МРТ на хартија го обезбеди професионализмот

На хартија се изгледа убаво. Фото: FOSIM/ flickr

Македонската радио телевизија (МРТ), засега е единствениот радиодифузер кој состави и прифати два клучни документи кои треба да бидат водич и гаранција на новинарите и уредниците од јавниот сервис за професионално покривање на изборите. Останува идната пракса да ја потврди декларативната определба, бидејќи професионализмот во известувањето на МРТ, особено при изборите, беше прашање на случајност и инцидент, а не на стандард

 

Македонската радио телевизија (МРТ), засега е единствениот радиодифузер кој состави и прифати два клучни документи кои треба да бидат водич и гаранција на новинарите и уредниците од јавниот сервис за професионално покривање на изборите. Останува идната пракса да ја потврди декларативната определба, бидејќи професионализмот во известувањето на МРТ, особено при изборите, беше прашање на случајност и инцидент, а не на стандард

 

Пишува: Тео Блажевски

 

Етички и професионални принципи на МРТ за медиумско покривање на изборни процеси“ е новиот документ кој со помош на домашни и странски експерти беше изготвен и прифатен од јавниот сервис и кој треба да биде еден вид кодекс за однесување при претстојните избори на новинарите и уредниците на МРТ. Овој документ заедно со неодамна составените Правила за известување при избори, се клучните два документи по кои јавниот сервис треба да се води при покривањето на овие и не само на овие избори.

Етичките и професионалните стандарди се изготвени по примерот на слични вакви правила во еден од најсилните и најпознатите јавни сервиси во светот Би-Би-Си, но и според многу други документи.

Бевме определени да создадеме документ кој се потпира на најдобрите практики на известување за време на избори, особено фокусирајќи се на практиката на британскиот сервис Би-Би-Си, стандардите на Репортери без граници, Артикл 19, ОБСЕ и УНЕСКО. Освен тоа, земени се предвид стандардите и начелата до кои треба да се придржуваат јавниот радиодифузен сервис и новинарите, уредниците и другите вработени во МРТ при производството и обезбедувањето радио и телевизиски програми утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, обврските МРТ да обезбеди правично, урамнотежено и непристрасно покривање на изборите во својата вкупна програма, утврдени во Изборниот законик; Кодексот на новинарите на Република Македонија;  и етичките правила и стандарди на МРТ – изјави Марина Тунева, член на работната група од експерти при составување на кодексот.

Документот е поделен на три целини:

  • Професионални и етички принципи  кои треба да бидат во сржта на новинарската работа и новинарските продукти при покривање на изборните процеси (урамнотеженост и непристрасност, правичност при претставувањето на кандидатите, точност и проверка на информациите, прецизност и контекст, разграничување меѓу факти и мислења, покривање на активностите на власта во изборен период, говор на омраза и потпалувачки говор, известување за испитување на јавното мислење, изборен молк и право на исправка и одговор)
  • Личен интегритет и општествена одговорност на новинарите (што подразбира новинарите да ја извршуваат својата работа професионално и чесно, да се дистанцираат од центрите на моќ, било политички, било економски, да немаат конфликт на интереси, да бидат свесни за моќта на нивните зборови и што може да предизвикаат, да не го злоупотребуваат медиумот за лични или други интереси и да не го рушат угледот на медиумот).
  • Придонес од публиката и учесниците во изборите. МРТ мора да ја негува и да ја развива својата комуникација со публиката преку различни канали, вклучувајќи ги и новите начини на комуникација преку интернет и социјалните мрежи. Публиката може да биде извор на информации, кои не смеат да се земат како веродостојни, туку прво треба да се проверат. А секогаш кога се употребуваат нечии материјали, тоа треба јасно да се назначи, изјави Тунева на претставувањето.

 

ХАРТИЈАТА ТРПИ СÈ

Велат дека хартијата трпи сè. Во случај со документите на МРТ е така, добри документи, а непотврдена пракса, вели Дејан Георгиевски, претседател на невладината организација Центар за развој на медиуми (ЦРМ), која со години се занимава токму и со праксата на МРТ како јавен сервис. Тој смета дека документот „во основа е многу добар документ“ и „ако се применува целосно, ќе ги оствари своите цели, односно ќе обезбеди фер, рамноправно, балансирано, објективно и неутрално известување за изборите“.

Георгиевски, го гледа документот и пошироко, односно не само за изборите, што е потврда за универзалноста на стандардите наведени во него.

Ако се изземат деловите што се однесуваат стриктно на изборите, тој документ ги содржи сите принципи и начела, и начини на однесување што треба да го водат известувањето на МРТ како јавен радиодифузен сервис во секојдневната работа. МРТ би требало истите тие правила да ги применува и во своето секојдневно известување, а не само за време на изборите, затоа што таквиот начин на известување ќе овозможи да ја оствари својата законски дефинирана мисија, како и обврските што се однесуваат на иавестувањето од член 110 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Гордана Дувњак, новинар и член на Советот на честа при Здружението на новинари на Македонија, исто така, смета дека праксата е онаа што треба да ги потврди добрите документи, за кои вели дека не секогаш треба да бидат детални и да одат до најмали ситници.

Работната група  што работела на Правилникот на МТВ за етичките и професионални принципи за покривање на изборите, верувам дека се потрудила при пишувањето на текстот и успеала да пронајде и вгради добри меѓународни практики, но и домашни искуства. Дури и претерала во пишувањето.Текстот е преобемен (3о-тина страници), навлегува во ситни детаљи и дефинирања, па дури и во непотребни конкретизирања, кои се подразбираат и треба да се одлика на секоја професионална и објективна новинарска куќа, а особено за јавен сервис. На места Правилникот „боледува“ и од непотребна фразиологија од типот: „уредниците и новинарите мора да имаат предвид дека довербата тешко се стекнува, а лесно се губи“. Но, нашава државичка никогаш немала проблем со законски нормирања и смислување на правила. И онака: „хартијата трпи севели Дувњак.

И Дувњак смета дека етичките и професионалните стандарди во документот треба да се применуваат постојано, а не само при избори.

Збунува и констатацијата дека  „МРТ  ќе ги  применува овие етички и професионални принципи од распишувањето на изборите до нивното завршување“. Што значи тоа? Дека пред и после им е дозволено да бидат непрофесионални и во функција на политички интереси?? Ако е така, однапред е изгубена битката! – вели Дувњак.

 

ПРАВИЛАТА ВО КОНФЛИКТ СО ЕТИЧКИТЕ СТАНДАРДИ?

При крајот на декември минатата година МРТ ги претстави и Правилата за медиумско покривање на изборните процеси. „Вистиномер“ веќе пишуваше за овој документ, кој сега може да се согледа во целина заедно со Етичките правила.

Соговорниците иако велат дека генерално правилата се добри, тие со неколку забелешки практично ги оценуваат како послаб документ од „кодексот“, т.е. од етичките правила.

Што се однесува до Правилата за медиумско покривање на изборни процеси, може да се забележи дека тие главно претставуваат разработка на законските обврски, пред сè, од Изборниот законик, и се однесуваат на сите изборни процеси, а не само на претстојните парламентарни избори: наведување на вестите и емисиите што ќе се користат за известување за изборите; правилата за бесплатно политичко претставување; и сл.  – вели Ѓеоргиевски од ЦРМ.

Според него, за поздравување е покривањето на независните кандидати, обврската за дебатни емисии, поделба на времето по рамноправен принцип, внимателност при покривање на јавните функционери во нивните државни активности за време на предизборниот и изборниот период и слично:

Правилата содржат и одредби за покривањето на активностите на владините функционери, со упатства што би требало да спречат користење на редовните активности за партиска промоција (користење на жанрот „вест“ и слично). Сепак, во одредбата дека „посодржаен третман ќе добијат само активностите и темите од поширок јавен интерес“ би требало да наведат и таксативно наведување кои би биле тие теми и активности, а и според кои критериуми ќе се определува кои теми и активности се од „поширок јавен интерес“.

