Контраспин: Пратениците можеа да ги намалат патните трошоци и само со одлука

Томислав Тунтев - скриншот

Предлозите на СДСМ за намалување на патните трошоци за пратениците и другите функционери се спин, меѓу другото, зашто дури ако доведат до „значително намалување“ на трошоците на јавните пари на пример во Собранието, тоа повторно се значително големи суми кои се над реалните трошоци што ги имаат

 

Предлозите на СДСМ за намалување на патните трошоци за пратениците и другите функционери се спин, меѓу другото, зашто дури ако доведат до „значително намалување“ на трошоците на јавните пари на пример во Собранието, тоа повторно се значително големи суми кои се над реалните трошоци што ги имаат

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Кога пред 10-тина дена пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ изјави дека поднеле измена на закони за намалување на патните трошоци кои им се исплаќаат на пратениците, меѓу другото, рече:

Спин: Предлозите што ги доставуваме можеме да ги третираме и како краткорочно решение, а ние како пратеничка група стоиме отворени за понатамошнии анализи, дискусии и предлози кои што ќе значат долгорочно решавање на овој проблем

[Извор: A1 Оn – Изјава на Томислав Тунтев, датум: 12.01.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Во Собранието на Република Македонија започнa комисиска расправа по предлог-законот за измени на Законот за пратеници, потоа и за плати и надоместоци на избрани и именувани функционери, предложен од група пратеници предводени од СДСМ, а после тоа ќе се носело и дополнително одлука за ново кратење на бројките што се предложени во законот. Целите на ваквите измени, опишани и во самиот предлог-закон, може да се опишат како извртена вистина односно спин.

Предлозите што ги доставуваме можеме да ги третираме и како краткорочно решение, а ние како пратеничка група стоиме отворени за понатамошни анализи, дискусии и предлози кои што ќе значат долгорочно решавање на овој проблем – изјави пред десетина дена пратеникот Тунтев.

Законот за измена на постоечкиот закон кој бил донесен уште во 1990 година, е многу краток од само два члена, при што во едниот член, 27 се менуваат само бројките од 30 проценти на 20 проценти.

Но, досега речиси никој од пратениците, па и другите функционери што беа споменати, да речеме оние од ДИК, не кажаа една многу важна работа, односно дека процентот во законот е наведен како горен праг.

Еве како гласи таа одредба во постоечкиот закон:

Надоместок на трошоците за користење автомобил во лична сопственост за службени цели – до износот што според еден изминат километар не може да биде поголем од 30% од продажната цена на еден литар гориво за возилото кое се користи.

Сега наместо ова СДСМ и коалицијата предлагаат бројката 30 да се замени со 20, а конкретно за пратениците таа бројка уште повеќе ќе ја намалеле и ќе ја свеле на 15 проценти, со предлог одлука.

Зошто со одлука? Затоа што законот ја уредува општо материјата, а како привилигете конкретно ќе се користат се одредува со подзаконски акт и со одлуки или правилници во секоја институција на државната власт. Има уште една важна работа што не се кажува, а таа ја открија колегите од Нова Македонија. Споменатата одлука на матичната комисија во Собранието, со која пратениците можат да си користат надомест за патните трошоци е донесена во 2006 година, а потоа само се „унапредувала“ со измени и со измена на Законот за пратеници.

Оттука, станува сосема јасно, дека доколку сакале, СДСМ и коалицијата можеле и можат и без измена на законското решение и досега да предложат нова одлука во законодавниот дом и да го решат ова прашање што со право толку ја вознемирува јавноста. Притоа ќе се направеле значителни заштеди само од буџетот на Собранието, а и ќе се избегнеа спиновите дека тие го информирале претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери, уште на први декември, па чекале предлози и од другите пратенички групи, па со тоа му дале време и на Џафери преку парламентанриот институт да изнајде решение, итн, итн….

Целото тоа префрлање на топката од власта врз опозицијата и обратно од опозицијата врз владејачките партии, е прилично јасно видлива манипулација со јавното мислење.

 

КАКО СЕ ДЕФИНИРА ЗНАЧИТЕЛНО НАМАЛУВАЊЕ?

Вториот спин или извртување на вистината е дека целта на законот е „значително намалување“ на овие средства.

Со измените на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Републиката, ќе се овозможи значително намалување на надоместокот за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели.

Еве што тоа конкретно значи. Да земеме пример со пратеник од Охрид или охридско. Ако досега на пратеник кој живее во Охрид му се исплатувале 30 проценти од цената на горивото за изминат километар, тој во текот на годината можел да земе, теоретски и над 30 илјади евра. Еве како: просек на километри од Охрид до Скопје, сосе адресите на живееење до Собрание е околу 200.

Просечна цена на литар гориво во РМ е околу 1,1 евро за бензин од 95 октани. Тоа значи дека за изминати 400 километри (Скопје – Охрид – Скопје), пратеникот добивал во просек околу 33 евроценти или околу 20,3 денари за изминат километар или 8.120 денари или 132 евра.

Ако сега со изменетиот предлог-закон овој процент е намален на 20 отсто од цената на литар гориво, за истата релација пратеникот би добивал 22 евроценти на изминат километар односно 13,5 денари, односно за 400 километри 5.400 денари или околу 88 евра.

Можеби сме престроги во оценката, но, дури и ако процентот со предлог одлука го намалат на 15 отсто за изминат километар, тоа е повторно превисока сума, значително над реалната. Во овој случај пратеникoт за истата релација би добивал 16,5 евроценти за изминат километар односно 10, 14 денари за километар односно 4.056 денари, односно околу 66 евра.

А, еве зошто е превисока и нереална и оваа пресметка со 15 отсто. При исплата на сумите во Собранието досега, ај што си ја зеле горната сума од 30 проценти, туку и без значење било прашањето со какво какво возило се вози пратеникот, иако во самиот закон тоа јасно стои. Така што, колу поекономично возило има пратеникот, поголем би бил, условно речено, „ќарот“.

Да земеме дури и потрошувачката од 10 литри на отворено за 400 километри, значи 40 литри потрошени на нашиот пример за пратеник од Охрид, тоа значи дека реално потрошил 44 евра. Со 15 отсто надомест за цената од литар гориво колку што сега замилиле дека треба да биде, тоа е повторно значително над реалниот трошок, односно за цели 22 евра или 1.353 денари. Но, современите возила од средна класа или ниска горна класа, трошат помеѓу 5 и 7 литри на 100 километр, и сосема е јасно дека овие 22 евра „ќар“ ќе бидат и повеќе. Дури и ако вклучиме амортизација на возилото и парите за патарините.

 

ЛЕГАЛНА КОРУПЦИЈА

Оттука сосема е јасно дека станува збор за вносна легална заработувачка која не е реална и која може да се смета за законска корупција, дури и ако не се правеле манипулациите со патарините и да се пријават пет возила од една општина на пет пратеника, а тие да патуваат со едно или воопшто да не патуваат, а да поденсат патарини издадени за друг корисник.

Примерот со пратеникот од Охрид ни зборува дека теоретски, може да добие како надомест 2904 евра месечно (132 по 22 работни дена доколку во 22 дена има закажано комисиска расправа или пленарна седница) или теоретски може да му бидат исплатени близу 32 илјади евра годишно (11 месеци по 22 работни дена).

Вториот случај со надомест од 20 отсто за пратеникот од Охрид, земен како пример, ни зборува дека досега теоретски можел да добие 1936 евра месечно или над 21 илјади евра годишно. Конечно, со предлог одлуката за надомест од 15 отсто од цената на литар гориво за изминат километар, пратеникот би добил како надомест околу 16 илјади евра.

Овие суми се нешто помали во праксата, ем затоа што пратениците од внатрешноста немаат потреба да доаѓаат во Скопје секој работен ден, а има и паузи во кои Парламентот не работи и по цел месец, па и повеќе, особено кога се изборни години и кога е распуштен. Но, сепак ако се погледнат бројките што им биле исплатени на пратениците за периодот декември 2016 – октомври 2017, и тоа во изборна година, а кои ги објави Нова Македонија (и овде), станува јасно дека се многу големи суми во прашање, при што, на пример, пратеникот Алија Камбероски од СДСМ зел 10,5 илјади евра.

Поради погоре наведените аргументи сметаме дека предлогот на закон е без искрена намера за значително намалување на јавните пари што се слеваат кај пратениците на име патни трошоци, дека целата работа можеа да ја завршат и без закон, само со одлука, зашто имаат мнозинство, дека дури и евентуалното намалување на 15 отсто од цената на литар гориво ќе значи повторно значителни, а нереални трошоци од јавните пари… Сето ова укажува дека има многу извртени вистини односно спинови кои и се пласираат на јавноста околу ова прашање.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција