Контраспин: Има ли Груевски, после сè, било каква врска со македонската кауза?

Можеби Груевски не знае точно што е македонската кауза. Можеби има поинакво мислење каква треба да е таа, па затоа на катните гаражи им даваше имиња „Тодор Алкесандров“ и „Солунски конгрес“… Едно е сигурно – тој лажно се претставува како борец за македонската кауза

 

Можеби Груевски не знае точно што е македонската кауза. Можеби има поинакво мислење каква треба да е таа, па затоа на катните гаражи им даваше имиња „Тодор Алкесандров“ и „Солунски конгрес“… Едно е сигурно – тој лажно се претставува како борец за македонската кауза

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Никола Груевски, екс-премиер, пратеник и почесен лидер нa ВМРО-ДПМНЕ, на својот Фејсбук профил објави подолго писмо во врска со неговото бегство и добивање азил, кое е преполно со спинови, од кој го издвојуваме овој:

Спин: ...Одлучив да ја продолжам борбата за македонската кауза, за каузата на Република Македонија, на начин на кој единствено можам во моментот, на начин на кој многу други личности низ историјата кога имале можност го правеле. И како што кажав во претходната објава, јас никогаш нема да се одкажам од таа кауза.

[Извор: Фејсбук статус на Никола Груевски – датум: 20.11.2018]

Контраспин:  Груевски, кој е веќе правосилно осуден за дело покренато од СЈО, а е обвинет во уште неколку процеси и уште во неколку осомничен, во своето обраќање до јавноста, спинува ли спинува, за причините зошто се решил да избега од Македонија.

Правејќи пресек на последните три-четири години, тој најнaпред кажува неколку невистини од кои главни се следните: тој бил жртва на политички прогон; имало закани по неговиот живот; СЈО било партиско тело на СДСМ; СДСМ дошла на власт нечесно, а Заев ги гонел него и другите обвинети и осудени лица со цел да ги продаде националните интереси и да ја разграби земјата; судството назадувало и чекало од Заев или од  СЈО што да прави во процесите…

Кажувајќи го сето ова, Груевски потоа го искажува следниот спин со кој го оправдува бегството:

Одлучив да ја продолжам борбата за македонската кауза, за каузата на Република Македонија, на начин на кој единствено можам во моментот, на начин на кој многу други личности низ историјата кога имале можност го правеле…

Можеби Груевски не знае точно што е македонската кауза. Можеби тој има за „каузата на Република Македонија“ поинакво мислење каква треба да е таа, па затоа на катните гаражи им даваше имиња „Тодор Алкесандров“ и „Солунски конгрес“… Но едно е сигурно: Никола Груевски е лик кој лажно се претставува во јавноста како борец за македонската кауза и за каузата на Република Македонија!

После неговото десетгодишно премиерско владеење, каде што никој никогаш не го спречувал да спроведува исправни домашни и меѓународни политики, тој зад себе остави „заробена држава“ која полека треба да се ослободи и во која царуваа(т) корупцијата и организираниот криминал.

И оттаму поаѓајќи, наместо лажно да се претставува и да фрла спинови, Никола Груевски на граѓаните на Република Македонија им ги должи следните објаснувања :

  • Што има заедничко „македонската кауза“ со аспекти од продажбата на ОКТА (писмо со потпис на Груевски во 1999 г., како министер за трговија), поради што Македонија на Мамидакис, тогашниот сопственик на Мамид оил – Џет оил, му исплати отштета од 40 милиони евра на 31 декември 2007 година?

 

  • Што има заедничко македонската кауза со неколкуте милиони евра изгубени со фирмата Национална платежна картичка (НПК), дериват на некогашниот Завод за платен промет, а која е дело на реформите на некогашниот министер за финансии Никола Груевски од 2001 година?

 

  • Што има заедничко помеѓу македонската кауза со продажбата на Македонска банка од 2003 година, која во и по воената 2001 г. станува партиска банка на ВМРО-ДПМНЕ? (Случај НИНИ).

 

  • Што има заедничко помеѓу македонската кауза и аферата Аналитико – Телеком, фирма која беше прибежиште на редица денес обвинети во случаите на СЈО, партиски другари на Груевски пред да дојдат на власт во 2006 година?

 

  • Што има заедничко македонската кауза со негонењето на лицата од аферата Телеком пред десетина години?

 

  • Што има заедничко македонската кауза со амнестијата за хашките случаи и со одземање пари на луѓето од армијата и полицијата кои учествуваа во конфликтот во 2001 година преку судови и извршни постапки ?

 

  • Што има заедничко македонската кауза со проектот „Скопје 2014“, кој започна во 2008/2009 година со проекција дека ќе чини 80 милиони евра, а заврши со коруптивни скандали некаде во 2015/2016 година и со краен биланс од нешто под 800 милиони евра?

 

  • Што има заедничко меѓу македонската кауза и исфрлање на пратениците од Собранието во декември 2012 година?

 

  • Што има заедничко меѓу македонската кауза и насилствата организирани пред Општина Центар?

 

  • Што има заедничко македонската кауза со обвинувањата за провизиите околу автопатиштата, посебно Кичево –Охрид, поради што еден километар ќе ги чинии граѓаните на државата над 11 милиони евра, а како „технолошко чудо“, читаме деновиве, се наведува фактот дека едниот од двата тунели бил пробиен после цели 5 години!?

 

  • Што има заедничко македонската кауза со сите изборни измами, од кои на суд се оние за 2013 година?

 

  • Што е заедничкото меѓу македонската кауза и прислушувањето на илјадници македонски граѓани, јавни личности, политичари… без никаква законска основа?

 

  • Што има заедничко македонската кауза со организирање контрапротести и непредавање на власта, иако, де факто, е загубена на крајот од јануари 2017 година?

 

  • Што има заедничко македонската кауза со организирање упад во Собранието на РМ во април 2017 година, при што се ризикуваше убиство на легално избрани пратеници и граѓанска војна?

 

  • На крај, иако не е време за шега, што има заедничко македонската кауза со „парпетчето“ од охридските плажи, кое за среќа никогаш не се изгради, а кое беше на дневен ред на седница на Влада со која претседаваше „борецот за каузата“ ?

Поради сите овие наброени и уште многу ненаброени примери, кои суштински се сврзани со ликот и делото на Никола Груевски како премиер, истиот нема морално право да се повикува на „македонската кауза“ и на „каузата на Република Македонија“. Освен што лажно се претставува, тврдењето дека избегал за да ја продолжи борбата за „каузата“, не е ништо друго туку целосно извртена вистина, т.е. спин.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.