Многу покритичен кон Правилата е комуникологот д-р Сефер Тахири, професор на Штуловиот универзитет, кој го проблематизира дури и времето на покривање на изборите само во попладневните и вечерните дневници, со што се ускратува правото на оние што се информираат претпладне и на пладне. И Тахири забележува неконсеквентност во делот за информирање за редовните државни активности, со посебен осврт на снимките за истите:

Не е прецизирано дека ќе има неутралност во поглед на употребата на снимките од таквите активности, имајќи ја предвид обврската од член 76-а став 12 од Изборниот законик, која пропишува дека од денот на распишување на изборите до нивното завршување, известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на Градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања, не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект.

Тој воедно смета дека времето што го предвидува јавниот сервис за дебати е многу мало, т.е. недоволно.

Во согласност со својата обврска од член 76-а став 11, МРТ на Првиот телевизиски програмски сервис ќе емитува дебатни програми еднаш неделно, од денот на распишување на изборите до изборниот молк. Тоа значи дека ќе има многу малку дебати, бидејќи кампањата трае 20 дена. Спротивно на ова, дебати треба да има секој работен ден. 

Професорот остро ја напаѓа и одредбата дека МРТ при дебатните емисии предвидел од партиите да бара како најниско учество по функција да испраќаат претседатели на ресорни партиски комисии:

МРТ препорачува најниско ниво за учесник да биде претседател на ресорна партиска комисија. Глупост! МРТ не може да се меша кого партиите ќе предложат како учесник во дебатата.

Овие забелешки на соговорнците укажуваат дека непрецизните Правила во некои делови, може да ги доведат во конфликт уредниците и новинарите при следењето на Етичките правила и стандарди, бидејќи светските стандарди може да се срушат случајно или намерно и со само еден погрешно избран кадар при претставување на државни активности во вестите, на пример.

 

ДОБРИ ДОКУМЕНТИ КОИ ЈА ЧЕКААТ ПРАКСАТА

Сепак, нема сомневање дека генерално станува збор за добри документи, кои ја чекаат праксата на уредниците и новинарите во јавниот сервис, за да го издржат тестот на времето.

Се работи за на хартија многу добри документи што поставуваат добри основи за вистинско, целосно, фер, непристрасно и избалансирано известување за изборите. Сепак, остануваат отворени неколку прашања, а пред сè, кој ќе се грижи и ќе го надгледува неговото доследно спроведување и почитување, односно со кои инструменти ќе се обезбеди неговото почитување и какви инструменти ќе имаат на располагање граѓаните доколку забележат или сакаат да пријават прекршоци на одредбите наведени во документот – вели Георгиевски.

Тој додава дека „МРТ и досега имаше законски и етички обврски да обезбеди фер, целосно, непристрасно, балансирано и објективно известување, и не само за изборите, па постојано, благо речено, потфрлаше во остварувањето на тој најзначаен дел од нејзината мисија“.

Гордана Дувњак, исто така, смета дека ниту е прблемот во документите, ниту во неедуцираните новинари.

Проблемот  не е во професионалноста на новинарите, бидејќи тврдам дека и досега таму работеа и  сè уште работат  професионални новинари, кои добро го познаваат  Етичкиот кодекс  и како треба квалитетно и професионално да се известува за време на изборите.

Таа прецизно го лоцира проблемот во политиката, т.е во желбата на политичките елити да ги контролираат медиумите.

„Рибата смрди од главата“. И сè додека партиите не ги тргнат рацете од раководењето со јавниот сервис и на чело на јавниот сервис не дојдат професионални новинари со интегритет, кои ја почитуваат и сакаат професијата и нема да дозволат  да бидат послушници и агитатори, нема ништо од декларираната етичност и професионалност – заклучува Дувњак.

Впрочем, оваа констатација на Дувњак и на многу други новинари кои сè уште веруваат и во вредностите на професионалното новинарство и во улогата на слободните медиуми во општеството, неодамна ја искажа и медијаторот Ванхојте и самиот поранешен новинар, кој за „Вистиномер“ изјави:

Наспроти волјата од многу новинари и медиуми за помалку рестриктивност и за засилување на слободниот медиумски простор, искажана во изминатите неколку месеци, клучните политички играчи се плашат да дозволат таков независен простор.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција