Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ никогаш немал принципиелeн став околу медиумите

Мотивот на ВМРО-ДПМНЕ можеби не е само во голата пропаганда, туку и во можноста некои од решенијата од лани предложениот закон сега да им се чинат одлични во поглед на дневно-политиките потреби, во споредба со можноста владата на СДСМ да направи измени од тој предлог

 

Мотивот на ВМРО-ДПМНЕ можеби не е само во голата пропаганда, туку и во можноста некои од решенијата од лани предложениот закон сега да им се чинат одлични во поглед на дневно-политиките потреби, во споредба со можноста владата на СДСМ да направи измени од тој предлог

 

Пишува: Tеофил Блажевски

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на РМ Илија Димовски. одржа прес конференција на која презентираше дека поднеле три законски инцијативи во Собранието, меѓу која и иницијативата за измени во клучниот закон за електронските медиуми, што ја сметаме за спин:

Спин: Го пуштаме во процедура овој закон (Закон за измени и дополнувања на Законот за аудиовизуелни медиуми и медиумски услуги-н.з.), идентичен онаков каков што Социјадемократскиот сојуз го пушти пред две години, додека беше во опозиција во ова Собрание. Целта ни е да ги потсетиме на нивните изборни ветувања. Нашиот став кон однос на оваа тема е принципиелен….но, нема да ја пропуштиме приликата да го потсетиме СДСМ и да ги држиме до ветувањата кои што ги дале. Овој Закон ако се изгласа и ако се прифати по скратена постапка ќе значи укинување на радиодифузната такса. СДСМ ветуваше дека тоа ќе го направи веднаш штом ќе се формира парламентарното мнозинство…изминува третиот месец откако е формирано парламентарното мнозинство, ги нема никаде, ниту за ова, ниту за други ветувања….

[Извор: A1ON: Димовски – прес во Собрание, датум: 05.07.2017]

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: Пратеникот Илија Димовски, кој е и висок функционер на партијата, во својата изјава во врска со законот со кој меѓу другото се регулира и финансирањето на МРТ, искажа повеќе спинови и непрецизности, но главниот е дека тие „имале принципиелен став кон ова прашање кој многу пати го кажале и повторно ќе го кажеле…“

За да нема забуни, Димовски појаснува дека ова го прават само да ги потсетеле од СДСМ на предизборните ветувања, меѓу кое и укинување на радио дифузната такса (РДТ), а сега никаде ги немало, па затоа тие го предлагале истиот закон, како што СДСМ го предложила во Собранието, а ВМРО-поранешното мнозинство во истото тоа Собрание, заедно со својот коалиционен партнер ДУИ, гласаше против.

Да ја исправиме веднаш на почетокот непрецизноста на Димовски. Тоа не се случуваше пред две години, туку лани на 4-ти март. СДСМ го поднесе Законот врз основа предлогот на петте новинарски организации кои го разгледуваа претходно веќе понудениот предлог на посредникот во преговорите за излез од кризата Питер Ван Хојте. Откако го претресоа уште еднаш, новинарските организациии решија дека е добра основа за почеток на медиумските реформи, едно од барањата од Пржинскиот процес и од Итните реформски приоритети.

Но, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тогаш не го прифатија тој закон. И како може сега Димовски да зборува за принципиелни ставови, кога го предлагаат истиот закон?

Зашто, за неупатените, измените на тој Закон не се однесуваат само на радио-дифузната такса, туку се посуштински:

  • Се предлагаат измени во начинот на избирање на членови на Советот на Агенцијата за медиуми и со тоа целоса департизација и деполитизација на тоа тело
  • Се предлагаат измени во начинот на избор на членови на Програмскиот совет на МРТ, и исто така, деполитизација на тоа тело, но и департизација на уредувачката политика на јавниот сервис
  • Се предлага трајно и стабилно финансирање преку укинување на радиодифузната такса и финансирање од Буџетот на РМ во висина од 1 посто од неговиот износ, при што 0,75 отсто се наменети за МРТ, а другиот дел за Македонската радио дифузија и за Агенцијата за медиуми
  • Се укинуваат сите обврски на медиумите во однос на продукција на музичка, играна и документарна програма и нивно задолжително емитување, но истовремено се укинуваат и субвенциите по овој основ што беа исплаќани од буџетски пари
  • Се намалуваат казните за медиуми на половина од постојните износи

Сите овие суштински решенија се во целосна спротивност на политиката која што ја водеше ВМРО-ДПМНЕ кон електронските медиуми, т.е. телевизииите, вклучувајќи го и Јавниот сервис. Оттука, не може да стане збор ни приближно за принципилно становиште, ниту пак решение. Конечно во право се пратениците од СДСМ и премиерот Зоран Заев, кои изјавија дека предлогот е лицемерен, бидејќи, дури, и само ако зборуваме за  укинувањето на РДТ како нестабилен и проблематичен извор на финансирање (преку присила на извршната власт и блокади на сметки од УЈП кон граѓаните), тоа досега многу пати било побарано во Собранието во изминатите години, но ВМРО-ДПМНЕ секогаш биле против.

Втората непринципиелност и спин може да се види од тоа што сите овие решенија кои се наоѓаа(т) во измените на законот, беа и предлог на преговарачка маса само два месеца порана, во февруари 2016 година, со помош на посредникот Ван Хојте. Но, тогаш, истиот Димовски, жестоко ги отфрли, велејќи дека се неуставни и незаконски и дека со нив, Советот во Агенцијата за медиуми ќе се наполнел од претставници на невладини организации под капата на СОРОС!?

И конечно, третиот спин е дека СДСМ ветиле дека веднаш ќе ја укинат радиодифузната такса, а сега никаде ги немало.

Станува збор исто така за извртена вистина. Прво ветувањето за укинување на РДТ беше дадено со рок од, отприлика, во првите 100 дена од самиот Заев. Но, на интервјуто за МТВ неколку дена  откако стана премиер Заев појасни дека не може да ја укинат РДТ, а МРТ и вработените да останат без пари.

Покрај тоа, со датумите треба да се биде внимателен. Сообранието на РМ со новото парламентарно мнозинство започна да функционира неколку дена по крвавите настани од 27 април 2017 година. Што значи, се уште нема ни два и пол месеца, а не три, како што лошо пресметува Димовски. Второ, извршната власт беше формирана на 01 јуни, што значи од тогаш дека има поминато само еден месец и неколку дена, и трето, Владата веднаш го отвори како приоритетно прашање и реформата во медиумскиот простор, подржувајќи ги во основа предлозите од Ван Хојте и од петте организации, преточени во Законот кој минататат година беше отфрлен.

Тоа беше кажано и на средбата со претставниците на петте организации, и на средбата со Ван Хојте, кој беше гостин во Македонија минатата недела по покана од Здружението на новинари на Македонија, а се споменати и во вчера претставениот план „3-6-9“ на Владата, во делот на краткорочните мерки.

Самата изјава на Заев пак дека РДТ ќе се укине барем во четвртиот квартал, од септември или најдоцна од октомври, се уште кореспондира блиску со ветувањето од укинување на РДТ во рок од 100 дена. Но, работата е посуштинска.

Со ребалансот на буџетот треба да се планираат средства за нормално функционирање на јавниот сервис до крајот на годината од моментот кога ќе се укине РДТ. Ако преку таксата МРТ собираше секоја година околу 14 до 16 милиони евра, тоа значи дека Владата на РМ треба да смета дека треба да обезбеди најмалку неколку милиони евра (околу 5-6), за нормалнот функционирање на МРТ до крајот на годината и целосно преминување на буџетско финансирање од почетокот на идната година, што би значело на годишно ниво околу 33 милиони евра.

Оттука, во делот на изјавата на Димовски може да се препознае извртена вистина или спин. Ниту тие имаат принципиелен став кон медиумите, ниту во врска со РДТ, ако го предлагаат истиот закон од лани, ниту пак е точно дека СДСМ преку извршната власт никаде ја немало и ништо не прави на ова поле.

Се разбира, останува отворена претпоставката дека мотивот на ВМРО-ДПМНЕ можеби не е само во голата пропаганда, туку и во можноста некои од решенијата од лани предложениот закон сега да им се чинат одлични во поглед на дневно-политиките потреби, во споредба со можноста владата на СДСМ да направи измени од тој предлог. На пример во предлогот намсто со две третини, члновите на Советот на ААВМУ да се избираат со просто мнозинство…

Поради сите наведени аргументи, делови од изјавата на пратеникот Илија Димовски ги оценуваме како спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција