Не е покрената иницијатива за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет

фото: freepik.es

 

Ќе покренеме иницијатива за уставни измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет.

[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр. 232 , датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во предизборието за предвремените парламентарни избори кои се одржаа во декември 2016 година, СДСМ вети дека во првите шест месеци од мандатот  „ ќе покрене иницијатива за уставни измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет“. Ова  ветување на социјалдемократите досега (20.08.2018), не е исполнето.

Споменатото изборно ветување  на СДСМ  е дадено  во нивната изборна програма: „План за живот во Македонија“  и го има на две места. Најнапред, тоа се споменува  на самиот почеток од Програмата  –  на стр.30, во  поглавјето „Контрола над власта“, каде во делот „Реформа на судскиот совет“ е наведено:

Судскиот совет треба да биде чувар и гарант на независноста на судството, а не продолжена рака на извршната власт. Со цел да ја исклучиме секоја можност за влијание на Владата врз судството, ќе покренеме иницијатива за уставни измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет. Заради поголема професионалност и совесност во работата на овој орган, ќе обезбедиме законска обврска за значителнатранспарентност во работата на Судскиот совет

 Истото е составен дел и од  „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“,   во делот „Правда, сигурност, контрола на власта“( стр.232).

Според рокот за реализација наведен во Изборната програма (првите шест месеци од мандатот), иницијатива за уставни измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет требаше да биде покрената најдоцна до крајот на ноември 2017 година (имајќи предвид дека новата Влада предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 г.).

Уставни реформи во Судскиот совет се споменуваат и во Програмата за работата на Владата ( 2017-2020 г.) ,   на стр. 22  во рамките на едно пошироко ветување  – „Пристап до правдата“, каде се истакнати заложби за  независно, департизирано и ефикасно судство

Сепак, наспроти ваквите планови, досега (20.08.2018) тоа не се случи, а нема ниту најави дека се подготвуваат вакви уставни корекции.

Ваква иницијатива  за менување на Уставот  не се споменува ниту во   отчетот  за работата на Владата во првата година од нејзиниот мандат, презентиран на 30.05.2018 година.

Сѐ уште е на сила уставното решение од 2005 година кога беа  усвоени уставните амандмани од  XX до XXX кои се однесуваат на делот на правосудството. Тогаш со  АМАНДМАН XXVIII  се замени членот 104 од Уставот, во кој е уреден составот на членовите на Судскиот совет и нивниот мандат. Во овој уставен челен е дефинирано дека:

Член 104 (АМАНДМАН XXVIII)

Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Советот го сочинуваат петнаесет члена.

 По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и министерот за правда.

Осум члена на Советот ги избираат судиите од своите редови. Тројца од избраните членови се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, при што ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Тројца членови на Советот избира Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Двајца членови на Советот предлага претседателот на Република Македонија, а изборот го врши Собранието на Република Македонија, од кои еден е припадник на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

 Членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Македонија, односно што ги предлага претседателот на Република Македонија се од редот на универзитетските професори по право, адвокатите и други истакнати правници.

Мандатот на избраните членови на Советот трае шест години, со право на уште еден избор.

 Условите и постапката за избор, како и основите и постапката за престанок на функцијата и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.

Функцијата избран член на Советот е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон.

Досега имаше единствено неуспешен обид  (преку измени на  Законот за судски совет)  на министерот за првада како член на Судскиот совет да му се одземе правото на глас. Тоа беше предвидено во Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, инициран од Владата во март оваа година. Но,  при усвојувањето на споменатите законски измени во Собранието (мај 2018),  по предлог на ВМРО-ДПМНЕ од Предлог- законот е избришан  членот, според кој министерот за правда и претседателот на Врховниот суд, како членови на Советот учествуваат во неговата работа, но без право на глас.

Имајќи предвид дека изборно проектираниот рок за покренување на иницијатива за уставни измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет, е поминат (ноември 2017 г.), а до моментот кога е пишуван овој текст (20.08.2018)  тоа не е сторено, споменатото ветување на СДСМ го оценуваме како неиспонето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.