КОНТРАСПИН: Николоски како Груевски – амнестија за 27 април за доброто на Македонија!?

Александар Николоски. Фото: скриншот

Спиновите што ги изнесе Николоски на тема „Крвавиот четврток“ и амнестија и не се некоја новина, туку само прераскажување на спиновите изнесени од поранешниот шеф на Николски, Никола Груевски на последниот конгрес на партијата во Валандово

 

Спиновите што ги изнесе Николоски на тема „Крвавиот четврток“ и амнестија и не се некоја новина, туку само прераскажување на спиновите изнесени од поранешниот шеф на Николски, Никола Груевски на последниот конгрес на партијата во Валандово

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во ТВ интервју искажа ставови, кои ги оценуваме како спин:

Спин: Она што можам со сигурност да го кажам е дека ВМРО-ДПМНЕ нема ништо со организацијата на тој настан и сметам дека тој настан е израз на еден спонтан револт кој што се случи, кој што ги премина гранинците на едно нормално изразување на револт. Тоа што ги премина границите е секако за осуда, но никако не е тероризам и загорзување на уставниот поредок на државата… Мислам дека е претешка квалификација (одговор на прашањето на новинарот дека Обвинителството го потврдува обидот за убиство на Зоран Заев) …Ова судење, кога и да почне, тоа ќе предизвикува внимание, ќе создава чувства, ќе се отвараат теми за меѓуетничките односи во оваа држава кои што ние треба да ги релаксираме. И ние ќе имаме еден континуиран процес од година и пол, две, можеби и три, зашто се многу луѓе, кој што ќе создава тензија во општеството. Зрел политичар не треба тоа да му е намерата. Јас да бев на местото на Зоран Заев ќе предложев закон за амнестија за сите кои што учествуваа и ќе им простев.

[Извор: Алсат –М, 200-Интервју со Алкесандар Николоски, од 7-до 11 минута, датум: 27.03.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во интервју за емисијата „200“ на Алсат-М телевизија, изрази неколку ставови во врска со правосудната постапка околу обвинетите за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на РМ, кои ги сметаме за извртување на вистината, односно спинови. Тука се фокусираме на два.

Првиот спин на Николоски е дека ВМРО-ДПМНЕ нема ништо со организацијата на настаните од 27 април. Неколку пати потпрашан за учеството на пратенците од ВМРО-ДПМНЕ во овие настани, тој многу подоцна во разговорот ќе прецизира дека ВМРО-ДПМНЕ како партија немала ништо, а не како поединци. Објаснувајќи ја оваа теза, Николовски тврди дека тие настани тој и партијата ги осудуват, но смета дека немало никаква врска со тероризам и загрозување на уставниот поредок, туку е „израз на спонтан револт“.

Што сака да ни каже Николоски? Веројатно, дека за да има доказ оти партијата била поврзана со настанот треба да има записници од некоја седница на Извршниот одбор со која претседава поранешниот претседател Никола Груевски и на која бил донесен заклучок да се направи упад во Собранието со цел да се спречи гласањето за веќе формираното ново парламентарно мнозинство!?

 

ТРИ ФАКТИ ЗА ПОВРЗАНОСТА НА ВМРО-ДПМНЕ

Потпретседателот секако знае дека такво нешто нема и дека тоа така не се прави никаде во светот, па затоа и игра на таа карта. Но, присуството на ВМРО-ДПМНЕ во позадината на сите тие настани се гледа од повеќе агли и едноставно не може да се скрие. Еве само три:

  • Постојаната и призната телефонска комуникација на шефот на полицијата, кој требаше да ги спречи настаните, Митко Чавков, со екс -премиер Никола Груевски, додека во истовреме е недостапен и за Штабот во полицијата и за заменикот министер, во истата таа критична вечер.
  • Отворањето на собраниските порти од страна на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за да влезе „спонтано револтираниот народ“, предводен од лица со качулки кои се, исто така, „спонтано револтирани“. Отворањето на споредни порти на Собранието за истите тие „спонтано револтирани со качулки“ и прецизно насочување на револтираните кон прес салата каде беа пратениците на СДСМ и пратениците од албанските парии, по што следуваше насилство и обид за убиство.

Само од овие три агли, од овие три фактографски моменти може со сигурност да се зборува за дебела поврзаност на ВМРО-ДПМНЕ со настаните од крвавиот четврток. И отфрлањето на таквата вистина е едноставно недоветно и трагично.

 

ЗОШТО ДА СЕ ПРОСТИ АКО НЕМА ВИНА?

Вториот спин на Николоски е дека мудар политичар и лидер како Заев не би играл на картата на одмазда, туку на картата на простување.

Всушност, Николоски јасно вели – насилство имало, малку се претерало, тој и ВМРО-ДПМНЕ го осудуваат и жалат за претерувањето, но бидејќи обвинувањето за тероризам поради насилно уривање на уставниот поредок било бурлеска (баш така вели, бурлеска), тогаш најпаметно, во име на иднината и да не се создаваат тензии во општеството, треба да се прости и Заев (и СДСМ) да поднесат закон за амнестија.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, ем не сака да има судски процес, ем сака јавноста да верува дека партијата нема ништо со тие настани (туку можеби само поединци, како што вели за пратениците), ем во име на соживотот и иднината, веднаш да има закон за амнестија.

Токму во тоа е извртувањето на вистината, односно спинот. Зошто да се прости ако нема вина? Ако има закон за амнестија, тоа значи дека некој за некое злодело, е макар осомничен и обвинет. Бидејќи во дадениот случај, поради присуството на медиумите во Собранието, целата јавност можеше да види за какво злодело се осомничени и обвинети споменатите 30 лица, сосема е јасно дека не може да има никакво простување, ниту од јавноста, ниту од Заев и СДСМ, барем додека не се утврди вистината.

А, вистината најдобро ќе се утврди ако се води транспарентна и фер судска постапка. Бидејќи ако не се дознае вистината за обвинението за насилно уривање на уставниот поредок од структури на власт, кои подготвувале убиство на лидери на опозициски партии и суспендирање на Парламентот, а јавноста треба во име на соживотот бланко да прости, тогаш треба да ги остави истите структури да чекорат низ ходниците на трите власти и да се надева дека тие нема да имаат доблест и моќ тоа да го сторат пак.

Преголемо е тоа барање за јавноста, па дури и за Зоран Заев, господин Николоски, без оглед на сета какофонија со амнестии и аболиции што ја имала Македонија во блиското минато во име на соживотот.

Всушност, спиновите што ги изнесе Николоски и не се некоја новина, туку само прераскажување на спиновите на тема 27 април и амнестија, изнесени од поранешниот шеф на Николски, Никола Груевски на последниот конгрес на партијата во Валандово.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција