Контраспин: Закон за јазици – од толку „патриоти“ останавме без зборови

Многу „патриоти“, малку патриотизам. Фото: скриншот

Околу носењето на законот за употреба на јазиците, процес што само процедурално трае повеќе од 6 месеци, видовме многу „патриотизам“ и „патриоти“ од сите страни, по што голем дел од јавноста остана без зборови. Зашто „патриотите“ повторно ја отворија „црната дупка“ за која се мислеше дека е затрупана на први јуни минатата година и дека Македонија е на вистинскиот пат кон просперитетот

 

 

Околу носењето на законот за употреба на јазиците, процес што само процедурално трае повеќе од 6 месеци, видовме многу „патриотизам“ и „патриоти“ од сите страни, по што голем дел од јавноста остана без зборови. Зашто „патриотите“ повторно ја отворија „црната дупка“ за која се мислеше дека е затрупана на први јуни минатата година и дека Македонија е на вистинскиот пат кон просперитетот

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Законот за употреба на јазиците, кој вчера по втор пат беше изгласан во Собранието на РМ, беше проследен со повеќе изјави од засегнати страни кои ги оценуваме како извртени вистини или спинови:

Спин 1: Деловникот го спроведува претседателот на Собранието…точно е дека член 173, став 3 точно утврдува можност да се поднесат амандамни, но член 172… упатува дека законот ако нема да биде потпишан указот од претседателот се враќа во Собраниска процедура во трето читање. Член 164, став 2 од Деловникот децидно зборува дека во трето читање амандамни може да се достават само за делови кои што во второ читање биле изменети или пополнети со амандамни….

[Извор: НОВА – изјава на Џафери по изгласувањето на законот, датум: 14.03.2018]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

 

Контраспин: Претседателот на Собранието на РМ, Талат Џафери, се обидува да ја убеди јавноста дека изгласувањето на законот било според процедурата и дека деловникот бил испочитуван и дека, според тоа, се е во ред со усвојувањето на Законот што толку ја крена на нозе севкупната јавност.

Општата јавност со Џафери можеби и би можела да се согласи, но стручната јавност посочува дека има некој проблем, односно колизија помеѓу членовите 173 и 164 од Деловникот. Впрочем и писмото кое го упатил Џафери до пратениците, дека може да поднесуваат амандмани откако претседателот Ѓорѓе Иванов го врати законот во Собранието, е еден од доказите за контрадикторноста на собранискиот деловник.

Но, таа контрадикторност не е најважна во целата работа. Моментот на демократската процедура, на водење на политичките расправи во Собранието, а не на улица и дебатите за што поквалитетни законски решенија, изостанаа. Впрочем, филибастерингот на Џафери од 2012 г., кога се направи обид да се носи Закон за правата на бранителите, покажаа дека такво нешто е можно и демократски исправно и дека во тој случај тензиите остануваат во Парламентот, каде што им е и место, без оглед што голема категорија на граѓани на оваа земја беа оштетени.

Со овој закон за јазиците, не беше баш така. Од неговото поставување како услов за коалицирање и парламентарно мнозинство, до неисполнетите ветувања дека ќе биде испратен на преоценка до Венецијанската комисија, до неотворањето поширока научна расправа, завршувајќи со европското знаменце на законот, со што амандамните во второто читање беа чиста фарса и изигрување на принципот паралментарна дебата.

Оттука, изјавите на Џафери дека сè било по деловникот се полувистина, извртена вистина, односно спин. Резултатот е зголемени меѓуетнички тензии, изгубена доверба во правната процедура, можност за блокада на најмалку две институции.

 

ВМРО-ДПМНЕ ГЛЕДА СЛАМКА ЗА СПАС

Спин2:  Само затоа што две партии меѓу себе се договориле, изгласаа закон кој е неуставен, неприменлив и штетен. Договор меѓу две партии СДСМ и ДУИ, но тоа не е и договор прифатен и одобрен од граѓаните. Не е погазено само правото, ваквиот чекор на носење на противуставен закон е удар и врз соживотот, некој свесно нè втурнува одново во непосакувано сценарио, во кое влогот е Република Македонија.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Изјава на Христијан Мицкоски, датум: 14.03.2018]

Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ и новиот лидер Христијан Мицкоски зборуваат за две партиии, СДСМ и ДУИ кои се договориле за законот и го изгласале иако е неприменлив, штетен и противуставен, но тоа не било договор прифатен и одобрен од граѓаните!?

Мицкоски и неговиот поранешен лидер често се повикуваат на граѓаните сега откако се во опозиција и тие најдобро знаат што мислеле граѓаните, но забораваат дека граѓаните, дури и вчера, не излегоа масовно да ги подржат пред Парламентот и пред Владата.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја добија пораката од граѓаните и на вонредните парламентарни избори (тоа беше уште и добра порака), но особено ја добија на локалните избори од пред неколку месеци. Мицкоски, а особено Никола Груевски (кој вчера се обиде како боксер од перолесна, а автократ од тешка категорија да ја реши работата со обид за тепачка), белким не мислат дека граѓаните заборавиле колку ним „им биле битни“ во периодот од 2006-2017 година.

Граѓаните не беа прашувани ама баш за ништо за време на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Дури ни за амнестијата на хашките случаи, ниту, пак, за претходните закони за јазииците од 2008 и 2011 година. Во Собранието си прегласуваа со мнозинство сè што ќе си посакаа, со полиција исфрлаа пратеници и новинари, направија притоа крш од законодавниот процес и законите, ја урнисаа правната држава, го урнисаа судството и медиумите и згора на сè, станаа најбогата партија во Европа со проценет имот од 60-тина милиони евра и партија со еден куп рекетирани или клиентелизирани тајкуни.

Оттука, а имајќи ги предвид обвиненијата и судските процеси и од СЈО и по основ на истрагата за 27 април 2017 година, нема сомневање дека кревањето „патриотска галама“ за Законот за употреба на јазиците е само една убава сламка за спас што ја гледаат и Груевски и Мицкоски и за партијата и особено за поединци и нема некоја подлабо врска со искрени намери околу некаква загриженост за судбината на државата. Затоа, цениме дека станува збоор за спин.

 

ИВАНОВ АКО ИМА ПРОБЛЕМ СО СОВЕСТА НЕКА СИ ДАДЕ ОСТАВКА

Спин3: И по својата репресивна содржина, и по насилниот начин на кој е донесен, овој закон не е израз на демократијата. Овој закон е израз на тиранијата на парламентарното мнозинство врз мнозинството граѓани на Република Македонија…Како Претседател на Република Македонија јас ова нема да го дозволам.

Затоа, нема да потпишам Указ за прогласување на закон кој е донесен на ваков начин…Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на Указ за прогласување на ваков закон.

[Извор: Претседател на РМ – Обраќање на Ѓорѓе Иванов, датум: 14.03.2018]

Контраспин: Претседателот Иванов продолжува со манирите на извртување на вистината и спинување на јавноста, многу често забележано и од „Вистиномер“. Овој пат, тој вели дека Уставот и совеста не му дозволувале да го потпише законот. Притоа, истакнува дека е загрижен дека ваквото изгласување на Законот ќе доведе до блокада на институциите… и дека станува збор за тиранија на парламентарното мнозинство….

Ако е навистина загрижен за блокада на институциите и ако навистина има проблем со совеста и е убеден во неуставноста на законот, најдбро што може да стори е да си поднесе оставка на функцијата. Само така ќе придонесе да не се блокираат институциите. Вака, како што стојат работите, тој нема да го потпише, иако му налага Уставот на РМ, ќе го блокира процесот на коахабитација, која и онака едвај се одржуваше, ќе го блокира Собранието, бидејќи ќе отвори можности за бојкот од сите страни, ќе ги дозагрее меѓуетничките тензии…

Претседателот Иванов имаше можности, откако го врати Законот во Собранието, да ги свика главните политички партии и да се обиде да ги натера на политички договор, но тоа не го стори. Претседателот Иванов имаше можност (неуставна) и да не му го даде мандатот на Зоран Заев и да поднесе оставка, но не го стори тоа. Бил излажан од Заев, вели сега!? Претседателот Иванов имаше можност и порано да се сети на тиранијата на мнозинството врз малцинството во Собранието, како и на тиранија на парламентарното мнозинство врз мнозинството граѓани и да ги осуди сите уривања на уставниот поредок, да не потпишува неуставни закони и претходно, но никогаш не го сторил тоа за досегашниот осумгодишен мандат…

Затоа, ова што го зборува сега Иванов е извртување на вистината односно спин. Мотивите тој си ги знае, а последиците ќе ги почуствува секој граѓнин на Македонија.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.