Надлежните не молчеа за наводниот инцидент со кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ

Марио Цветковски Фото: vmro-dpmne.org.mk

 

Марио Цветковски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на 25.09.2017 година одржа прес-конференција на која го обвини СДСМ дека, „соочен со пораз на следните локални избори, прибегнува кон тешки и опасни злоупотреби на полицијата“.

Поминаа три дена и има целосен молк од надлежните откако кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ беше малтретиран без никаква причина.

[Извор: Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ, датум: 25.09.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Марио Цветковски, дека налдежните молчеле три дена за наводниот инцидент со кандидатот за градоначалник од оваа партија, ја сметаме за невистинита.

Имено, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на 22.09.2017 година, обвини дека полицаец му вперил пиштол на кандидат за градоначалник.

На кандидат за градоначалник му беше вперен пиштол од полицаец затоа што е од друга политички опција спротивна на СДС, пренесе Фокус.

Притоа, од ВМРО-ДПМНЕ не открија за кој кандидат станува збор и што точно, наводно, се случило.

Три дена подоцна, на 25.09.2017 година, Марио Цветковски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека поминале три дена и имало целосен молк од надлежните откако кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ бил малтретиран без никаква причина.

Ваквото тврдење на Цветковски не е точно, бидејќи МВР уште истиот ден, кога ВМРО-ДПМНЕ обвини за наводен таков инцидент, односно на 22.09.2017, излезе со реакција и демант на таквите наводи.

Невистина е и пласираната вест дека полициски службеник му вперил пиштол во глава на лицето М.Ј.. Денеска, при извршувањето на своите работни задачи полициски службеници се обиделе да сопрат возило „Мерцедес“, кое со голема брзина се движело по бул. Александар Македонски во Скопје. На дадениот знак возилото не застанало, по што полицајците со возило на МВР тргнале по „Мерцедесот“ со намера да го сопрат. По извесно време „Мерцедесот“ бил стигнат и запрен од страна на полициските службеници и согласно процедурите се побарани документи од сите четири лица кои биле во возилото, а меѓу нив бил и М.Ј. . Полициските службеници ги прашале овие лица дали носат нешто недозволено или оружје, на што М.Ј. пријавил дека носи пиштол со дозвола, по што е направена проверка и утврдено е дека М.Ј. има дозвола за пиштолот. Додека полициските службеници ја вршеле проверката, во близина запрело друго возило, од кое излегле две лица, од кои лицето О.А. почнало дa ги навредува полицајците. МВР постапува единствено согласно законите и укажуваме дека ширењето шпекулации и невистини не е во интерес на граѓаните, истакнаа од МВР.

Значи, МВР излезе со официјално соопштение за тоа што се случило, притоа демантирајќи дека на некого му било вперен пиштол. Според соопштението на МВР, полицијата извршила редовна контрола и постапила согласно законите.

Согласно тоа, можеме да заклучиме дека изјавата на Цветковски дека надлежните молчеле во врска со наводниот инцидент, не е вистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција