Македонската економија е пропадната само во реториката на ВМРО-ДПМНЕ и никаде на друго место

Димче Арсовски, ВМРО-ДПМНЕ: „Економијата е пропадната“, а државата „ќе крахира“. Фото: принтскрин

Ниту македонската економија е пропадната, ниту се наоѓа во алармантна ситуација, ниту, пак, ниското ниво на исполнетост на капиталните инвестиции е некаков показател дека таа „ќе крахира“

 

Ниту македонската економија е пропадната, ниту државата се наоѓа во алармантна ситуација, ниту, пак, ниското ниво на исполнетост на капиталните инвестиции е некаков показател дека таа „ќе крахира“

 

Следнава изјава на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, дадена на денешната партиска прес конференција, ја сметаме за комплетно невистинита:

Ако се земе предвид дека капиталните инвестиции се основа за раст на една економија, тогаш после денешниот извештај на Министерството за финансии каде што капиталните расходи се 21.33%, во првите седум месеци, мора да си признаеме дека нашата економија е пропадната, а државата се наоѓа во алармантна ситуација и ќе крахира, обвинува Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

[Извор: Арсовски: За 7 месеци, економското трио Заев, Тевдовски, Анѓушев успеа да ја крахира македонската економија, датум: 27.08.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Нема држава со пазарна економија во светот која пропаднала затоа што имала пад на јавните инвестиции во период од 7 месеци. ВМРО-ДПМНЕ повторно ја прави истата грешка како и секогаш кога говори за економијата на своите прес конференции и од краткорочни статистички податоци извлекува преувеличени заклучоци кои се однесуваат на долгорочни појави. Периодот од 7 месеци е едноставно прекраток за да може да се оцени што ќе се случи со јавните капитални инвестиции, каков ќе биде нивниот подолгорочен тренд и како тој ќе влијае врз економијата. Сосема друго прашање е дали македонската економија може воопшто да пропадне ако јавните капитални инвестиции се намалат значително, па макар и во подолг период.

Капиталните инвестиции се основа за раст на една економија“ се вели на почетокот на пресот. Ова не е точно. Овде не станува збор за вкупните капитални инвестиции, туку само за јавните капитални инвестиции кои се финансирани од буџетот. Приватните капитални инвестиции – домашните и странските, се далеку поважни за националната економија. Многу е поважно тие да се држат на стабилно ниво или, уште подобро, да растат. Во Македонија сме имале само странски директни инвестиции во износи од 400 и 500 милиони евра годишно и во тие години овие инвестиции биле повеќекратно поголеми од јавните капитални инвестиции. Да не говориме, пак, за домашните капитални инвестиции на приватните бизниси. И конечно, јавните капитални инвестиции годинава се предвидени на нивото од 390 милиони евра од кои околу 80 милиони евра се веќе остварени. Преостанатите 310 милиони евра претставуваат само нешто околу 3% од македонскиот бруто домашен производ од 10,1 милијарди евра во 2017 година (номинален), а ниедна економија не пропаднала ако нејзиниот бруто домашен производ (БДП) падне 3 отсто заради намалените јавни капитални инвестиции. Ова е под претпоставка ако Владата до крајот на годината не потроши ни денар на јавните капитални инвестиции. Што е многу малку веројатно, односно неверојатно. Со оглед на тоа колкав е предвидениот износ на јавните капитални инвестиции и колку е мал нивниот износ во однос на вкупниот БДП на земјата, смешно е да се сугерира дека економијата ќе пропаднела заради нивниот 7-месечен пад, без разлика и колкав и да е.

Понатаму, не е невообичаено во земјава парите за јавните капитални инвестиции да се потрошат во втората половина од годината, кога ќе се види како одат работите во националната економија и кога Владата ќе има појасна слика за фискалниот простор кој ѝ стои на располагање, односно кога ќе осознае колку пари навистина може да потроши за оваа намена. На пример, во првите 7 месеци од 2016 година биле потрошени исто само 35,2% од предвидените средства за оваа намена, што е нешто повеќе од сегашните 22,13%, но не е ништо значајно повеќе. До крајот на 2016 година, се потрошија 76% од вкупно предвидените средства за оваа намена.

И на крајот треба да се каже следново. Арсовски прави забуна. Имено, вака како што се изразува, сака да создаде впечаток кај јавноста дека ако парите не се потрошени за капитални инвестиции, тие како да испариле или како Владата да ги крие од граѓаните во некој сеф и како да не сака да ги пушти во економијата. Но, тоа едноставно не е така. Тоа што парите не се потрошени на капитални инвестиции, не значи дека тие не влегле во економијата, дека не циркулираат и дека нема да придонесат кон БДП за годинава. Вкупните буџетски приходи во првите 7 месеци изнесуваат 54,9% од предвидените за цела година, а расходите 53,72% од предвидените за цела година. Тоа значи дека парите се трошат според предвидената динамика и онака како што се полни буџетот. Дел од нив се потрошени за други намени, но тие повторно се влезени во националната економија. Табелата долу покажува колкав процент од предвидените буџетски расходи за цела година се потрошени за 7 месеци:

Секој процент над 58,33 отсто ја натфрлил предвидената потрошувачка за 7 месеци. Такви натфрлања има кај Агенцијата за вработување, здравствената заштита, социјалната помош, итн, што значи дека буџетските пари циркулираат во економијата и никој не ги чува под перница. За жал, најголемо натфрлање има кај каматите по надворешен долг, односно каматите што ги плаќаме кај странските кредитори за јавниот долг кон странство. На оваа ставка се потрошени 70,16% од предвидените средства за цела година. А, многу добро знаеме кој е најдоговорен за тој долг и кој го зголеми за цели 3 милијарди и 30 милиони евра од средината на 2006 до средината на 2017 година – владите на ВМРО-ДПМНЕ.

Имајќи го сето ова предвид, изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, за наводната пропаст, крах и каква се не друга катастрофа која наводно ѝ се случила, ѝ се случува и ќе ѝ се случела на македонската економија и држава ја сметаме за невистинита.

 

Оцени: Владимир Петрески

 

ИЗВОРИ:

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.