Контраспин: Груевски ги нападна дипломатите, ВМРО-ДПМНЕ прашува кој им се заканувал?!

Не е за верување дека ВМРО-ДПМНЕ го заборави говорот на својот партиски шеф полн со гнев кон дипломатите. Фото: Мета

Владејачката партија треба да си го побара „конкретниот пример“ за тоа кој упатил заканувачки пораки кон амбасадорите во сопствениот двор. Таму ќе најде не само еден, туку повеќе такви примери, а најоригиналниот е позициониран на партиското кормило

 

Владејачката партија треба да си го побара „конкретниот пример“ за тоа кој упатил заканувачки пораки кон амбасадорите во сопствениот двор. Таму ќе најде не само еден, туку повеќе такви примери, а најоригиналниот е позициониран на партиското кормило

 

Пишува: Оливера Војновска

 

ВМРО-ДПМНЕ вчера (22.12.2016) доцна попладнето испрати прилично изненадувачко  соопштение во кое вели:

Спин: Споделувајќи ја загриженоста на Европската Комисија ВМРО-ДПМНЕ јавно прашува кој и како им се заканувал на меѓународните преставници во Република Македонија и да се посочи конкретен пример за тоа.

ВМРО-ДПМНЕ осудува говор на омраза и повици за насилство, и тоа треба да го направат и сите останати политички чинители. Споделувајќи ги демократските вредности очекуваме допрецизирање и појаснување за таквите наводи со цел надлежните институциите поефикасно да превенираат такви случаи.

[Извор: Курир, Датум: 22.12.2016]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Ова  соопштение на владејачката партија во кое јавно се прашува „кој  им се заканувал на странските дипломати (?!)“, е  чудно, лицемерно и во најмала рака смешно. Ваквиот настап на ВМРО-ДПМНЕ,  фактички е реакција на острата осуда од Европската комисија, претходно искажана и од Стејт Департментот, а во анализата под наслов „Народот одлучи“ сериозни критики за „недемократско однесување“ на владејачката партија во Македонија, упати и Фондацијата „Конрад Аденауер“ на германската конзервативна партија ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел. Тоа претставува чист политички спин и проѕирен обид на ВМРО-ДПМНЕ за миење од одговорноста поради жестоките и негативни тонови кои беа упатени од највисоко партиско ниво.

Наместо да глуми „изнензаденост“, ВМРО-ДПМНЕ треба да си го побара „конкретниот пример за тоа кој упатил заканувачки пораки кон амбасадорите,“  во сопствениот двор. Таму ќе најде не само еден, туку повеќе такви примери, а најоригиналниот е позициониран на партиското кормило. Па, има ли пооригинален пример за непријателски говор искажан на адреса на странските претставници од настапот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ноќта на 17.12.2016 пред „усвитената“ маса собрана пред зградата на некогашна НИП „Нова Макдеонија“, каде сега е седиштето на ДИК. Во моменти кога членовите на централното тело за спроведување на изборите одлучуваа за приговорите од гласањето поднесени од опозицијата, а насобраните приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ ја бранеа „неприкосновената изборна победа“ на владејачката партија, Груевски го читаше „катиљ ферманот“ од Извршниот комитет, од кој истече  еден куп „отров “ кон дипломатите.

Само, да потестиме дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ тогаш рече:

Некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата. Тоа мора да запре. Остануваме отворени за комуникација со сите амбасадори и претставници на други држави, но, некои амбасадори кои почнаа премногу да се мешаат во нашата внатрешна политика, мора да престанат да го прават тоа.

ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи понатамошно мешање на амбасадори во внатрешно- политичките прашања на земјата и бараме да останат во рамките на на своите мандати и овластувања како дипломати.

ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на состаноци и преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори, странски посредници или преставници на други земји, а на кои се преговара или носат одлуки за кои во секоја држава одлучуваат претставниците избрани од народот… (Груевски)

Не е за верување дека ВМРО-ДПМНЕ го заборавила овој говор полн со гнев на партискиот шеф, искажан пред симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, кои, пак, уште од изутрината (17.12.2016) развиорија  транспарент „Бејли, тргни ги рацете од Македонија“!

За одбележување е и тоа што, еден ден откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, одржа говор пред Државната изборна комисија (ДИК), на веб-страницата Имгур се појавија некролози  од актуелни и доскорешни амбасадори во земјава. Иако владејачката партија го осуди ваквиот чин, сепак, остана да виси прашалникот за чудната коинциденција со заканувачките пораки на нејзиниот лидер.

Така што, делува многу неискрено  и има декларативен призвук заложбата во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за „споделување на демократски вредности“, како и  изразеното очекување за „допрецизирање и појаснување за таквите наводи (закани кон дипломатите , н.з.) со цел надлежните институциите поефикасно да превенираат такви случаи“.

Исто така, предупредувачките пораки на Груевски кон странските претставници не се единствениот „изблик“ на нетрпеливост од ВМРО-ДПМНЕ кој се разлеа по изборниот ден.

Ништо помалку загрижувачки не беше ниту настапот на „спонтаниот“ протест пред ДИК на членот на ВМРО-ДПМНЕ, директорот на Државниот архив Филип Петровски, кој директно му се закани на американскиот амбасадор Џес Бејли (иако не му го спомена името, но беше јасно дека мисли на него):

Не ги закрвувај односите на двете држави. Ти си и онака на заминување, ќе дојде амбасадор кој повеќе ќе ја почитува Македонја. Немој да нè провоцираш веќе (Петровски)

Но, Бејли не единствениот дипломат кој беше изложен на нападите на Петровски. Директорот на Државниот архив со уште поголема жестина  го нападна поранешниот олеснувач во преговорите за Договорот од Пржино, Питер Ванхауте, затоа што во коментар под една објава на Петровски на „Фејсбук“, го потсети дека во една демократска држава е неприфатливо да објави идентитет на сведок на изборни неправилности и потоа јавно да исмева:

Господине Петровски добро ја запаметивме вашата порака. Ова е навистина неприфатливо, особено бидејќи доаѓа од висок државен функционер. Во една нормална демократија, човек за ова би бил уапсен и ставен да лежи во затвор долго време.

По ова, Петровски му се обрати  на Ванхауте со видеопорака:

Вие направивте изборен фалсификат, вие сте дел од еден план кој сака да ја уништи Република Македонија. Јас ви советувам да си седите дома и да ја оставите Македонија. Да не ве видиме уште еднаш во Македонија – вели Филип Петровски во видео обраќањето до Ванхауте.

И, после ваквите недолични и срамни испади, зарем навистина е нејасно и има потреба некој дополнително „да појасни или да прецизира“, кој и од кое  место им се заканувал на дипломатите?!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција