Не е вистина дека претседателот на државата нема никакви ингеренции

Претседателска вила на Водно Фото: pretsedatel.mk

Објавата неточно тврди дека претседателот нема никакви надлежности и дека за сè треба да го прашува премиерт. Претседателот на Република Северна Македонија ја претставува Републиката и е врховен командант на вооружените сили. Во Членот 84 од Уставот се јасно дефинирани неговите надлежности, претседателот, на пример: го врачува мандатот за состав на Владата, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и специјалните пратеници во странство, предлага двајца судии на Уставниот суд,  двајца членови на Судскиот совет, гувернер на Народната банка …

Објавата неточно тврди дека претседателот нема никакви надлежности и дека за сè треба да го прашува премиерот. Претседателот на Република Северна Македонија ја претставува Републиката и е врховен командант на вооружените сили. Во Членот 84 од Уставот се јасно дефинирани неговите надлежности, претседателот, на пример: го врачува мандатот за состав на Владата, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и специјалните пратеници во странство, предлага двајца судии на Уставниот суд,  двајца членови на Судскиот совет, гувернер на Народната банка …

 

Објава на социјалната мрежа Тредс тврди дека претседателот на Македонија нема никакви ингеренции и надлежности и дека за сè треба да го праша премиерот. Ова е невистина.

Кои промени бе претседателот во Македонија нема ингеренции во WC да отиде без да го праша премиерот, пишува во објавата.

Неколку дена пред вториот круг на претседателски избори на коишто треба да се избере седми по ред претседател на С.Македонија, на социјалната мрежа Тредс се шири неточно тврдење дека според функцијата, претседателот нема никакви надлежности. Исто така, се вели дека претседателот за сè треба да го праша премиерот. Ова не е вистина.

Претседателот на Република Северна Македонија ја претставува Републиката и е врховен командант на вооружените сили. Своите права и должности претседателот на Републиката ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Членот 84 од Уставот на државата, којшто е највисок правен акт, ги определува надлежностите на претседателот на државата. За овие надлежности, претседателот е сам одговорен и не мора да го прашува ниту премиерот, како што се тврди во објавата, ниту Собранието.

Претседателот на Република Северна Македонија:

  • го врачува мандатот за состав на Владата на Република Северна Македонија;
  • ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и специјалните пратеници на Република Северна Македонија во странство;
  • ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;
  • предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија, кои ги избира Собранието на Република Северна Македонија;
  • предлага двајца членови на Судскиот совет, кои ги избира Собранието на Република Северна Македонија;
  • предлага Гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија, кој го именува Собранието на Република Северна Македонија;
  • именува и разрешува директор на Агенцијата за разузнавање;
  • поставува и разрешува Началник на Генералштабот на Армијата;
  • именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Северна Македонија;
  • именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;
  • доделува одликувања и признанија во согласност со закон;
  • дава помилување во согласност со закон и врши други функции утврдени со Уставот.

Претседателот на Републиката е и претседател на Советот за безбедност на  С. Македонија, а оваа фукнција е уредена со Членот 86 од Уставот:

Советот за безбедност на Републиката го сочинуваат: претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, министрите кои раководат со органите на државната управа во областите на безбедноста, одбраната и надворешните работи и тројца членови кои ги именува претседателот на Републиката. Советот ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и Владата.

Претседателот има и надлежности при носењето закони, односно има право на вето на стапување во сила на одреден закон. Иако ова вето е суспензивно, а не апсолутно како во земјите коишто имаат претседателски систем, сепак му дава одредени можности на претседателот, а ова се регулира со член 75 од Уставот.

Законите се прогласуваат со указ. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

С.Македонија е парламентарна демократија и има паралементарен систем во којшто има флексибилна поделба на власта, односно законодавната и извршната власт (на чело со премиерот) се рамноправни меѓу себе. Од друга страна, пак, претседателски систем е вид на претставничка демократија во која Претседателот на Републиката, покрај шефот на државата, е и шеф на владата. Владата зависи од Претседателот на Републиката на која тој одговара, наспроти парламентарната демократија во која владата мора да има доверба од парламентот.

Иако С.Македонија не е претседателски систем, каде што претседателот на државата е и шеф на извршната власт и има широк спектар на надлежности, сепак не е вистина дека претседателот нема никакви надлежности или дека за сè треба да го прашува премиерт, како што се тврди во објавата која ја рецензираме.

Имајќи го предвид сето ова, објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција