјава за прашањето за можна амнестија:

Во периодот од две и пол годишното траење на политичката криза, да, имаше отворени разговори за амнестија на врхушката на власта. Нормално, нема договор, одговори премиерот Зоран Заев на прашањето дали имало барања за амнестија од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски.Убеденоста дека правната држава и законот мора да важи за сите, на крајот ја гарантира и оваа лузна која најверојатно ќе ја носам до крајот на мојот живот. Законот има да важи еднакво за сите. Па ако сака нека е мојот прв соработник, или мојот прв член на семејството кој е до мене, рече Заев. (07.07.2017).

Во јули оваа година, еден месец по потпишувањето на Договорот од Преспа, кога се правеа напори на лидерски средби да се договорат идните чекори на државата и во однос на прашањето дали референдумот ќе биде подржан од најголемите политички партии и дали и какви ќе бидат натамошните реформски чекори во Собранието во смисла на менување на клучните закони, по завршувањето на една од тие лидерски средби,  Заев изјави:

 Стратегиска цел на нашата земја и на сите парламентарни партии е полноправното членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО. Компромиси нема. Амнестија директна или индиректна – нема. (19.07.2018).

По референдумот од 30-ти септември, чии резултати СДСМ ги протолкува како „доволно големо мнозинство од гласачкото тело кое гласало ЗА“, а ВМРО-ДПМНЕ како „гласно НЕ од народот“, Владата се реши да го продолжи правниот процес околу Договорот од Преспа во Собранието. Неколку дена пред да се гласа дали ќе Собранието ќе ја прифати иницијативата за започнување процедура за промена на Уставот на РМ, Зоран Заев им се обрати на пратениците од говорницата на парламентот со изјава за потреба од помирување во земјата:

Испраќам порака на помирување и простување за 27 – ми април и насатните што се случија. Да седнме и да го направиме тоа. Јас сум подготвен и ве повикувам сите и мнозинството и опозицијата. Да знам, дека тоа има цена и подготвен сум да ја платам цената, политичка е цената (15.10.2018)

Речиси две недели траеја толкувањата во јавноста дали премиерот мислел на амнестија. Ова дотолку повеќе затоа што од пратничката група и коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, власта обезбеди 8 пратенички гласови за расправа за промена на Уставот на РМ, меѓу кои и пратеници кои се обвинети за настаните од 27 април 2017 година.

Во тие денови на крајот на октомври годинава, свој закон за амнестија во парламентот достави и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. На прашање на новинар во Собранието на РМ, а по средбата со дел од пратeничката група од ВМРО-ДПМНЕ која ги подржа уставните амандамни, дали за него е прифатлив Законот за амнестија што го доставила ВМРО-ДПМНЕ, Заев е категоричен:

Апсолутно не. Затоа што тука го формираме националното кординативно тело. Низ ова координативно тело за помирување треба да ги изнајдеме механизмите на помирувањето. (29.10.2018, 6.06 мин.)

После сите вакви изјави и толкувања од Заев, минатиот петок во интервјуто за „360 степени“, Заев изјави дека амнестијата за него е прифатлива, наведувајќи ги категориите на лицата инволвирани во настаните од „крвавиот четврток“. Иако Заев нуди политичко појаснување зошто неговиот став сега е ваков, кое можеби и може да се разбере како логично,  останува фактот дека неговата последна изјава е недоследна и контрадикторна со сите други искажани во месеците претходно.

 

ИЗВОРИ:

Оценил: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.