Контраспин: Караџовски ја убедува јавноста дека ниту слуша, ниту гледа

Постојат бројни аргументи во прилог на фактот дека судството во Македонија страда (и) од исполитизираност, и затоа неумесно е од страна на претседателот на Судскиот Совет, Зоран Караџовски, да ја прави јавноста во Македонија, де факто, слепа и глува, ем без мозок за размислување и да го тврди обратното

 

 

Постојат бројни аргументи во прилог на фактот дека судството во Македонија страда (и) од исполитизираност, и затоа неумесно е од страна на претседателот на Судскиот Совет, Зоран Караџовски, да ја прави јавноста во Македонија, де факто, слепа и глува, ем без мозок за размислување и да го тврди обратното

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Судскиот совет (СС), Зоран Караџовски, во телевизиско интервју во кое му беше посочен прислушкуван телефонски разговор за политичката припадност на еден судија, а воден помеѓу поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, ја даде следнава изјава што ја сметаме за спин:

Спин: Да, уште сум на став дека не е партизирано судството во Македонија. Ставот на Судскиот совет на Македонија и генерално како судии, е дека не ги коментираме ваквите разговори, бидејќи или се нелегално стекнати, не е утвредена ниту нивната веродостојност, ниту можат да бидат доказ во некоја постапка. Јас зборувам од судиски аспект, како судија и легалист…од старт овие разговорите се фалични, така речено, бидејќи се нелегално стекнати и токму затоа се дадени на СЈО, како индиција, во која насока можат да истражуваат евентуално некоја, некакви кривични дела од овие прислушувани разговори…

[Извор: 24 Анализа, (21-ва минута), датум: 17.11.2016]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Претседателот на СС на Република Македонија, Зоран Караџовски, може да има сопствено мислење за партизацијата на судството. Тој, се разбира, не може, туку треба да биде убеден легалист ако е на оваа позиција. Може колку сака да верува и да е во право дека одговорноста е поединечна и секој има име и презиме. Но, Караџовски не смее,  а очигледно може, со помош на извртување на вистината да тврди и да ја убедува јавноста дека судството во Македонија не е исполитизирано.

Оваа оценка, се разбира дека не важи за секој судија поединечно, но како констатација за еден од елементите што го нагризуваат квалитетот на судството во целина, а со тоа и неговата позиција во општеството како независна трета власт – е запишана од подамна и се наоѓа во повеќе релевантни домашни и меѓународни експертизи. Впрочем, тоа е оценка и на сегашни или поранешни високи судии.

За потребите на разобличување на овој спин на Караџовски дека судството не ни било корумпирано, ќе ги наведеме следните оценки за правосудството изнесени во мега-истражувањето Национален систем за интегритет што го спроведуваше за Турција и земјите од Западен Балкан Транспаренси интернешнл со седиште во Берлин, а за Македонија, Транспаренси интернешнл Македонија.

Во делот за судството се оценуваат повеќе елементи со кои се добива вкупна оценка за интегритетот на судството како еден од националните столбови, при што во однос на независноста добиена е оценка 25 од можни 100, кога станува збор за практика. Еве што се вели уште во првата реченица:

Независноста на судството е компромитирана. Има политичко мешање во назначувањето судии, како и во одлуките за кривични случаи и случаи во кои се загрозени владините интереси како што се, на пример, случаи со клевети или изборни спорови.

Понатаму во истражувањето се наведуваат и следните констатции:

Се смета дека Судскиот совет не постапува независно и е под влијание на извршната власт. Оценувањето на СС на судското работење е селективно и извршната власт и политичките партии влијаат врз назначувањето, унапредувањето и разрешувањето судии.

Овие оценки за СС се оценките дадени од две македонски судики кои суделе во највисоките судови во Македонија и во Европа, во 2014 година и тие се наведени во Истражувањето како извор на стр.90

Во овој дел од извештајот се критикува и нетранспарентното сменување на судиите или нивно повикување на одговорност и разрешување. Овој дел од судството се регулира со два закони – со Законот за Судски совет и со Законот за Советот за утврдување на факти (скратено термин-н.з.), стапен на сила во јануари 2015. Караџовски во интервјуто за 24 Вести силно се потпира на СС и на Советот за факти и тврди дека тие се одговорни во различни ситуации да ја утврдуваат дисциплинската одговорност на судиите.

Но, само пред нецела година, во декември 2015, Венецијанската комисија – најреномирано експертско тело на Европа, ги „направи парче“ споменатите амандмани, за што Вистиномер пишуваше под таков наслов. Еве што, меѓу другото, за тие амандмани и за можноста преку нив да се влијае (политички) врз судството, оцени Венецијанската комисија:

Постои ризик дека Советот за факти де факто ќе го замени на Судскиот совет во прашања на дисциплинска одговорност на судиите, што го покренува прашањето на компатибилноста на новата институција со сегашниот член 105 од Уставот на Република Македонија, кој му доверува на Судскиот совет и на никој друг да има моќ да решава за дисциплинската одговорност на судиите (…) Затоа, Венецијанската комисија го потврдува својот предлог за укинување на Законот за Советот за факти, да се врати претходниот систем на покренување дисциплинска постапка со истовремено вградување на механизми за спречување на судир на интереси.

Кај аргументите, иако се повеќепати споменати, би ги издвоиле и оценките на Извештајот на Рајнхард Прибе од 2015 и на Европската комисија од 2016:

Извештај на Прибе:

Од страна на неколку извори, групата беше известена дека постои атмосфера на притисок и недоверба во судството…Многу судии веруваат дека унапредувањето во рамките на судството е резервирано за оние, чиишто одлуки го фаворизираат политичкиот естаблишмент.

Караџоски во интервјуто за 24 Вести, рече дека изборот на судии порано бил поинаков и дека од 2014 се постапува сосема поинаку и судиите се избирале според „мерит“ системот, значи систем на заслуги и затоа немало шанса да се изберат судии по други, да речеме политички критериуми. Но, еве што се вели во Извештајот на Прибе за овој нов начин на избор што, наводно, го спроведува Судскиот совет:

Што се однесува до назначувањето на судии, постои недостиг од транспарентност и во случајот со стандардите за назначување и во процедурата. Нема можност за споредба на заслугите на кандиидатите, туку тие мора да бидат номинирани од страна на член на Судскиот совет и потоа да поминат два круга на гласање без очигледно внимание на објективните критериуми и без обврска, членовите кои гласаат да го образложат својот став

Европската комисија во својот последен прогрес Извештај за Македонија (стр.4), за состојбите во судството меѓу другото запишала:

Eвропска комисија

Состојбата е уназадена од 2014 година и постигнувањата во реформскиот процес во претходната декада се поткопани од повторното политичко мешање во судството. Властите не успејаа да покажат неопходно политичка волја за да се справат со прашањата што беа дефинирани во Итните реформски приоритети (се мисли на судството – н.з.). Попречувањата со кои се соочува новото Специјално јавно обвинителство покажаа дека е потребно ефективно справување со недостигот од независност во судството и со селективната правда.

Америиканскиот Стејт департмент во својот Извештај за почитувањето на човековите права во Македонија во 2015, меѓу другото, оценил:

САД-Стејт департмент

Бројни претставници на судството ја обвинуваат владата за злоупотреба на буџетот за да ја зголемат своојата контрола врз судството.

Но, не се само странците и не се само експертите. Може да се наведат и ставови на политички партии кои даваат оценка за судството, кои реагираа за случајот „Сопот“, иако се дури и партии на власт како што е ДУИ. Нивната оценка е од 2010 година, далеку пред Зоран Заев и СДСМ да ги објават прислушкуваните разговори и да ја изнесат и нивната оценка за судството.

После овие, макар и неколку аргументи, изнесени во прилог на фактот дека судството во Македонија страда (и) од исполитизираност, неумесно е од страна на претседателот на СС Зоран Караџовски да ја прави јавноста во Македонија, де факто, ем без очи, ем без уши, ем без мозок за размислување и проценување на фактите и да го тврди обратното. Оттука, изјавата на Караџовски дека судството во Македонија не е политизирано ја оценуваме како неспорен спин.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.