Контраспин: Само ВМРО-ДПМНЕ ја гледа политизацијата на СЈО

Неопходна е проверка на диоптерот кај ВМРО-ДПМНЕ. Фото: Викимедиа

Нема политичко делување на СЈО, институција која има законска и етичка обврска. Кој, како и зошто прислушкувал, кој и како управувал со земјата и институциите, се прашања без чии одговори нема прогрес за Македонија и нејзините граѓани

 

 

Нема политичко делување на СЈО, институција која има законска и етичка обврска. Кој, како и зошто прислушкувал, кој и како управувал со земјата и институциите, се прашања без чии одговори нема прогрес за Македонија и нејзините граѓани

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претставничката на ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска, во име на партијата изрази реакција во врска со последното кратко интервју за Дојче Веле на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, при што е искажан најмалку еден став што го оценуваме за спин:

Спин: …Катица Јанева по стоти пат докажува дека СЈО функционира само како општинска организација на СДС исполнувајќи ги наредбите на Заев. Сите предмети кои досега ги покрена Јанева се политички нарачани случаи без ниту еден доказ во нив. …

Предлог решенија надвор од Договорот од Пржино. Фото: скриншот

Контраспин:  Во демонтажата на овие извртени вистини во врска со активностите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и неговата шефица, обвинителката Катица Јанева, може да се тргне со контра прашање: Чуму толкава нервоза од сосема коректни изјави на Јанева во краткиот разговор, доколку врвот на партијата е убеден во тоа што го вели – дека станува збор за политички нарачани случаи за кои нема докази и дека сите случаи за кои нема докази ќе паднеле на суд?

Тука нема да правиме ретроспектива од кога Катица Јанева, за ВМРО-ДПМНЕ, почнала да наликува како општинска организација на СДСМ, но само ќе потсетиме на фактот дека љубовта се растури откако СЈО побара ослободување од притвор за актерите од случајот „Пуч“ – случај кој е клучен за да се види позадината околу тоа кој и како тајно прислушкувал илјадници граѓани во РМ, од што потоа произлегоа и сите сознанија во јавноста на кој начин се владеело со земјата и како се спроведувале избори.

Оваа прекината „љубовна врска“ меѓу СЈО и ВМРО-ДПМНЕ во текот на целата 2016 г. резултираше со се пожестоки напади и критики на партијата и на нејзиниот лидер кон обвинителите, секој пат кога од СЈО ќе се активираше нова истрага или нов обвинителен акт.

Па така, лидерот на партијата кој при изборот на Катица Јанева изрази големо задоволство од кадровското решение, зашто, како што рече „е висок професионалец со меѓународни обуки“, потоа почна да не избира зборови и со „дрвја и камења“ да фрла и кон Јанева и кон другите обвинители од оваа институција. Во практикатa, почнаа да се прават формални и неформални опструкции во секојдневното работење (од неусвојување на бараните законски измени за заштитени сведоци, до недавање записници од судски рочишта на предмети поднесени од СЈО).

 

СИТЕ ПРЕДМЕТИ СЕ ЗАКОНСКА ОБВРСКА НА СЈО

Знаејќи го овој бекграунд, делува несериозно и целосно неиздржано кога ВМРО–ДПМНЕ ќе каже: сите предмети кои досега ги покрена Јанева се политички нарачани случаи без ниту еден доказ во нив.

Овој спин е апсолутно провиден, зашто само со увидот во предметите кои се однесуваат на тоа кој и како прислушкувал, а потоа и уништувал опрема – (Тврдина  и Таргет), преку првиот случај околу издавањето на лични карти и впишување во изборните списоци( Титаник), до случајот насилство во општина Центар, каде што првообвинет е екс премиерот Никола Груевски – станува јасно дека нема место за никакви нарачки.

Сето тоа спаѓа во описот и пописот на работата на СЈО, според обврската од законот со кој е формирано – да ја истражи сета незаконитост на која укажуваат снимените телефонски разговори, но притоа и да одговори на главните прашање – кој, како и зошто прислушувал во РМ, во периодот од 2008 до 2015 година.

А, за тоа дали имало или немало докази, се разбира дека не може да оценува ВМРО-ДПМНЕ, иако е легитимно да изнесе мислење, ама не со извртени вистини. Конечната одлука за доказите ќе биде на судот.

Зашто, како што се наведува и во изјавата од партијата, не постои судија што ќе донесе осудителна пресуда или ќе поддржи политички нарачан предмет, доколку истиот тој судија има интегритет и постапува исклучиво согласно заклетвата која што ја дал, односно ја дели правдата единствено согласно законот“.

 

ЗАЕВ И ЈАНЕВА „ЧУЛЕ“ ЗА ИНТЕГРИТЕТОТ НА СУДСТВОТО

Проблемот е што и Зоран Заев и Катица Јанева, поради се она што го слушнале досега во тајно сниманите телефонски разговори, најдобро знаат со каков „интегритет“ е дел од судството и колку често правдата „се дели“ согласно законот. Зарем терминот „Сваровски судство“ случајно излезе и стана општо прифатен израз во секојдневниот говор на јавноста?

Оттука, во домашната и меѓународната упатена јавност, политичка или експертска, нема сомневање дека Македонија може да излезе од длабоката политичка криза само со комплементарна примена на полиитчки и правни мерки. Политичките се при крај – спроведени избори и кај да е, формирање влада на ново парламентарно мнозинство. Правните мерки мора да ги истурка СЈО преку судскиот систем. За истата домашна и меѓународна упатена јавност, политичка или експертска, нема политизација на СЈО, таква гледа само ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа, нервозните реакции на таа партија секогаш кога СЈО или Катица Јанева само и ќе „трепнат“, како што беше ова кратко интервју за DW, секогаш се полни со извртена вистина, исто како и овој пример наведен погоре, што го оценуваме за спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција