Не е донесена Стратегија за развој на активниот туризам

Кањон Матка - Фото: commons.wikimedia

 

ВЕТУВАЊЕ: Ќе подготвиме стратегија за развој на активниот туризам.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, стр.212, датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ во својата изборна програма во 2016 година, „План за живот во Македонија“,на стр. 212, вети дека за шест месеци од формирањето на Владата ќе донесе Стратегија за развој на активниот туризам. Но, сепак и по изминување на една година и шест месеци од преземањето на власта, ветувањето не е исполнето – Владата нема донесено ваква стратегија.

Не е донесена ниту Стратегија за развој на туризмот. Она што може да се најде на веб-страницата на Министерството за економија кое е одговорно за донесување на стратегиите во овој сектор, е нацрт Стратегија за туризам – Национална стратегија за туризам во Република Македонија за 2016-2021 година, која е во нацрт верзија од април 2016 година.

Стратегија за развој на активниот туризам не може да се најде ниту меѓу материјалите на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во одделот стратегии и подстратегии.

На ваквата состојба подолг период реагира Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија. Претседателката на Здружението Соња Бибановска, деновиве на Форум на тема: „СТРАТЕШКИ РАЗВОЈ НА ТУРИЗМОТ И ЕФЕКТИТЕ НА ДРЖАВНАТА ПОЛИТИКА ЗА НЕГОВА ПОДДРШКА“ , кој се одржа во Стопанската комора изјави:

Веќе трета година секторот функционира без стратегија, бидејќи претходната беше со важност до 2015 година, а постојниот документ е само во форма на финална верзија, за кој бизнис секторот има свои забелешки и констатации зошто не може да биде официјален документ кој ќе поттикне раст и развој на дејноста (Бибановска).

Државниот секретар во Министерството за економија , Зоран Павловски на истиот форум и во изјава за медиумите потоа рече дека е во тек подготовка на Стратегија за туризам, но не посочи дали се размислува за изготвување на Стратегија за развој на активен туризам.

Во владина процедура е донесување на стратегија за туризам со акционен план до 2020 година. Со Светската банка паралелно се работи и на долгорочна стратегија за одржлив туризам до 2030 година (Павловски).

Тој најави дека во рамки на стратегијата за туризам се размислува за развој на повеќе видови туризам во земјата.

Моментно работиме на подготовка на 20-тина мерки за развој на масовниот туризам но во план се и изготвување стратешки анализи за развој на одделни сегменти како онаа што веќе е во функција за спелеологијата, но не ги забораваме ниту алтернативниот туризам, руралниот, еко-туризмот (Павловски).

Да споменеме дека Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија и покрај тоа што нема изготвено Стратегија за активен туризам го промовира активниот туризам на повеќе Саемски манифестации. Последниот каде што беше промовиран овој вид туризам беше саемот за туризам Natour Alpe Adria во Љубљана, Словенија.

Сепак, како што подвлекуваат и туристичките работници, земјава не може да го развива туризмот, па и активниот, ако за тоа нема стратегија.

Имајќи го предвид сето ова, може да се каже дека СДСМ не го исполни ветувањето дека во првите шест месеци од формирањето на Владата ќе донесе Стратегија за развој на активен туризам.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Рада Исовска-Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција