Не се докапитализира Македонска банка за поддршка на развојот

Фото: Принтскрин колаж mbdp.com.mk

ВЕТУВАЊЕ: Македонската банка за поддршка на развојот (МБРП) ќе се докапитализира со цел да се зголеми кредитната поддршка и нејзината способност за реализација на гарантна шема.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, страна 242]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ и по скоро две години од изборот на Владата не го исполни ветувањето дека ќе ја докапитализира Македонската банка за поддршка на развојот (МБРП), со цел да се зголеми кредитната поддршка на компаниите и да се подобри способност за реализација на гарантна шема.

Ветувањето партијата го даде за парламентарните избори во 2016 година во „Планот за живот во Македонија“, во делот „План 24“(стр. 242).

На потребата за докапитализација на Македонска банка за поддршка на развојот со години инсистираат бизнис заедниците, бидејќи таа со својот основачки капитал од над 15 илјади евра нема капацитет да го следи бизнисот. Тие очекуваа нејзината реформата и зајакнување да биде една од приоритетните на Владата предводена од СДСМ.

За жал државната Македонска банка за поддршка на развојот не успеа да се трансформира на начин на кој ќе може да биде сериозна поддршка на домашните компании, преку поевтино кредитирање на компаниите, преку осигурување на извозот и другите инструменти кои се на располагање. Ќе ви кажам само еден пример. Една голема македонска извозна компанија извозот наместо во Македонија го осигурува преку словенечката развојна банка, изјави пред две години Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.(Капитал 25.05 2017).

Владата ова прашање го има планирано за реализација во својата Програма за работа за периодот 2017 -2020 година, но досега 07.03 2019 година, сѐ уште нема донесено никаква одлука во врска со докапитлаизација на МБПР.

Тоа може да се види и на веб-страницата на Македонската банка за поддршка на развојот каде што се поместени и документите со кои се регулира работењето на банката. Во Законот за Македонската банка за поддршка на развојот во членот 6 стои дека основачкиот капитал на банката изнесува 932.400.000 денари (15,2 милиони евра)

Овој член гласи:

(1) Почетниот капитал на МБПР изнесува 932.400.000,00 денари.
(2) Република Македонија може да го зголемува почетниот капитал на МБПР со уплата на средства од Буџетот на Република Македонија, како и од други средства на Република Македонија врз основа на одлука на Владата на Република Македонија. Зголемувањето се врши со соодветно зголемување на бројот на акциите на МБПР.
(3) Собранието на МБПР донесува одлука за зголемување на почетниот капитал која содржи износ на зголемувањето и број и род на акциите.
(4) Одлуката од ставот (3) на овој член има карактер на одлука за измена на Статутот на МБПР.
(5) Зголемувањето на почетниот капитал се запишува во трговскиот регистар што го води Централниот регистар на Република Македонија и се спроведува во Централниотдепозитар за хартии од вредност“ ( Закон за МБПР).

Дека и годинава нема да се докапитлаизира Македонската банка за поддршка на развојот може да се види и од Буџетот за 2019 година. Во него нема планирани пари ниту за зајакнување на капиталот на банката, а не е планирана ниту нејзина реформа.

Од погореизложеното може да се заклучи дека за близу две години од изборот на Владата, не е исполнето ветувањето дека ќе се докапитализира Македонската банка за поддршка на развојот (МБРП) .

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.